Delegation of the European Union 
to the United States

Клучни наоди од Извештајот за Северна Македонија за 2020 година

Брисел, 06/10/2020 - 17:09, UNIQUE ID: 201006_47
Press releases

Политички критериуми

Северна Македонија продолжи да ги спроведува реформите поврзани со ЕУ во текот на целиот период на известување. Продолжија напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, вклучително и со активирање на постојните механизми на контрола преку дискусии и дебати за теми поврзани со клучните политики и законодавството. Опозициските партии останаа ангажирани во Собрание и поддржаа клучни прашања од заеднички национален интерес, како што се реформите поврзани со ЕУ и процесот на интеграција во НАТО, на која Северна Македонија се приклучи во март 2020 година. По исходот на Европскиот Совет во октомри 2019 година, политичките партии во заеднички договор, одлучија да се одржат предвремени парламентарни избори на 12 април 2020 година. Во согласност со националното законодавство, техничката влада, со министри и заменици министри од најголемата опозициска партија, беше назначена во јануари 2020 година. По избувнувањето на пандемијата со КОВИД-19, вонредна состојба беше прогласена помеѓу март и јуни 2020 година, што и овозможи на техничката влада да управува со уредба. Предвремените парламентарни избори беа одложени за јули 2020 година. Канцеларијата за демократски институции и човекови права при Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ / ОДИХР) оцени дека овие избори беа генерално добро спроведени, а, кампањата беше вистински конкурентна, но правната стабилност беше поткопана со значителни ревизии на законската рамка и последователните владини уредби. За време на периодот на известување, Собранието ја подобри својата улога како примарен форум за конструктивен политички дијалог и ги исполни своите законодавни функции, вклучително и со донесување клучни закони поврзани со ЕУ. Сепак, значителното зголемување на употребата на брзи постапки предизвикува загриженост и треба да се ограничи. Собранието работеше со поголема транспарентност и ги искористи своите надзорни функции, обновувајќи ги механизмите за контрола врз извршната власт. Собранието се распушти во февруари 2020 година, во пресрет на предвремени избори, а ставот на спикерот беше дека не може повторно да се свика. По изборите во јули 2020 година, новоконституираното собрание ја избра владата во август 2020 година. Меѓуетничката ситуација генерално остана мирна. Беа направени напори за зајакнување на меѓуетничките односи и за спроведување на Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на конфликтот во 2001 година и обезбеди рамка за зачувување на мултиетничкиот карактер на општеството.

Граѓанското општество останува активно и игра клучна улога во процесите на креирање политики и одлуки. Преземени се мерки за спроведување на Стратегијата и Акциски план 2018-2020 година за соработка помеѓу владата и граѓанското општество. Сепак, потребни се напори за да се обезбеди позначаен и навремен процес на консултации.

Тековната реформа на безбедносните служби резултираше со формирање на Агенцијата за национална безбедност во септември 2019 година, замислена како независно државно тело без полициски овластувања, за разлика од претходната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК). Ова е во согласност со препораките на Групата високи експерти за системски прашања поврзани со владеењето на правото. Оперативната техничка агенција продолжи да функционира. Потребни се понатамошни напори за да се обезбеди пристап до сите потребни алатки за извршување на мандатот. Треба да се зајакне капацитетот на собранискиот надзор над безбедносните служби.

Северна Македонија е умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација. Постигнате е одреден напредок во подобрување на транспарентноста, со усвојување на Стратегијата за транспарентност 2019-2021 година, операционализација на порталот за отворени податоци на владата и објавување на податоци за владините трошоци. Извештаите за мониторинг за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација и Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии беа изготвени и придружени со соодветни видливи активности. Останува од суштинско значење да се осигура почитување на принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност.  Државната комисија за спречување на корупција продолжи да работи на наводите за непотизам и политичко влијание во процесот на вработување во јавниот сектор. Треба да се обезбеди соодветно следење на извештаите и препораките на Државната комисија.

Судскиот систем на Северна Македонија има одредено ниво на подготовка / е умерено подготвено. Имаше добар напредок во спроведувањето на стратегијата за реформи во судството, притоа имајќи ги предвид  „Итните реформски приоритети“ и препораките од Венецијанската комисија и Групата високи експерти за системски прашања за владеење на правото. Сè уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акциски план на стратегијата за реформи во судството. Судските институции спроведуваат нови правила за именување, унапредување, дисциплина и разрешување на судии, а Судскиот совет попроактивно ја извршува својата улога. Како резултат на нејзините реформски напори во последниве години, Северна Македонија воспостави механизми за обезбедување независност и одговорност на судството, како што се правила за назначувања врз основа на заслуги, проверка на имотот и судир на интереси и дисциплински постапки. Треба да обезбеди нивна решителна и доследна употреба пред да се предвидат понатамошни промени во оваа област. Законот за јавно обвинителство стапи во сила во јуни 2020 година. Целта на законот е, меѓу другото, да обезбеди одржливо решение за случаите на Специјалното обвинителство и да утврди одговорност за кривичните дела што произлегуваат од и се поврзани со незаконското прислушување. Ревидираниот Закон за Советот на јавни обвинители беше исто така усвоен. Ефективното спроведување на законската рамка, како и зголемените напори на сите чинители да дадат позитивен пример ќе придонесе за зголемување на довербата на јавноста во судството.

Што се однесува до борбата против корупција, Северна Македонија има одредено  ниво на подготвеност/ е умерено подготвена. Постигнат е добар напредок преку консолидирање на своето досие во истрагата, гонењето и судењето случаи на висока корупција. Државната комисија за спречување корупција е особено проактивна во спречувањето корупција и отвори голем број случаи, меѓу кои и такви што вклучуваат  високи функционери од целиот политички спектар, во согласност со минатогодишната препорака.  Продолжуваат напорите за натамошно процесуирање на случаите на Специјалното обвинителство и за утврдување одговорност за незаконското прислушување. Поранешната главна специјална обвинителка беше осудена во јуни 2020 година, со првостепена пресуда во таканаречениот „случај рекет“ во врска со наводно изнудување и злоупотреба на службената положба во врска со случај на Специјалното обвинителство. Корупцијата е распространета во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители вклучени во спречувато и борба против корупцијата.

Земјата има одредено ниво на подготовка во борбата против организираниот криминал. Законската рамка е во голема мера во согласност со европските стандарди и напорите за спроведување стратегии против организираниот криминал мора да продолжат. Постигнат е одреден напредок во исполнувањето на минатогодишната препорака за формирање канцеларија за враќање на имот во согласност со законодавството на ЕУ. Канцеларијата сега ќе мора да го покаже својот капацитет за поддршка на проактивна политика за конфискација на имот. Земјата е вклучена во проценка на закана на регионално ниво и ќе мора да го прошири својот опсег во согласност со практиките на ЕУ. Има одреден напредок на оперативно ниво, но треба да се стори повеќе за да се подобри ефикасноста на спроведувањето на законот во борбата против специфични форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал. Соработката со Европол се зголемува во различни области од сферата на криминалот. Координацијата останува клучна меѓу сите чинители вклучени во борбата против организираниот криминал.

Постигнат е одреден напредок во борбата против тероризмот и спречување / справување со насилниот екстремизам во согласност со целите утврдени во Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот за Западен Балкан и билатералниот договор за спроведување.

Законската рамка за заштита на основните права во голема мера е во согласност со европските стандарди. Процесот на деинституционализација е во тек и се спроведува преселување на деца во мали групни домови. Министерството за труд и социјална политика инвестира во услуги во заедницата, вклучително и за поддршка на жртвите на родово насилство. Од суштинско значење е овие услуги да продолжат да бидат достапни. Потребни се дополнителни напори за спроведување на препораките на европските и меѓународните тела за човекови права, особено во врска со третманот на притворени и осудени лица. Одлуката на Уставниот суд за укинување на Законот за спречување и заштита од дискриминација поради процедурални причини значи дека земјата во моментов нема сеопфатна законска рамка за недискриминација и тело за еднаквост. Овој сериозен јаз треба да го реши новиот законодавен дом. Исто така е важно за земјата да го зајакне спроведувањето на законодавството за говорот на омраза и националниот план за акција за спроведување на Истанбулската конвенција. Додека поставувањето на надворешниот механизам за надзор на полицијата е завршено, отсуството на вистински независни истражители може да ја попречи работата на единицата за ефикасно решавање на неказнивоста на полицијата. Земјата треба да преземе итни мерки за понатамошно подобрување на состојбата во затворите и за поддршка на алтернативите на притворот.

Земјата има одредено ниво на подготовка / е умерено подготвена во областа на слободата на изразување и постигна ограничен напредок за време на периодот на известување. Целокупната состојба и климата во која работат медиумите остануваат генерално погодни за слободата на медиумите и овозможуваат критичко известување од страна на медиумите, иако имаше некои зголемени тензии за време на кризата со КОВИД-19 и во контекст на изборите. Потребно е да се интензивираат напорите за саморегулација за да се поддржи напредувањето во професионалните стандарди и квалитетот на новинарството.  Важно е да се обезбеди поголема транспарентност на рекламирањето во медиумите од страна на државните институции, политичките партии и јавните претпријатија. Потребни се одржливи решенија за да се обезбеди независност на јавниот радиодифузен сервис, професионални стандарди и финансиска одржливост. Од суштинско значење е да се продолжи со поддршка на плурализмот во медиумите, промовирање на професионализам, непристрасно известување и истражувачко новинарство и градење отпорност за ефикасна борба против дезинформации. Финансиската одржливост на независните медиуми и условите за работа на новинарите остануваат предизвик.

Во однос на регионалната соработка, земјата ги задржа добрите односи со другите земји опфатени со проширувањето и активно учествуваше во регионални иницијативи. Важно е да се продолжи со имплементација на билатерални договори, вклучително и договорот од Преспа и Договорот за добрососедски односи со Бугарија.

Северна Македонија продолжува да игра активна и конструктивна улога во управувањето со мешаните миграциски текови. Останува на една од главните транзитни рути за мешано движење. Ефикасно соработува со соседните земји и земјите-членки на ЕУ, вклучително и со офицери-гости од земјите-членки на ЕУ на терен. Продолжуваат значителните напори за обезбедување основни услови за живот и услуги за сите мигранти кои престојуваат во земјата. Има подобрување во регистрирањето на мигрантите и во нивното соодветно профилирање и заштита но тоа треба да се спроведува на посистематски начин. Статусниот договор со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража сè уште не е потпишан. Треба дополнително да се реши проблемот со честите шверцерски активности на северната граница.

Што се однесува на економските критериуми, Северна Македонија е на добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија, но постигна ограничен напредок за време на периодот на известување. Економскиот раст се забрза во 2019 година со зголемувањето на инвестициите, но, од април 2020 година, кризата со КОВИД-19 остави свој белег врз економијата и јавните финансии. Властите презедоа низа мерки за поддршка на компаниите и домаќинствата, за да го ублажат економското и социјалното влијание на кризата. Во периодот на известување, фискалната транспарентност беше дополнително подобрена. Сепак, фискално значајните реформи во оданочувањето на доходот и системот на пензии, воведени на почетокот на 2019 година, забележаа назадување. Покрај тоа, спроведувањето на јавните капитални трошоци остана на значително ниско ниво, а стабилизацијата на јавниот долг сè уште не е обезбедена. Пред кризата со КОВИД-19, стапките на невработеност дополнително се намалија, исто така и кај младите работници, а неформалното вработување благо опадна. Сепак, влијанието на кризата со КОВИД-19 веројатно ќе ги сврти тие позитивни трендови. Стапките на учество остануваат ниски, иако учеството на жените во пазарот на трудот се зголеми.

Финансискиот сектор остана солиден, а заемите за приватниот сектор беа зајакнати. Деловното опкружување продолжува да биде попречено од високиот удел на неформалната економија. Северна Македонија постигна одреден напредок и е умерено подготвена да се справи со конкурентските притисоци и пазарните сили во рамките на ЕУ. Интеграцијата во ЕУ во смисла на трговија и инвестиции дополнително се продлабочи. Извозот и индустриското производство дополнително се проширија со производи од повисока вредност. Сепак, недостигот на вештини, како одраз на недостатоците во образовниот систем и одливот на квалификувани работници, како и јазот во инвестициите во инфраструктура ја нарушуваат продуктивноста на трудот и конкурентноста на економијата. Додека во моментов преовладуваат мерките за ублажување на непосредното негативно влијание на кризата со КOVID-19 врз растот и вработеноста, навремено решавање на овие структурни потреби би поддржало брзо посткризно економско закрепнување.

Во однос на нејзината способност да ги преземе обврските за членство, земјата продолжува да биде умерено подготвена во повеќето области, вклучително и во областите на конкурентност, јавни набавки, статистика, финансиска контрола, транспорт и енергија. Земјата покажува добро ниво на подготовка во области како што се законодавство на компании, царинска унија, транс-европски мрежи како и наука и истражување. Земјата е во рана фаза на подготовка во области како што се слободно движење на работниците, како и финансиски и буџетски одредби.

Во наредниот период, потребен е поголем фокус и на административниот капацитет и ефективната имплементација. Земјата продолжи да ја подобрува својата усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

 

Клучни датуми

 

Јуни 2003 година: Самитот во Солун на ЕУ и Западен Балкан ја потврдува перспективата на ЕУ за Западен Балкан.

 

Март 2004 година: Земјата аплицира за членство во ЕУ

 

Април 2004 година: Стапува на сила Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

 

Декември 2005 година: Даден е статусот на земја кандидат.

 

Октомври 2009 година: Европската комисија за прв пат препорачува отворање пристапни преговори.

 

Декември 2009 година: Безвизно патување во Шенген-зоната за граѓаните на земјата.

 

Март 2012 година: Започна пристапниот дијалог на високо ниво со Комисијата.

 

Ноември 2015 година: Европската комисија ја условува својата препорака со континуирана имплементација на Пржинскиот договор и значителен напредок во спроведувањето на „Итните реформски приоритети“.

 

Февруари 2018 година: Европската комисија ја усвои својата стратегија за „Кредибилна перспектива на проширување и засилен ангажман на ЕУ во Западен Балкан“.

Април 2018 година: Европската комисија препорачува Советот да одлучи преговорите за пристапување да се отворат со земјата во светло на постигнатиот напредок.

 

Мај 2018 година: Самитот меѓу ЕУ и Западен Балкан во Софија ја потврдува европската перспектива на регионот и утврдува бројни конкретни активности за зајакнување на соработката во областите на поврзаност, безбедност и владеење на правото.

 

Јуни 2018 година: Советот го утврдува патот кон отворање пристапни преговори со земјата во јуни 2019 година, во зависност од постигнатиот напредок.

 

Февруари 2019 година: ЕУ е официјално известена за влегувањето во сила на договорот од Преспа.

 

Мај 2019 година: Европската комисија препорачува отворање пристапни преговори

 

Февруари 2020 година: Ревидирана методологија, претставена од Комисијата, за да се придвижи процесот на проширување со посилно политичко водство и на поверодостоен, предвидлив, и динамичен начин.

 

Март 2020 година: Членовите на Европскиот совет ја одобрија одлуката на Советот за општи работи за отворање пристапни преговори со Северна Македонија.

 

Мај 2020 година: Самит меѓу ЕУ и Западен Балкан во Загреб.

 

Јули 2020 година: Презентација на нацрт-рамката за преговори до земјите-членки

 

Октомври 2020 година: Комисијата предлага економски и инвестициски план за поддршка и приближување на Западен Балкан кон ЕУ.  

 

Повеќе информации за Извештајот за Северна Македонија и за пакетот за проширување за 2020 година

 

North Macedonia Report 2020

Enlargement Package 2020

North Macedonia Factograph

Languages: