Delegation of the European Union to the

UN and other international organisations in Geneva

Северна Македонија: Изјава на високиот претставник/потпретседател Жозеп Борел по средбата со премиерот Зоран Заев

Брисел, 11/05/2021 - 16:09, UNIQUE ID: 210511_15
Remarks

Добро утро на сите,

Многу ми е драго што денес можев да го пречекам премиерот [на Северна Македонија Зоран] Заев во седиштето на Службата за надворешна акција, тука во Брисел.

И ова е многу навремена средба бидејќи токму вчера имавме интересна и долга дискусија околу Западен Балкан во Советот на министри за надворешни работи на Европската унија. За важноста на Западен Балкан и нашата постојана посветеност кон регионот. Министрите [за надворешни работи], сите, ја потврдија европската перспектива на целиот регион, премиеру.

Имаше силна поддршка да се свика првата Меѓувладина конференција за Северна Македонија што е можно поскоро. Знаеме дека чекате долго време – можеби 16 години. Вие сте втора земја што најдолго чека пред вратата на проширувањето. Но, можам да ви кажам дека имаше голема поддршка од сите [министри за надворешни работи] за одржување на првата конференција.

Дозволете ми уште еднаш многу јасно да нагласам: го сторив тоа вчера по Советот [за надворешни работи], на прес-конференцијата и сакам да повторам и денес дека нема поддршка за „одвојување“ – ниту во институциите на Европската унија, ниту кај земјите-членки. Северна Македонија ги исполни потребните услови за започнување на пристапните преговори и, слично како и Албанија, заслужува да продолжи во следната фаза од процесот без одложувања.

Исто така, би сакал да го истакнам високото ниво на вашата усогласеност со нашата надворешна и безбедносна политика. А за мене, како висок претставник, многу е важно што многу храбро – а понекогаш и по одредена цена – се усогласувате со нашата заедничка надворешна и безбедносна политика. Ние многу го цениме тоа. И разбирам дека тоа е израз на вашата посветеност кон европскиот пат за вашата земја.

Сакам да инсистирам на оваа идеја, Северна Македонија може да смета на тоа дека ќе ја поддржиме кога станува збор за наоѓање решение за напредување на пристапниот пат, но исто така и кога станува збор за вакцините. Само што ја испорачавме првата група од вкупно 120.000 вакцини за Северна Македонија целосно финансирани од ЕУ. И ова е без никакви обврски, без условување. Овие се геополитички предизвици за нас, да му помогнеме на Западен Балкан воопшто и – особено на Северна Македонија – да се соочи со пандемијата.

Нашата заложба беше јасна на денешниот состанок, како и вчера на дискусиите на 27-те министри за надворешни работи на ЕУ.

Ви благодарам за посетата

Врска до видеото: https://audiovisual.ec.europa.eu/en/video/I-205753

 

 

 

 

 

 

Languages: