European Union External Action

Денот на Шуман во Северна Македонија: Оддавање признание на европската солидарност и на хероите на нашето време – медицинските работници!

12/05/2020 - 12:51
News stories

Знамиња на државата и на ЕУ се издигнаа на 9 Мај пред една од главните болници во Скопје, во чест на лекарите и останатиот здравствен персонал кои неуморно работат борејќи се со корона вирусот. Солидарноста што тие ја претставуваат и солидарноста што ЕУ ја покажа кон земјата и регионот беа мотото на годинашното одбележување на Денот на Европа. А креативноста на учесниците во програмата им помогна на граѓаните да останат заедно на далечина и да ја слават Европа во поинакви услови!

 

„Тешките времиња не’ учат на скромност и во нив доаѓа до израз најдоброто од нас, најдоброто од нашите општества, најдоброто од човештвото. Од оваа причина, Денот на Европа го одбележуваме овде, пред болницата ‘8 Септември’, која ги претставува сите здравствени установи во земјата. Сакаме да им се заблагодариме, да им изразиме почит и да ги поздравиме сите оние жени и мажи кои се во првата линија на борбата против пандемијата. Тие се вистинските херои на нашето време. Тие го ризикуваат сопственото здравје па и живот за да не’ спасат нас и општеството. Голема благодарност до вас. Денот на Европа ви го посветуваме вам“.

Аплауз ги проследи овие зборови на амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар искажани на симболичен настан по повод Денот на Европа во Скопје, во присуство на владини претставници и на персоналот на болницата.

Невообичаените околности кои годинава ги наметна ковид-19 ги заменија вообичаените собири по повод 9 Мај со онлајн настани и со оваа свеченост, посветена на здравствените работници и на она што тие го претставуваат: солидарност, пожртвуваност и хуманост.

 

 

„Заканата од корона вирусот не познава граници, одзема животи, влијае на здравјето, ги поткопува економиите, им се заканува на нашите општества, па дури и на светскиот поредок. Таа го смени од корен нашиот начин на живеење. Таа го смени - за подобро или за полошо, но дефинитивно засекогаш – нормалното какво што го знаевме. Но, вирусот ја исфрли во прв план една од темелните вредности на ЕУ – солидарноста. Солидарноста и’ донесе на ЕУ 70 години мир и просперитет. И со солидарност Европа излегува од сегашнава криза“, рече Жбогар.

Амбасадорот рече дека деновиве се чувствува посебно горд што е Европеец и што ја претставува ЕУ во земјава, „бидејќи ја гледаме Европа во нејзиното најдобро светло“. „Оваа година одбележавме 20 години од отворањето на Делегацијата на ЕУ во Скопје и над 20 години постојано инвестирање во секој аспект на вашето општество. Конечно бевме во можност да го активираме вашето патување кон подобра иднина во ЕУ. Солидарноста што ја покажаа ЕУ и нејзините земји-членки кон земјава и регионов за време на кризата го даде одговорот на дилемата каков е ставот на ЕУ кон регионот. Одговорот е: Ние сме исто семејство!“, рече Жбогар.

 

Делегацијата на ЕУ на граѓаните им достави до врата музика, уметност и дебати! Но и обратно!

„Посилни заедно“ беше заедничкиот именител на сите настани што Делегацијата на ЕУ ги организираше онлајн, под насловот „Еуротон“, за да го одбележи Денот на Европа во овие невообичаени околности.

Младите музичари од школата „Пијано арт“ ја отворија програмата со своја изведба на „Одата на радоста“ https://www.youtube.com/watch?v=1oCmpghzX0E, додека нивните постари колеги (од училиштетото „Илија Николовски-Луј“) понудија лични интерпретации на класични и поп композиции https://www.youtube.com/watch?v=_wffqAEyX_I

Средношколци и студенти, заедно со претставници на невладиниот сектор, дебатираа за ЕУ и младите со амбасадорот Жбогар и министерот за образование Адеми https://www.youtube.com/watch?v=UyxWQge5pSk

Беше објавено и видео со пресек на сите дебати на амбасадорот со средношколците https://www.youtube.com/watch?v=t8ndgmL21qE

Учесниците во Еразмус + од земјата ги споделија своите уникатни искуства стекнати во рамките на препознатливата програма за студенти на ЕУ https://www.youtube.com/watch?v=k_2hZic3PM0

Освен тоа, Жбогар одржа час по општество во рамките на програмата на јавниот радиодифузен сервис „ТВ училница“, проект поддржан од Делегацијата со цел да им помогне на децата да бидат во тек со наставата во периодот на карантин. Во неколку интервјуа, амбасадорот детално ја објасни финансиската помош што ЕУ ја обезбеди за земјата во контекст на ковид-19, како и посветеноста на ЕУ кон процесот на проширување дури и во време на криза.

Програмата не’ потсети и на еко-хероите од нашите соседства – кои беа дел од кампањата на Делегацијата на ЕУ која минатата година поттикна серија акции за чистење ширум земјата под мотото „Чисто како дома исто“ https://www.youtube.com/watch?v=I1PJKukqMMo

Амбасадори од земјите-членки на ЕУ упатија лични видео честитки до граѓаните на земјата, а новинари – добитници на годишната награда на Делегацијата „Жан Моне“ - разговараа за 70-годишнината на Шумановата декларација.

Програмата се заокружи со „остани дома“ забава со ди-џеј.

„Бонус“ содржина беа цртежите, колажите и музиката со кои ученици од Скопје и Прилеп и’ го честитаа Денот на Европа на Делегацијата.

 

 

 

Но ова не е се’. Делегацијата на ЕУ продолжува со одбележување на Денот на Европа до крајот на мај. Ќе има уште дебати со студенти, со учество и на амбасадори од земјите-членки, како и една прекугранична дебата која ќе се организира заедно со Делегацијата во Албанија. Остани дома и остани вклучен!

 

 

Languages: