Пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија и посветеноста на ЕУ во однос на Западен Балкан

Сите ние поминавме многу тешка седмица, а пандемијата на корона вирусот и нејзините глобални последици и натаму преовладуваат во насловите на вестите и во нашите мисли. Овие настани засенија една важна одлука која не го доби заслуженото внимание. Во екот на кризата со корона вирусот, Европската Унија одлучи да отвори пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Ова е добра вест за двете земји, за Западен Балкан и за цела Европа.

 

Донесувајќи ја оваа значајна одлука во време на вакви предизвици, ЕУ направи чекор напред во однос на едно навистина важно прашање за нејзините политики и испрати важен сигнал и јасна порака до Западен Балкан: Европската Унија не е целосна без Западен Балкан. ЕУ ја потврди својата обединетост околу една од нејзините приоритетни политики и тоа го направи додека се справува со глобална криза. Одлуката навистина претставува „зрак светлина во овој мрак насекаде“, како што рече мојот почитуван колега и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, коментирајќи ја одлуката за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.

Побаравме многу од двете земји и тие тоа го исполнија. Сега и ЕУ го направи вистинскиот чекор од своја страна. Ова е охрабрувачка порака дека напорната работа и вистинското водство на двете страни водат кон резултати. Во истиот дух, сакам да и' честитам на Северна Македонија за приклучувањето кон НАТО како 30-та членка оваа недела. Ова е значаен чекор кој уште повеќе ја зацврстува европската и трансатлантската безбедност. Со нетрпение очекувам да работиме заедно и во рамките на соработката меѓу ЕУ и НАТО.

Со почнувањето пристапни преговори ни претстои многу работа и отворањето на преговорите е само прв чекор во еден интензивен процес. Длабоки општествени, политички и економски реформи треба да се спроведат пред да дојдеме до целосното членство. Овие трансформации очигледно бараат време и напори, но она што е важно е дека „зракот светлина“ за уште две земји треба да го охрабри и остатокот од регионот да го направи она што е потребно и да продолжи по патот на реформите. За доброто на граѓаните на Западен Балкан.

Во вакви времиња, кога сите се бориме со невидена криза и со нејзините последици, мора да покажеме што навистина значи европска и глобална солидарност. Солидарноста не може да биде само збор што го користиме без каква било обврзаност. Солидарноста мора да се докаже преку акција. Во рамките на ЕУ, земјите-членки покажуваат солидарност со тоа што некои од нив преземаат пациенти од преполнети болници во други земји-членки, како и со тоа што меѓусебно делат лична заштитна опрема. Продолжува заедничката работа и околу враќањето на граѓаните затекнати насекаде низ светот. И не ги забораваме луѓето во Западен Балкан.

Неделава ЕУ најави пакет билатерална финансиска помош за сите шест партнери во регионот. Ќе доставиме околу 38 милиони евра итна помош во справувањето со кризата поврзана со ковид-19. Со оваа помош се купуваат респиратори, маски и друга медицинска опрема, се плаќаат летовите кои доставуваат помош и се покриваат итните потреби на луѓето. Освен тоа, ЕУ одлучи да го поддржи регионот одвојувајќи 374 милиони евра за социјална и економска обнова на регонот откако ќе заврши вонредната ситуација. Ова значи спасување работни места, бизниси, социјална помош, ова значи луѓето да можат да продолжат со животот откако ќе ја надминеме пандемијата.

Дозволете ми да ви ги претставам конкретните детали за итната помош од ЕУ за здравствените системи на секоја земја од Западен Балкан и за поддршката за социјална и економска обнова:

• Албанија: 4 милиони евра поддршка за здравствениот сектор, 47 милиони евра за социјална и економска обнова. Ова следи откако ЕУ претходно обезбеди итна хуманитарна помош и по донаторската конференција на која беа ветени над една милијарда евра за обнова на Албанија по катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата во ноември минатата година.• Босна и Херцеговина: 7 милиони евра поддршка за здравствениот сектор и 74 милиони евра за социјална и економска обнова. На граѓани на БиХ исто така им беше овозможено да се вратат од Мароко со репатријациски лет на ЕУ.• Косово: 5 милиони евра поддршка за здравствениот сектор, 63 милиони евра за социјална и економска обнова.• Црна Гора: 3 милони евра поддршка за здравствениот сектор, 50 милиони евра за социјална и економска обнова.• Северна Македонија: 4 милиони евра поддршка за здравствениот сектор, 62 милиони евра за социјална и економска обнова• Србија: 15 милиони евра непосредна поддршка за здравствениот сектор, 78 милиони евра за социјална и економска обнова.

Западен Балкан може да смета на солидарноста од ЕУ. Не само во време на криза. ЕУ е главен донатор, инвеститор и трговски партнер на Западен Балкан. Од 2014 година наваму, ЕУ има обезбедено над една милијарда евра за поддршка на луѓето од Западен Балкан. Овие се важни факти кои ја покажуваат вклученоста на ЕУ во регионот и нејзините напори да се победи вирусот внатре во ЕУ и надвор, вклучително и во Западен Балкан.

Ова е време да им пристапиме сериозно на солидарноста и соработката. Мора да работиме заедно, со солидарност и меѓусебна поддршка, бидејќи никој не може сам да се справи со сегашната ситуација.