Денот на Шуман во 2020 година – моето лично видување на европската идеја

На 9 Мај го одбележуваме Денот на Европа. Седумдесетгодишнината од Шумановата декларација е можност да размислиме што значи европската интеграција и која е улогата на ЕУ во светот. Го користам овој напис во блогот да го направам тоа од личен агол; да образложам зошто вреди да се брани Европа како идеја и политички проект.

 

Како и кај другите, мојата лична приказна ги определи моите политички убедувања.

Мојот интерес и посветеноста кон европската идеја – лично и професионално – датираат од времето кога на 17-годишна возраст, се’ уште за време на режимот на Франко, добив стипендија за есеј за изгледите на Шпанија да се приклучи кон она што тогаш се нарекуваше „Европски заеднички пазар“. За мене и за мојата генерација во Шпанија, живеејќи во воена диктатура, Европа беше симбол на надеж, напредок, демократија, слобода и солидарност.

Првпат во животот излегов од границите на мојата земја – нешто што тогаш не беше така едноставно како што стана подоцна – за летна работа во странство како студент: на фарма во Данска, во градежниот сектор во Германија, во угостителството во Британија и берење грозје во Франција. Патувањето низ Европа ми даде нови погледи, нови слободи и способност да барам нови можности.

По моите студии на Политехничкиот универзитет во Мадрид, во летото 1969 година, работев во кибуц и ги пропатував Израел и окупираните палестински територии, од Голанската Висорамнина до Еилат. Тоа беше мојот прв контакт со изреалско-палестинскиот конфликт. Тој служеше како потсетник на трагичната природа на човековата историја и на потребата да се побегне од историјата. Тоа е и дел од она што не’ мотивира нас, Европејците.

Историјата на Европа е историја на војување околу границите. Милиони загинаа како последица на тоа. Затоа границите се лузни на историјата. Генијалноста на идејата за европска интеграција беше во тоа што предложи да престанеме да војуваме околу тоа каде ќе бидат границите и наместо тоа, да се фокусираме на тоа да ги направиме неважни. Всушност, ЕУ стана светски шампион во елиминирање на границите. За жал, денес, пошироко во светот, повторно има повеќе ѕидови во различни форми отколку во времето кога падна Берлинскиот ѕид.

Зачудувачки и болно е да се живее во моментов во Европа каде границите се повторно важни, бидејќи повеќе од еден месец тие се затворени за луѓето. За тоа имаше и се’ уште има убедливи причини. Но јас копнеам по тоа границите да се отворат повторно за сите нас и повторно да патуваме низ Европа, штом ќе дозволат околностите.

Седумдесетгодишнината од Шумановата декларација е момент во кој треба да се навратиме на првите принципи на она што значи Европа: мир и демократија, издигнување над историјата, меѓународна солидарност, отворени граници.

Треба да размислуваме и да дејствуваме далекусежно. Како што напиша Шуман во Декларацијата: „Светскиот мир не може да се зачува без да се направат креативни напори сразмерни на опасностите кои го загрозуваат“.

Шуман не размислувал скромно. Ниту пак бил затвореник на старите начини на размислување. Проектот што го започна е спектакуларно успешен. Тој и’ овозможи на истоштената и разурната Европа да верува во себе и повторно да се издигне. Од шест на 12, 15 и денес на 27. Од заедница за јаглен и челик до заеднички пазар, до политичка унија со амбиција да прерасне во вистински геополитички фактор.

Да, постојат многу причини да се биде критичен. Треба да докажеме дека солидарноста не е само празен збор и дека сме сериозни кога зборуваме за Европа која штити. Прва должност на владата е да штити и ЕУ мора да има главна улога во борбата против корона вирусот и во обновата. По несигурниот почеток, сега ЕУ е мобилизирана на сите фронтови. На крајот од оваа криза, граѓаните ќе го оценуваат европскиот идеал врз основа на нивниот одговор на следното едноставно прашање: „Ме заштити ли Европската Унија?“

Европа, всушност, треба да работи истовремено на три предизвици. Прво, грижата за здравјето треба да стане дел од нашето безбедносно размислување и од пристапот кон европскиот суверенитет. Второ, за да избегнеме колапс на нашите економии, мора да најдеме моќен, усогласен и креативен одговор. И трето, Европа мора да предводи координирана светска акција за борба против пандемијата. Очигледно е дека земјите кои дејствуваат сами нема да успеат.

Веќе неколку недели нашите влади намерно ги забавија нашите економии за да не’ заштитат. Тешките економски состојби не се последица на здравствена криза, туку на мерките преземени за да се спречи таква криза. Вакво нешто не се случило никогаш претходно во историјата. Овие незапаметени околности ги погодуваат земјите во различна мера, што носи ризик од тензии внатре во Европа и ширум светот. Клучни зборови денес се здравствена безбедност, издржливост, стратешка автономија, мултилатералност и зелена обнова.

Светот денес е многу поразличен од оној во времето на Шумановата декларација. Поминавме долг пат во овие 70 години, надминувајќи многу кризи.

Како ли ќе изгледа ЕУ за 70 години? Тоа ќе зависи од одлуките што ги носиме денес.

Како некој што ја живеел европската историја со сите нејзини подеми и падови, убеден сум дека треба да размислуваме далекусежно и креативно како Шуман – и да дејствуваме во тој дух.