Делегација на Европската Унија во Република
Северна Македонија

17-ти состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија, 17 јули 2020 година

Брисел, 19/07/2020 - 10:54, UNIQUE ID: 200719_1
Press releases

 

Седумнаесеттиот состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација (СА) меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија, кој требаше да се одржи во Скопје, се одржа виртуелно на 17 јули 2020 година. Со состанокот копретседаваа г-а Калинка Габер, државен секретар за европски прашања на Северна Македонија и г-а Хеновева Руиз Калавера, директор за Западен Балкан во Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и преговори за проширување.

Состанокот на Комитетот за СА се одржа четири месеци по одлуката на Советот да отвори пристапни преговори со Северна Македонија и неколку недели откако Комисијата ја претстави нацрт- преговарачката рамка пред Советот. На состанокот им се посвети внимание на овие два важни чекори во пристапниот процес на Северна Македонија и се разговараше за натамошните активности.

Комитетот за СА ја забележа оценката на ОБСЕ/ОДИХР дека предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 15 јули 2020 година генерално се спроведоа добро и со извесни прилагодувања поради пандемијата на ковид-19, и оти кампањата беше вистински натпреварувачка, но правната стабилност беше поткопана со значителни ревизии на правната рамка и последователните владини уредби. Постапувањето по преостанатите препораки на ОБСЕ/ОДИХР навреме пред следниот изборен циклус останува приоритет за земјата.

Комитетот за СА ја разгледа состојбата во однос на политичките и економските критериуми, прилагодувањето кон законодавството на ЕУ (аки), како и спроведувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација. Го поздрави напредокот постигнат во унапредувањето на ЕУ-реформите, особено во областите посочени во заклучоците на Советот од 2018 година, препораките на извештајот на Комисијата од 2019 година и во заклучоците на поткомитетите за стабилизација и асоцијација, како и насоките обезбедени во контекст на Економската реформска програма. Беше поздравено усвојувањето и стапувањето во сила на Законот за јавно обвинителство, но беше нагласена потребата да се продолжи со реформите во судството. Беа забележани подобрувања во однос на борбата против корупцијата и организираниот криминал и притоа беше истакнато дека овие напори треба да продолжат со несмалено темпо во овие области.

Европската комисија ги охрабри сите политички партии и чинители во земјата да работат заедно на одржувањето и зајанувањето на политичкиот дијалог и да продолжат да испорачуваат резултати во однос на ЕУ-агендата, вклучително и во клучните области како судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, разузнавачките служби, јавната администрација, на сеопфатен и транспарентен начин. Европската комисија ја нагласи важноста да се одржи напредок во прилагодувањето кон законодавството на ЕУ.

Делегациите потсетија на заклучоците на Советот од март 2020 година и на важноста на добрососедските односи, вклучително и на спроведувањето на Договорот од Преспа и на Договорот за добрососедски односи со Бугарија.

Како што наведоа во заедничката изјава високиот претставник/потпретседател Жозеп Борел и комесарот за соседска политика и проширување Оливер Вареи, Европската унија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и со нетрпение очекува првата меѓувладина конференција да се одржи што поскоро.

Languages: