Политички односи

Земјата беше првата држава од Западен Балкан што потпиша Договор за стабилизација и асоцијација (ДСА) со ЕУ, кој стапи на сила во април 2004 година. Оттогаш, ДСА е основа за постепена трговска либерализација и заемен бесцарински пристап за најголем дел производи. 

Мешовитиот парламентарен комитет беше воспоставен во 2004 година. Комитетот се состанува еднаш годишно и ги разгледува сите аспекти на односите меѓу ЕУ и Република Северна Македонија, особено имплементацијата на ДСА. 

На земјата и’ беше доделен статус на кандидат за членство во ЕУ во декември 2005 година. На граѓаните на земјата им беше доделен безвизен режим за патување во Шенген-зоната во декември 2009 година. 

Во март 2020 година, Европскиот совет ја потврди одлуката да отвори пристапни преговори со Северна Македонија. Откако Советот ја одобри Преговарачката рамка, во согласност со ревидираната методологија за проширување, на 19 јули 2022 година ЕУ ја започна воведната фаза од пристапните преговори со Северна Македонија. Во декември 2023 година, земјата го заврши скрининг процесот.

Во 2023 година, ЕУ го усвои Планот за раст на Западен Балкан за да ја засили социоекономската конвергенција на Северна Македонија и останатите земји од регионот преку постепена интеграција во Единствениот пазар на ЕУ, регионална интеграција во рамките на Заедничкиот регионален пазар, и забрзување на фундаменталните реформи. 

Соработка во надворешната и безбедносна политика

Во ноември 2024 година, Северна Македонија и ЕУ потпишаа Партнерство за безбедност и одбрана – платформа за зајакнат дијалог и соработка за безбедносни и одбранбени прашања во се’ покомплексно глобално опкружување.

Земјата продолжува да биде целосно усогласена со ставовите и изјавите на Заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ.

Освен тоа, Северна Македонија продолжува да учествува активно во мисиите на ЕУ за менаџирање кризи и операции во рамки на Заедничката безбедносна и одбранбена политика.

Во 2025 година, земјата доби 15 милиони евра преку третата мерка билатерална помош за зајакнување на одбранбените капацитети во рамки на Европскиот мировен фонд (ЕМФ), со што вкупната помош од ЕМФ се зголеми на 38 милиони евра. Балканската медицинска единица, во која Северна Македонија учествува, користи поддршка од 6 милиони евра, доделена во рамки на ЕМФ во 2022 година. 

ЕУ обезбедува поддршка и за справување со хибридни закани, вклучувајќи кибер закани и странско мешање и манипулација со информации. 

Економски и трговски односи

Договорот за стабилизација и асоцијација создаде зона на слободна трговија и ги отстрани царините и нецаринските ограничувања во билатералната трговија. Исклучок се само неколку земјоделски и производи од риба, за кои трговијата не е целосно либерализирана и тие се предмет на пониски царини и/или преференцијални квантитативни отстапки. ЕУ е главен трговски партнер на Северна Македонија, со 77% од извозот на земјата и 49% од увозот. Германија е најголем трговски партнер (со 37% од вкупиот извоз), а следуваат Велика Британија, Грција, Кина и Србија. Извозот од земјата главно се состои од неколку производи, од кои најважни се: катализатори на подлога со благороден метал, старт кабли за возила и седишта за автомобили.

Главни увозни производи се сурова нафта, метали и легури од групата платина, како и електрична енергија. 

Земјите-членки на ЕУ се најголем инвеститор во земјата – од нив доаѓаат две третини од вкупните директни инвестиции. 

Поддршка за бизнисот 

Некои од клучните програми и иницијативи на ЕУ за поддршка на раст на бизнисите и пошироката економија се достапни за компании кои се наоѓаат во Република Северна Македонија, вклучително: 

  • Horizon Europe 2021-2027 (клучна програма на ЕУ за финансирање истражувања и иновации, со буџет од 95,5 милијарди евра).
  • Access2Markets (портал за извоз и увоз од ЕУ, кој дава информаци за сите тарифи, царински процедури и формалности, како и барања во однос на производите на ЕУ пазарот).
  • Grow your business (субвенционирани советодавни услуги за компании).
  • Enterprise Europe Network (информации и совети за компаниите за прашања поврзани со ЕУ).
  • INNOFEIT EDI е водечка платформа за дигитална трансформација, иновации и технолошки развој во Северна Македонија. Ги поддржува компаниите во зајакнувањето на нивната конкурентност преку употреба на напредни дигитални технологии.
  • European Institute of Innovation and Technology (EIT) е тело на ЕУ основано со цел да го зајакне иновацискиот капацитет на Европа. Обезбедува широка лепеза на иновациски и претприемнички иницијативи ширум континентот. 

Дијалог со граѓанското општество

Организациите од граѓанското општество им даваат поддршка на властите во Северна Македонија во спроведувањето на структурните реформи во процесот на пристапување. Тие ги мобилизираат граѓаните, ги изразуваат грижите на луѓето, ја насочуваат енергијата на заедниците во поддршка на одржливиот развој.  

ЕУ го слуша граѓанското општество, работи со него и се залага за зајакната улога на граѓанските организации во дијалогот за секторски политики во земјата. 

ЕУ исто така обезбедува финансиска помош за проектите на граѓанското општество преку нејзиниот Инструмент за претпристапна помош (IPA). Во 2008 година ЕУ го воспостави Инструментот за граѓанско општество за да го поддржи развојот на граѓанските општества во Југоисточна Европа и да им помогне:  

  • да имаат поактивна улога во дијалогот за политиките и да го поддржуваат пристапниот процес на ниво на заедницата.
  • да ги мобилизираат граѓаните и заедниците во наоѓањето локални решенија и во водењето иницијативи за социјална инклузивност.
  • да работат на промовирање човекови, социјални и еколошки права.
  • ефикасно да ги следат структурните реформи што ги спроведуваат владите.
  • да развиваат прекугранични проекти и мрежи. 

Во периодот 2014-2020 година, ЕУ обезбеди 24,3 милиони евра за проекти за организациите од граѓанското општество во Северна Македонија.  

Помош од ЕУ

Република Северна Македонија сака да стане членка на ЕУ. За да помогне во постигнувањето на оваа цел, ЕУ обезбедува постојана поддршка и финансиска помош преку проекти со цел земјата да може да ги спроведе сите неопходни реформи. 

Инструментот за претпристапна помош (ИПА) е главен финансиски инструмент на ЕУ за поддршка на структурните реформи во Северна Македонија и на нејзиниот пристапен процес. Од 2007 година наваму, ЕУ, преку националната ИПА програма, инвестираше 1,6 милијарди евра во пет клучни области: 

  • владеење на право и фундаментални права.
  • демократија и добро владеење.
  • заштита на животната средина и одржлива поврзаност.
  • економски развој и човечки капитал.
  • земјоделство и рурален развој 

Земјата исто така има придобивки и од ИПА Програмата за повеќе корисници, која во периодот 2014-2022 година издвои ЕУ-помош во висина од 3,24 милијарди евра за поддршка на проекти од регионално значење за Западен Балкан. 

Од 2008 година наваму, Инвестициската рамка на ЕУ за Западен Балкан поддржа предвидени инвестиции од 3,8 милијарди евра во јавниот сектор во Северна Македонија. Досега земјата добила грантови во вредност од 501,1 милиони евра, кои вклучуваат техничка помош од 34,6 милиони евра и инвестициски грантови во висина од 467,5 милиони евра. Земјата има придобивки од 10 водечки ЕПИ инвестиции во периодот 2021-2024, со кои значителни 973 милиони евра беа одвоени за вложувања во одржлив транспорт, чиста енергија и управување со отпад и отпадни води. Инвестициската рамка за Западен Балкан придонесе кон овие инвестиции со 300,5 милиони евра, од кои 296,7 милиони средства од ИПА и 3,8 милиони од билатерални донатори. 

Дополнително, Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР) обезбеди 10 милиони евра за проекти за зајакнување на демократијата и човековите права во периодот 2007-2024 година.  

 

Техничка помош и размена на информации (TAIEX) 

ЕУ исто така нуди поддршка преку TAIEX инструментот, кој им помага на земјите партнери да се запознаат, да ги применуваат и извршуваат законите на ЕУ. 

TAIEX финансира краткорочна техничка помош, совети и обука. 

Помошта на TAIEX е отворена за: 

  • државни службеници.
  • судски и полициски власти.
  • парламенти/законодавни тела и нивниот персонал.
  • професионални/трговски здруженија, групи на работници и работодавачи.
  • преведувачи и уредувачи на законодавни текстови. 

Како дополнение, TAIEX Капацитет за локална администрација (LAF) поддржува семинари за клучните политики на ЕУ кои имаат влијание на локално ниво и за избрани членови и за постојани службеници на локални и регионални власти. 

План за раст

Од 2023 година, ЕУ го спроведува Планот за раст со цел забрзување на социоекономскиот развој и ЕУ-интеграцијата на партнерите од Западен Балкан. Во март 2025 година, Северна Македонија се приклучи кон Единствената област за плаќањa во евра – СЕПА, како значаен чекор во нејзиното постепено интегрирање во Единствениот пазар на ЕУ. Во текот на 2025 година во Северна Македонија се отвори Европски дигитален иновациски центар, кој ќе ја поддржи дигиталната трансформација на малите и средни претпријатија, како и на јавниот сектор. 

Како дел од Планот за раст, Северна Македонија подготви Реформска агенда, која се фокусира на реформи за искористување на националниот и регионалниот потенцијал за раст и која е поврзана со фундаменталните вредности на процесот на проширување, вклучувајќи владеење на правото, демократија, почитување на човековите права и основни слободи. Реформската агенда се осврнува на критични прашања и поставува јасни цели за напредок во клучните области. Успешното спроведување на овие реформи значително ќе ги подобри управувањето со јавните финансии и јавната администрација (пр. осигурување транспарентност, оптимизирање на стратешката распределба на јавните ресурси и поддршка на доброто управување на сите нивоа), дигиталната трансформација и зелената транзиција (пр. дигитализација на јавните услуги, сајбер безбедност, интеграција на пазарот на електрична енергија, декарбонизација), развојот на човечкиот капитал (пр. зајакнување на образовниот систем), деловната средина (неформална економија, проширување на јавното користење на е-услугите на Е-царина), демократијата (реформа на изборниот процес), како и интегритетот на судството и борбата против корупцијата и организираниот криминал (пр. зголемување на казните за корупција и злоупотреба на службена должност).

Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, вреден шест милијарди евра, обезбедува клучна поддршка за Планот за раст. Европската комисија ја одобри Реформската агенда на Северна Македонија во октомври 2024 година, претставувајќи 750,4 милиони евра во форма на неповратни грантови и поволни заеми. По напредокот во спроведувањето на реформите, ослободени се 76,37 милиони евра, од кои 35,83 милиони директно во буџетот на Владата на Република Северна Македонија и 18,92 милиони во Инвестициската рамка за Западен Балкан за поддршка на инфраструктурни проекти. 

Јуроп Хаус

Јуроп Хаус (поранешен ЕУ Инфо центар) е основан од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија. Првиот Јуроп Хаус беше отворен во Скопје на 4 ноември 2018 година како простор за младите да се среќаваат, дружат и поврзуваат меѓусебе, поттикнувајќи иновативност, дебата, соработка и критичко мислење и промовирајќи ги вредностите на ЕУ. Во 2021 година, Јуроп Хаус добија Крива Паланка и Струмица, во 2023-та Битола и Велес, и во 2024 година Струга и Тетово, овозможувајќи им на младите претприемачи, иноватори и креативци да се среќаваат и да развиваат нови идеи на локално ниво.

Контакт  

https://europehouse.mk/

euinfo@euhouse.mk

 

EH