Delegation of the European Union to Uganda

Порака на амбасадорот Самуел Жбогар по повод Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата

17/05/2020 - 11:04
News

 

 

Во Европската Унија сите треба да се чувствуваат безбедно и да ја имаат слободата да бидат она што се. Потребна ни е еднаквост за сите и еднаквост во секоја смисла на зборот.

ЕУ, како глобална сила за промени кон подобро во која почитувањето на човековите права и достоинство е темелна вредност, а „Обединети во различноста“ нејзин најпрепознатлив слоган, мора да биде пример за тоа што значи еднаквост во секојдневниот живот. Ова се очекува од сите земји-членки – сегашни и идни.

Борбата за правата на лезбејките, геј мажите, бисексуалните, трансродните и интерсексуалните (ЛГТБИ) лица произлезе од повеќевековната историја на општествен притисок и индивидуално страдање.

ЕУ постигна многу во институционализацијата на таа борба. Сепак, претстои уште работа. Продолжуваме да работиме на тоа, очекувајќи нашите идни членки да го следат нашиот пример.

 

 

Пред неполна година, Северна Македонија успешно ја организираше првата Парада на гордоста. Се подготвува регулирање на процедурите за признавање на родот. Граѓанското општество и полицијата почнаа соработка во однос на процедурите во врска со ЛГБТИ лицата.

Сепак, говорот на омраза и предрасудите во општеството кон ЛГБТИ лицата се присутни, особено на социјалните мрежи. Сторителите на нападите врз ЛГБТИ-центарот во Скопје од пред неколку години се’ уште не се идентификувани и изведени пред лицето на правдата. Постојат извештаи дека трансродови лица биле предмет на негативен однос од страна на медицински лица и дека немаат целосен пристап до здравствени услуги. Тоа не смее да се случува.

Правната заштита од дискриминација на ЛГБТИ лицата е клучна во секое демократско општество. Оттука и потребата од ефективно антидискриминациско законодавство, во кое сексуалната ориентација и родовиот идентитет, меѓу останатото, претставуваат правна основа за заштита.

Во сегашните ковид-19-околности кои ја ставаат солидарноста во прв план, да направиме се’ за да се осигураме дека сите луѓе имаат не само еднаков пристап до здравството. Туку и дека сите луѓе може да бидат она што се. И да се чувствуваат прифатено поради тоа.

 

Languages: