Curaçao and the EU

ИДАХОТ 2021: „Заедно: отпор, поддршка, исцелување!“

18/05/2021 - 17:31
News stories

На Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата, Европската Унија прати порака дека ќе продолжи да се бори против дискриминацијата заснована на сексуална ориентација и родов идентитет, истакнувајќи ја ранливата состојба на ЛГБТИ лицата во периодот на закрепнување од КОВИД-19 и повикувајќи на поправедни и поинклузивни општества. Во својата декларација, ЕУ потсети дека секој има право да биде она што е и да сака кого ќе избере. За да се обезбеди ова право потребни се напори од сите, секој ден и секаде – вклучително и во Северна Македонија.

 

Знамето во боите на виножитото се вееше пред зградата на Делегацијата на ЕУ во Скопје на 17 мај. На Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата (ИДАХОТ), ЕУ ја повтори својата силна посветеност да ги промовира и заштити целосно човековите права на лезбејките, геј, бисексуалните, трансродовите, интерсексуалните и квир (ЛГБТИК+) лица, потсетувајќи дека демократиите се градат врз основа на ценење на различноста.

Состојбата со ЛГБТИ правата во Северна Македонија бележи одреден напредок, но ја следат и прашања за кои е потребно дејствување од страна на властите.

Првиот марш на гордоста во земјата се одржа во јуни 2019 година. Минатата година, за време на пандемијата, беше организирана онлајн настан на гордоста. Сепак, има многу случаи на стигматизација, маргинализација, па дури и говор на омраза, закани или вистинско насилство. Извештаите на Хелсиншкиот комитет и ИЛГА Европа укажуваат на зголемен говор на омраза, како и на неуспех на властите да постапуваат по жалби или јавно да ги осудат ваквите инциденти. Овие извештаи ја нагласуваат потребата да се подобри собирањето податоци и да се зголемат капацитетите на органите за спроведување на законот за гонење на злосторствата од омраза и говорот на омраза.

По повод ИДАХОТ, се одржа онлајн настан на кој зедоа учество претставници на ЕУ, на разни институционални чинители и на граѓанското општество.

 

 

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска подвлече дека минатата година Северна Македонија донесе Закон за спречување и заштита од дискриминација, кој првпат ги наведе сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи на дискриминација. Исто така, се подготвува акциски план за правата на ЛГБТИ, заедно со измени и дополнувања што треба да овозможат законско признавање на полот. Има поддршка за ЛГБТИ прифатилиштето, како и обуки за антидискриминација за јавната администрација.

Наташа Бошкова, адвокат од Коалиционите маргини, изјави дека по пресудата на Европскиот суд за човекови права во корист на трансродово лице кое ја тужело земјата поради тоа што не му бил признаен родот, властите во тесна соработка со граѓанските организации направиле дополнителни напори за решавање на прашањето. Тие подготвиле измени на Законот за матична евиденција. Законското признавање на родот ќе им понуди правна сигурност на трансродовите лица и ќе значи солиден чекор напред за Северна Македонија, која е меѓу неколкуте преостанати земји-членки на Советот на Европа во која нема таква правна рамка, рече Бошкова.

Пратеничката Маја Морачанин зборуваше за меѓупартиската парламентарна група која ги поддржува правата на ЛГБТИ, каде што таа е член. Групата, формирана во февруари 2018 година, покрај тоа што работела на усвојување на новото законодавство против дискриминација, работи и на подигање на јавната свест и на обезбедување поддршка од другите пратеници за измените на Законот за матична евиденција.

Давид Тасевски од организацијата Субверзивен фронт презентираше истражување кое покажало постојани дискриминаторски ставови, особено кај државните службеници. Тој ја истакна потребата меѓународната заедница да помогне во решавањето на предизвиците со менталното здравје со кои се соочуваат ЛГБТИ луѓето и да биде погласна во одбраната на нивните права.

Игор Јадровски, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, посочи на проширениот мандат на Комисијата, но и на неопходноста таа да соработува со други институции и граѓански организации за сензибилизирање на јавноста, собирање статистики за дискриминација и зајакнување на капацитетите на јавната администрација.

Овој настан беше дел од заедничкиот регионален проект помеѓу Европската Унија и Советот на Европа. ЕУ, како што нагласи амбасадорот Гир, ќе продолжи да ги поддржува проектите што ги промовираат и штитат правата на ЛГБТИ.

„Правата имаат значење само доколку се заштитени. Ова значи владата, парламентот, судскиот систем и полицијата да работат заедно за да се донесе позитивна агенда; да се осигури дека правните лекови се достапни кога ќе се случат прекршувањата, да се воспостават административни мерки за реформи и да се крене гласот за спротивставување на хомофобијата, трансфобијата и бифобијата“, рече амбасадорот Гир.

ЕУ, како што гласи нејзината декларација, ќе продолжи да ги предводи напорите за целосно и рамноправно уживање на човековите права на ЛГБТИ лицата. Преку својот Акциски план за човекови права и демократија (2020-2024) и првата Стратегија за еднаквост на ЛГБТИК во Европската комисија 2020-2025 година, ЕУ ја унапредува еднаквоста во сите сфери на животот – и внатре и надвор од ЕУ. Ова се случува во време кога консензуалните истополови врски сè уште се криминализирани во 69 земји низ светот, при што 11 од нив имаат смртна казна за хомосексуалноста.

 

 

Languages: