Environment and climate change

Жозеп Борел: Регионалната соработка во Западен Балкан е клучна за помирување и за одржливо економско закрепнување

10/11/2020 - 18:49
News

На Самитот за Западен Балкан во Софија, кој се одржа на 10 ноември 2020 година, лидерите од регионот се согласија да ја зајакнат соработката со цел да создадат заеднички регионален пазар и да спроведат зелена и дигитална транзиција. ЕУ ги одобрува и поддржува овие определби, кои ќе придонесат за побрз социоекономски развој и ќе го забрзаат патот на регионот кон ЕУ.

 

Во своето обраќање на Самитот, високиот претставник на ЕУ/потпретседател Жозеп Борел рече: „Западен Балкан е во срцето на Европа и неговата иднина е во Европската Унија. Затоа нашиот ангажман беше и останува толку силен. Имаме заеднички интерес да го интегрираме Западен Балкан и да ги зајакнеме просперитетот, правдата и безбедноста на регионот“.

 

 

Лидерите од ЕУ и Западен Балкан го поздравија Економско-инвестицискиот план на ЕУ за регионот, чија цел е да го забрза долгорочното економско закрепнување на Западен Балкан, врз основа на зелена и дигитална транзиција.

Лидерите од Западен Балкан се обврзаа и да ја зајакнат поврзаноста во регионот и да одобрат воспоставување на заеднички регионален пазар. Тој ќе поттикне подлабока регионална економска интеграција и ќе претставува чекор кон заедничкиот пазар на ЕУ.

На Самитот, лидерите од Западен Балкан ја поздравија и одобрија Зелената агенда за Западен Балкан, нова стратегија за развој на регионот која е во согласност со Европскиот зелен договор. Таа се фокусира на 5 главни области: 1. Декарбонизација: клима, енергија, мобилност; 2. Циркуларна економија; 3. Намалување на загадувањето: во воздухот, водата и почвата; 4. Одржливи системи за храна и рурални подрачја; и 5. Биодиверзитет: заштита и обнова на екосистемите.

Лидерите ја потврдија определбата да ја поддржат интеграцијата на Ромите, бидејќи конкретни резултати се потребни во областа на образованието, здравствената заштита, домувањето, обезбедувањето документи и борбата против дискриминацијата.

Високиот претставник рече: „Се радувам што лидерите од Западен Балкан ја прифатија клучната улога на регионалната соработка. Таа е подеднакво важна и за помирување и за економско закрепнување. Не смееме да заборавиме дека закрепнувањето мора да биде одржливо и општествено правично. Затоа Економско-инвестицискиот план и Зелената агенда за Западен Балкан се засноваат на инвестиции кои се модерни, зелени и фокусирани на луѓето“. „Ова исто така значи дека инвестициите мора да се зајакнат со фундаментални реформи кои се задолжителни на патот кон ЕУ“, заклучи тој.

 

Берлински процес

Берлинскиот процес настана како иницијатива на неколку земји-членки на ЕУ за поддршка на зајакнувањето на регионалната соработка и на европската интеграција на Западен Балкан. Ова беше првпат годишниот самит на Берлинскиот процес заеднички да го организираат земја-членка на ЕУ, Бугарија, и земја-кандидат, Северна Македонија.

Languages: