На 21 септември, шефот на Делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир, му ги предаде акредитивните писма за неговото назначување на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Амбасадорот Гир рече дека е одушевен што ја претставува ЕУ во Северна Македонија. Вети дека во текот на четиригодишниот мандат ќе работи со сите институции, политички сили и чинители, и сектори на општеството низ целата земја. Претседателот и амбасадорот Гир разменија мислења за процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, напредокот што го постигна земјата, како и за идните реформи и претстојните предизвици. Амбасадорот Гир ја изрази решеноста на ЕУ да го поддржи процесот на позитивни реформи во интерес на слободите, просперитетот и безбедноста на обичните граѓани.
„Во март, Советот на Европската Унија ја донесе историската одлука за отворање преговори за членство со Северна Македонија. Ова се случи по значајни реформски достигнувања и тешки одлуки кои го потврдија избраниот правец на оваа земја “, рече амбасадорот Гир (full_speech.pdf ).
Претходно, амбасадорот Гир му предаде копии од акредитивните писма на министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Министерот Османи рече дека амбасадорот Гир доаѓа во исклучително важен момент за патот на земјата кон ЕУ, истакнувајќи дека неговото искуство и поддршка ќе бидат од голема вредност.
По средбата со претседателот Пендаровски, амбасадорот го посети Собранието, каде се сретна со спикерот Талат Џафери. Амбасадорот ја нагласи важноста од натпартиски консензус за ЕУ-реформите. Соговорниците разговараа и за повеќе реформски приоритети.