European Union External Action

Западен Балкан: Говор на високиот претставник/потпретседател Жозеп Борел на второто издание на конференцијата Медиумска писменост ЕУ-ЗБ

Скопје, Северна Македонија, 27/09/2021 - 16:19, UNIQUE ID: 210927_13
Remarks

Претседател [на Република Северна Македонија, Стево] Пендаровски, дами и господа, драги пријатели,

Среќен сум што ќе се обратам на второто издание на конференцијата Медиумска писменост Европска унија – Западен Балкан (надворешен линк), која е годишна важна точка во нашата работа со граѓанското општество и властите во борбата против дезинформациите на Западен Балкан.

Дезинформациите им се закануваат на демократиите ширум светот. За време на пандемијата на ковид-19 стана уште појасно дека тие ги таргетираат граѓаните, ги поларизираат општествата, ги оспоруваат демократските вредности, па дури и ги загрозуваат животите и јавната безбедност преку погрешни здравствени совети.

Мора да работиме заедно за да го затвориме просторот за дезинформации, да ја подигнеме свесноста и да ги унапредиме нашите реакции.

Проверувачите на факти, независните и професионални медиуми и граѓаните во регионот неуморно работат да им се спротивстават на дезинформациите. Вашата работа е пресудна.

Граѓаните од Западен Балкан сега се посвесни и поотпорни на дезинформации. Медиумската писменост помага и ние сме решени да продолжиме да придонесуваме кон оваа активност во регионот.

Европската унија финансира студии што го зајакнуваат разбирањето; ја промовираме свесноста за ова прашање и инвестираме во образование и активности како што се работилници за ученици и наставници низ целиот Западен Балкан.

Сепак, не можеме да го сториме тоа сами. Справувањето со дезинформациите бара пристап од целата влада што го олеснува учеството на целото општество.

За 10 дена ќе се одржи Самитот Европска унија – Западен Балкан, најважниот настан на високо ниво на кој се дискутираат нашите односи.

Нема сомнеж од страната на Европската унија: Западен Балкан е во срцето на Европа и ние ја делиме одговорноста за изградба на мирна, просперитетна и обединета Европа. А, исто така, ја споделуваме одговорноста да ти пренесеме информациите за овие напори.

Денешната конференција е јасен пример за продуктивна соработка помеѓу луѓето од Западен Балкан и Европската унија заради справување со заедничките предизвици. Инвестирањето во зајакнување на луѓето од Западен Балкан значи инвестирање во посилна Европа.

Сакам да ви се заблагодарам на сите за придонесот во оваа важна дискусија и за вашата важна работа.

Особено дозволете ми да му се заблагодарам на Македонскиот институт за медиуми за коорганизацијата на овој настан, заедно со нашата Делегација на Европската унија во Скопје и работната група за Западен Балкан на ЕЕАС Стратком.

Секако, со нетрпение очекувам да ги прочитам вашите заклучоци.

Languages:

Автор