European Union External Action

ЕУ – Западен Балкан: Поддршка за образованието, професионалното новинарство и проверувачите на факти, со цел јакнење на демократијата и борба против дезинформациите

05/10/2020 - 12:49
News stories

Првата ЕУ- Западен Балкан конференција за медиумска писменост се одржа на 29 септември и на неа учествуваа проверувачи на факти, млади лица, новинари и надлежни тела од Западен Балкан, ЕУ и пошироко, кои дискутираа за медиумската пписменост и борбата против дезинформациите. Заклучоците на Конференцијата упатуваат на потребата сите актери – ЕУ, локалните власти и граѓанското општество – да инвестираат во образование, да ги вклучат младите, да го поддржат професионалното новинарство и проверувачите на факти, со цел јакнење на демократијата и борбата против дезинформациите.

 

Обраќајќи се на отворањето на конференцијата, високиот претставник на ЕУ/потпретседателот Борел рече:

„За време на пандемијата, проверувачите на факти и медиумските организации во Западен Балкан ги разоткрија лажните вести, тенденциите за дезинформирање и ги информираа граѓаните. Организациите за проверка на фактите се поврзаа со партнери од регионот, соработуваа меѓународно и се здружија со организациите во Европската унија и дадоа важен придонес во јавната расправа. Вашата работа не останува незабележана. Таа ги оснажува луѓето и младите да ги изразат своите мислења и да станат двигатели на промени“.

Тој, исто така, додаде:

„Имајќи предвид дека денешните учесници доаѓаат од Западен Балкан, дозволете ми да завршам со она што во повеќе наврати го подвлекувам: Европската унија не е целосна без Западен Балкан“

 

 

Заклучоци на конференцијата

Заклучоците упатуваат дека образованието има клучна улога во борбата против дезинформациите. Иако знаат како да ги користат новите технологии, младите треба да се јакнат преку формалното и неформалното образование, во насока да можат да обработат, разберат и да комуницираат со голем обем информации на кои се изложени. Возрасните не треба да се заборават, бидејќи и тие се изложени на дезинформации и често се помалку навикнати на користење нови технологии. Критичката мисла и медиумската писменост се вакцини против инфодемијата и од нападите врз и преиспитувањето на науката.

Заклучоците нагласуваат дека професионалното новинарство е клучно за демократијата. Медиумите треба да добијат поддршка за да се унапреди квалитетот на известувањето и истражувачкото новинарство. Регионалните организации за проверка на факти треба да ја зголемат соработката со владините и образовните институции, како и со медиумите и технолошките компании. Партнерството за проверка на факти со трета страна помеѓу проверувачите на факти и Фејсбук е позитивен чекор.

На крајот од заклучоците: ЕУ ќе продолжи тесно да соработува со партнерите од Западен Балкан и е посветена да му помогне на регионот да изгради истрајност, со цел јакнење на демократијата и борбата против дезинформациите.

 

Зборовите се важни: Корисен поимник:

За граѓаните кои знаат како да се навигираат во дигиталниот информациски простор, зборовите значат. Пред Конференцијата, ЕУ реализираше кампања на социјалните медиуми базирана на поимник (надворешна врска) кој дава дефиниции за темите на дискусија на конференцијата, како што се дезинформациите и медиумската слобода.

 

 

Конференција за медиумска писменост ЕУ- Западен Балкан и последователни активности

Првото издание на Конференцијата за медиумска писменост ЕУ – Западен Балкан беше насловена „Медиумската писменост и борбата против дезинформациите во време на пандемија“. Стотици учесници дискутираа онлајн и во живо во Брисел, Сараево и Бања Лука (Босна и Херцеговина) за медиумската писменост и политиките против дезинформациите, влијанието на пандемијата врз медиумската писменост и медиумскиот кредибилитет и младите.

На конференцијата беа гости повеќе истакнати говорници и учесници, вклучувајќи ги министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шеќеринска, пратеникот во Европскиот парламент Тонино Пицула, шефот на Делегацијата на ЕУ/Специјален претставник во Босна и Херцеговина, Јохан Сатлер, како и проверувачи на факти, вклучително Дарко Бркан и Тијана Свјетицанин, кои се дел од мрежата на проверувачи на факти на Југоисточна Европа (SEECheck Network) (надворешна врска) и претставниците на ученички здруженија како што е Аднана Туркиќ од Здружението на средношколци на Сараево.

Во организација на проверувачите на факти од Западен Балкан, младинските организации и ЕУ, настанот е дел од активностите на ЕУ насочени кон унапредување на општествената издржливост во Босна и Херцеговина и целиот регион на Западен Балкан, преку поддршка за медиумска писменост, оснажување на младите и јакнење на граѓанското општество и медиумската слобода.

ЕУ работи на последователни активности по Конференцијата, вклучително втора конференција која најверојатно ќе се одржи во друг главен град на Западен Балкан во 2021 година.

 

 

Languages: