Меѓувладина конференција за пристапување на Северна Македонија
![IGC](/sites/default/files/styles/hero_inside_content2/public/media/IGC2.jpg?itok=cu52rrrn)
Делегацијата на ЕУ ја предводеше Јан Липавски, министер за надворешни работи на Република Чешка, а Европската комисија ја претставуваше Оливер Вархеи, комесар за соседство и проширување. Делегацијата на Северна Македонија ја предводеше премиерот Димитар Ковачевски. „Денешниот почеток на процесот на пристапни преговори е убав ден за Северна Македонија и убав ден за ЕУ. Почетокот на преговорите е од заемна корист за Северна Македонија и ЕУ“, рече министерот Липавски.
Северна Македонија е веќе близок партнер на ЕУ во Процесот за стабилизација и асоцијација со Западен Балкан. ЕУ и Северна Македонија застанаа рамо до рамо во текот на пандемијата со ковид-19, како и пред неоправданата и неиспровоцирана воена агресија на Русија врз Украина и нејзиното влијание врз целиот европски континент. Како што соопшти Советот на 14 декември 2021 година, делегацијата на ЕУ ја поздрави континуираната одлучност на Северна Македонија да напредува во агендата на ЕУ-реформи и да испорачува видливи и одржливи резултати.
Делегацијата на ЕУ забележа дека Комисијата постигна напредок во спроведувањето и завршувањето на процесот на аналитичко испитување на законодавството на ЕУ и е подготвена благовремено да ги претстави резултатите за Северна Македонија. Врз основа на ова, ја покани Комисијата да продолжи да ја оценува подготвеноста на Северна Македонија за отворање преговори во конкретни области и да ги идентификува прашањата што најверојатно ќе се појават во преговорите, почнувајќи со кластерот „основни вредности“, кој, во согласност со Преговарачката рамка, ќе се отвори прв штом Северна Македонија ќе ги исполни релевантните критериуми договорени во Советот.
Воедно ЕУ особено го поздрави фактот што Северна Македонија целосно се приклучи кон заедничките надворешнополитички и безбедносни одлуки и изјави на ЕУ, и ја охрабри Северна Македонија да продолжи да го прави тоа.
Погледнете ги и овие линкови
https://ec.europa.eu/commission/presscorner/detail/en/STATEMENT_22_4602