Делегација на Европската Унија во Република
Северна Македонија

Успешни ЕИДХР приказни: Даночната одговорност е двонасочен процес

02/03/2021 - 14:09
News

Поодговорни даночни обврзници и потранспарентни локални институции. Центарот за економски анализи (ЦЕА), преку проект поддржан од ЕУ, се обиде да утврди како да се постигне оваа двојна цел преку промена во начинот на кој комуницираат двете страни. Првичните резултати се охрабрувачки.

 

Може ли поинаквата комуникација да ја подобри наплатата на даноци?

Проект што во 2020 година го спроведе Центарот за економски анализи (ЦЕА) од Скопје, со помош на Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), покажа дека граѓаните се помотивирани да ги плаќаат локалните даноци доколку општините, наместо само со потсетници или опомени, ги контактираат со пораки кои се повикуваат и на нивното чувство за лични вредности и за општествена одговорност. И кои притоа објаснуваат зошто плаќањето данок е важно за квалитетот на животот во општината.

Пилот-проектот беше спроведен во – и со поддршка – на три општини во Северна Македонија.

„Иновативната комуникација на даночните власти со даночните обврзници може да биде корисно дополнително средство за наплата на данок и за зајакнување на даночниот морал во земјата. На пример, локалните власти, обраќајќи им се директно на граѓаните кои не платиле данок со пораката: ,Вие сте дел од оние кои не го подмириле својот долг, со што им наметнувате неправеден товар на другите даночни обврзници кои чесно ги исполниле своите обврски’, теоретски може да наплатат 2,5 милиони евра неподмирен долг за данок на имот на ниво на целата земја“, вели Весна Гарванлиева-Андонова, раководител на проектот.

 

 

Цел на проектот биле граѓани со неплатен данок на имот. Откако добиле писма во кои, освен на долгот, се укажувало на тоа дека наплатата на даноци придонесува за развој на општината и за квалитетни локални услуги, 10% од нив целосно, а дополнителни 6% делумно ги подмириле долговите. На тој начин, вкупниот долг поради неплатен данок за имот се намалил за 6%.  

Во ЦЕА веруваат дека ваквиот пристап може да го зголеми доброволното подмирување на даночните обврски кај граѓаните. Но ова бара од локалните власти да покажат поголема транспарентност, пристапност и одговорност. Анкета спроведена на национално ниво покажала дека 65% од граѓаните најверојатно би ги платиле даноците навреме доколку властите би ги информирале постојано за тоа како се трошат локалните даночни приходи.

Проектот, кој на социјалните медиуми спроведе и кампања за даночна одговорност, откри уште еден интересен детаљ: жените-даночни обврзници повеќе реагираат на потсетници во кои се повикува на вредности, а мажите – на „класичните’’ потсетници. Најдобра формула би била комбинација од двата типа пораки, во зависност од профилот на даночниот обврзник, велат во ЦЕА.  

 

Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР) е основан во 2006 година за поддршка на проекти во областа на човековите права и фундаменталните слободи, како и за зајакнување на владеењето на правото и на демократските реформи во земји надвор од ЕУ. Обезбедува помош главно за граѓански организации. Во рамки на своето издание за поддршка на проекти во земјата во периодот 2018-2019 година, ЕИДХР издвои еден милион евра за шест граѓански организации.

 

Languages: