Delegation of the European Union to Russia

Комесарот Вархеи во Скопје: 2020-та е историска година за Северна Македонија – реформскиот моментум да се одржи, Економско-инвестицискиот план ќе донесе практични придобивки за граѓаните

08/10/2020 - 18:12
News

Посетата се случи еден ден откако Европската комисија го објави годишниот Пакет за проширување и Економско-инвестицискиот план (ЕИП), кој треба да ја помогне социоекономската обнова на регионот и дополнително да го приближи до ЕУ.

 

„Ја започнувам мојата посета на регионот овде во Северна Македонија за да пренесам јасна порака – 2020-та е историска и долгоочекувана година за вашата земја, во која беа наградени вашите одлучност и цврстина да напредувате на патот кон ЕУ. Може да сметате на мене и на мојата постојана поддршка, на секој можен начин, за да напреднете уште повеќе во процесот на ЕУ интеграција“, рече комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеи, обраќајќи се во Собранието на 7 октомври  (https://ec.europa.eu/commission/commissioners/2019-2024/varhelyi/announc...).

Комесарот повтори дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ. „Наш стратешки интерес е да го приближиме регионот до ЕУ како што ваш стратешки интерес е да и’ се приклучите на ЕУ“, рече тој.

Благодарение на новата методологија за проширување, ЕК го надмина застојот во Советот околу отворањето пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија и предложи преговарачки рамки за кои разговорите се во тек. Одговарајќи на новинарски прашања за билатералните прашања со Бугарија, на прес-конференција со премиерот Зоран Заев, Вархеи рече: „Да оставиме дипломатијата да работи и добрососедските односи да преовладат: верувам дека Северна Македонија и Бугарија ќе најдат решение“. Се надева дека преговарачката рамка ќе биде усогласена наскоро и оти меѓувладината конференција ќе се одржи до крајот на годината, за време на Германското претседателство.

 

 

Во однос на реформите, комесарот рече дека земјата одржала стабилно темпо на напредок и постигнала дополнителни резултати во клучните области од владеењето на правото, вклучително во судството и во борбата против корупцијата и организираниот криминал. „Важно е да го одржите овој моментум. Борбата против корупцијата треба да продолжи решително и потребни се натамошни напори за да се обезбеди целосно почитување на принципите на транспарентност и заслуга во реформата на јавната администрација“. Го охрабри Собранието да обезбеди соодветни консултации и демократска дебата низ вообичаени процедури, како и механизми за зајакнување на надзорот врз извршната власт и разузнавачките служби.

За време на посетата, комесарот ги претстави годишниот извештај за земјата и ЕИП пред претседателот Стево Пендаровски, спикерот Талат Џафери и пратениците, како и пред Владата.

Целта на ЕИП е да поттикне дологорочна обнова на регионот преку значаен инвестициски пакет (9 милијарди евра) што треба да доведе до одржлив економски развој, спроведување реформи и приближување на Западен Балкан до единствениот пазар на ЕУ. Инвестицискиот пакет ги опфаќа клучните области – транспорт, енергетика, животна средина, дигитализација, приватниот сектор и младите.

„Северна Македонија е дел од овој план и вашите граѓани и бизниси ќе имаат непосредни придобивки. Во областа на транспортот, планот ја опфаќа железничката делница од Коридорот 8 која го поврзува Скопје со Бугарија. Во делот на енергетиката, планот ги вклучува гасните интерконтектори меѓу Северна Македонија и Косово и меѓу Северна Македонија и Србија, кои ќе придонесат кон енергетската диверзификација на земјата. Дополнително, планот поддржува обновливи извори на енергија, вклучувајќи изградба на централи кои користат сонце и ветер. Конечно, во клучната област – животната средина, планот се фокусира на изградба на пречистителни станици во Скопје и на интегрирани регионални системи за управување со отпад. Овие големи инвестиции ќе бидат дополнување на постојните проекти, веќе поддржани во рамките на билатералната помош, како што се важните инвестиции за развој на железничката мрежа и за зајакнување на поврзаноста“, рече комесарот.

Планот е придружен од Зелена агенда за Западен Балкан, која се надоврзува на Европскиот зелен договор. Таа предвидува заедничка акција за справување со предизвиците поврзани со зелената транзиција, климатските промени, губењето на биодиверзитетот, прекумерната употреба на ресурсите и загаденоста... Посебно внимание ќе и’ се посвети на заложбата на ЕУ да стане климатски неутрална до 2050 година.

Во Скопје, комесарот се сретна и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нагласувајќи ја важноста сите политички сили да придонесат за забрзување на ЕУ реформите.

Languages: