Curaçao and the EU

Европската комисија и Австрија обезбедија вакцини против КОВИД-19 за Западен Балкан

20/04/2021 - 15:05
News stories

 

На 20 април, Европската комисија и Австрија го објавија склучувањето договори за испорака на вакцини против КОВИД-19 за Западен Балкан. Вкупно 651.000 дози на Бионтек/Фајзер се финансирани од Европската комисија и ќе бидат споделени со помош на Австрија. Првата испорака до сите партнери во регионот треба да се изврши во мај, а испораката на останатите количини ќе продолжи до август.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, изјави: „Клучно е да се забрзаат кампањите за вакцинација насекаде. Среќна сум да објавам дека обезбедивме дози за да помогнеме во вакцинирањето на здравствените работници и другите ранливи групи во Западен Балкан. Европската унија е покрај нашите партнери во регионот кои бараа поддршка од нас. Сакам да и' се заблагодарам на Австрија за олеснувањето на овој трансфер, покажувајќи ја нејзината цврста посветеност и солидарност со Западен Балкан.“

Комесарот за проширување и соседство, Оливер Вархеји, додаде: „И покрај сегашниот глобален недостиг, ЕУ ќе достави вакцини за спасување животи за Западен Балкан. Обезбедивме поддршка од почетокот на пандемијата со КОВИД-19: прво, со итна медицинска опрема како маски, респиратори, единици за интензивна нега и возила за брза помош; второ, со зајакнување на отпорноста. Сега, ќе помогнеме да се обезбеди вакцинација на сите медицински работници кои се на првата линија низ целиот регион, како и на некои од другите ранливи групи. Ние се грижиме за Западен Балкан чија иднина е во Европската унија''.

Австрискиот министер за надворешни работи, Александар Шаленберг, истакна: „Врвен приоритет е вакцините против КОВИД-19 да станат брзо и широко достапни за луѓето ширум Европа. Во овој контекст, поддршката за Западен Балкан за добивање вакцини е чин на европска солидарност и инвестиција во здравјето и безбедноста на целиот регион. На крајот на краиштата, празни места на картата за вакцинација, каде и да се, претставуваат опасност за сите нас. Никој не е безбеден се додека сите не бидат безбедни“.

Австрија го олесни споделувањето на овие вакцини преку правни договори со производителот и партнерите од Западен Балкан. Дозите се финансираат од пакетот вреден 70 милиони евра усвоен од Комисијата во декември 2020 година за да се покријат трошоците за вакцините, обезбедени преку договорите за авансна набавка на ЕУ за партнерите од Западен Балкан. Вкупната дистрибуција помеѓу земјите ќе се заснова на епидемиолошките потреби, а приоритет се медицинските работници кои се на првата линија и другите ранливи групи.

Контекст

Европската комисија е посветена да осигура дека секој што има потреба од вакцина ќе ја добие, каде било во светот. Од оваа причина таа веднаш одговори на повикот на СЗО за акција и помогна да се соберат речиси 16 милијарди евра од 4 мај 2020 година во рамките на Глобалниот одговор на коронавирусот (Coronavirus Global Response) - глобална акција за универзален пристап до тестови, третмани и вакцини против коронавирус и за глобално закрепнување.

Механизмот КОВАКС е столбот за вакцини на Акцелераторот за пристап до алатки за КОВИД-19 (АЦТ) глобална соработка за забрзување на развојот, производството и правичниот пристап до тестовите за КОВИД-19, третманите и вакцините. Досега 2,47 милијарди евра се објавени од ЕУ и земјите-членки на ЕУ за КОВАКС. КОВАКС има за цел да набави 2 милијарди дози до крајот на 2021 година, вклучително и над 1,3 милијарди дози за земјите во развој.

Покрај тоа, Стратегијата за вакцини на ЕУ придонесува и во напорите за глобална солидарност. ЕУ инвестираше близу 3 милијарди евра за да го финансира производството на вакцини преку своите договори за авансни набавки со фармацевтски компании. Овие договори им нудат на земјите-членки на ЕУ можност да ги препродадат, донираат или пренесат опциите на земјите-партнери.

На 19 јануари, Комисијата предложи да се воспостави механизам за споделување на вакцини во ЕУ, кој ќе им посвети особено внимание на Западен Балкан, соседството на ЕУ и Африка, и од кој ќе имаат придобивка пред се' здравствените работници и ранливите категории.

ЕУ делуваше многу брзо во поддршка на партнерите од Западен Балкан од почетокот на кризата, мобилизирајќи суштински пакет од 3,3 милијарди евра за да помогне во справување со непосредната здравствена криза и ублажување на социо-економската криза. Во октомври, Комисијата претстави Економски и инвестициски план во вредност до 9 милијарди евра за да се поттикне долгорочното закрепнување на Западен Балкан и конвергенцијата со ЕУ.

Languages: