ЕУ го „наслика“ скопскиот Транспортен центар со пораки за еко-мобилност и за здрав животен стил

30.09.2020

Делегацијата на ЕУ му помогна на Градот Скопје да претвори дел од неговиот транспортен центар во урбан паркинг за велосипеди и на тој начин да одговори на потребите на велосипедистите, чиј број постојано се зголемува, особено во постојните услови поврзани со ковид-19. Муралот финансиран од ЕУ му дава посебен урбан шмек на местото и испраќа порака за подобра мобилност, спортски активности и за здрав животен стил.

 

Велоштад (кованица од велосипед и плоштад) е името на паркингот за велосипеди што беше отворен на 29 септември во рамките на Транспортниот центар – Скопје. Ова место треба да ги задоволи практичните потреби на велосипедистите, пред се’ за паркирање и сервисирање, кои доаѓаат во Центарот, во чии рамки се наоѓаат железничката и главната автобуска станица.

Отворањето на Велоштад го замени одбележувањето на Денот без возила откако годинава, поради ковид-19, не се одржа традиционалната велосипедска парада. Настанот ги обедини Европската недела на мобилност и Европската недела на спортот, чии слогани годинава се „Мобилност за сите со нула-емисии“ и „Биди активен“.  

Делегацијата на ЕУ го заокружи проектот (поддржан од германската Агенција за меѓународна соработка – ГИЗ) финансирајќи мурал, дело на тројца академски уметници: Сања Симоска, Сали Ертунц и Бранкица Јорданковска.

https://twitter.com/AmbassadorEU/status/1310941281657540613

Амбасадорот Дејвид Гир изјави дека муралот е само мал дел од значителната помош што ЕУ и’ ја обезбедува на Северна Македонија во областа на заштитата на животната средина.

„Возењето велосипед и пешачењето се едноставни, практични начини да останеме здрави и во добра форма, како и да придонесеме во постигнувањето на амбициозната цел на ЕУ континентот да стане јаглерод-неутрален до 2050 година. Бројот на велосипедисти во Скопје впечатливо се зголеми во периодов на корона. Но во делови од градот се’ уште недостига соодветна инфраструктура. Ја делам надежта на скопските велосипедисти дека наскоро ова ќе се промени“, рече амбасадорот. 

https://twitter.com/AmbassadorEU/status/1310939765680865281