18-ти состанок на Поткомитетот на Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Европската комисија и Северна Македонија за правда, слобода и безбедност

На 5-6 март 2024 година во Скопје се одржа 18-от состанокот на Поткомитетот за стабилизација и асоцијација за правда, слобода и безбедност меѓу Европската комисија и Северна Македонија. Со состанокот копретседаваа г. Алберто Камарата, вршител на должноста шеф на единицата за Албанија и Северна Македонија во Генералниот директорат за европска соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија и г-ѓа Ева Илиевска, раководител на Секторот за преговори и интеграција во ЕУ при Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија.

Поткомитетот го разгледа развојот на настаните во областите опфатени со Поглавјата 23 (Судство и основни права) и 24 (Правда, слобода и безбедност).

Потсетувајќи на оценката дадена во годишниот извештај за 2023 година, Комисијата ги повика властите на Северна Македонија да вложат постојани напори за да обезбедат независност, професионализам, транспарентност и непристрасност на судството. Властите на Северна Македонија ја претставија новата Развојната секторска стратегија за правосудството 2024-2028 година и нивните планови за следење на препораките од мисијата за стручна оценка од септември 2023 година за зајакнување на независноста, непристрасноста и кредибилитетот на Судскиот совет и за решавање на недостатоците во неговото функционирање. Комисијата ја истакна потребата да се подобрат досегашните резултати во борбата против корупцијата, особено на високо ниво. Комисијата ја повтори својата сериозна загриженост во врска со измените во Кривичниот законик усвоени во септември 2023 година, кои влијаеја, па дури и прекинаа бројни судски случаи на корупција на високо ниво, попречувајќи ја способноста на властите да ги истражат и гонат таквите дела.

Во врска со основните права, Комисијата ги повика властите да ги подобрат условите во затворите во согласност со препораките на Комитетот за спречување на тортура. Комисијата го охрабри спроведувањето на легислативата за спречување и заштита од дискриминација и за заштитата од семејно насилство и развојот на Национален акциски план за правата на децата. Иако го забележа усвојувањето на законот во јули 2023 година за усогласување со Директивата за медиуми (ЕУ) 2018/1808, Комисијата изрази загриженост за амандманите усвоени во февруари 2024 година, нагласувајќи ја потребата од континуирано усогласување со правото на ЕУ.

Што се однесува до внатрешните работи, Комисијата ја поздрави добрата соработка меѓу властите на Северна Македонија, земјите-членки и агенциите за спроведување на законот на ЕУ што води до резултати во борбата против организираниот криминал. Комисијата ги забележа заложбите на земјата да развие стратешки рамки и дополнително да го усогласи своето законодавство, и го охрабри усвојувањето на закони за враќање на имотот и лекови. Комисијата ги охрабри властите да ги подобрат административните капацитети особено во областа на спречување на перење пари, финансиски истраги, компјутерски криминал, трговија со огнено оружје. Комисијата ја подвлече важноста од зајакнување на заложбите против трговијата со луѓе.

За управување со границите, забележано е зголемување на соработката по стапувањето во сила на Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс).

Комисијата го поздрави напредокот постигнат во спроведување на Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот за Западен Балкан. Комисијата укажа на потребата за управување со мешаните миграциски текови земајќи ги предвид безбедносните и хуманитарните аспекти и ја поздрави добрата соработка со Фронтекс и ЕУАА. Потребни се дополнителни заложби за спроведување на постапките за азил во согласност со Заедничкиот европски систем за азил. Властите на Северна Македонија ја изразија својата посветеност да го забрзаат издавањето на нови пасоши.