Делегација на Европската Унија во Република
Северна Македонија

Брендот „Јуроп хаус’’ се шири низ Северна Македонија: „Места за новата генерација’’ отворени во Крива Паланка и Струмица

22/02/2021 - 14:15
News

Петнаесет месеци по отворањето на првата Јуроп Хаус (Европска куќа) во Скопје и по мноштвото позитивни реакции за нејзината намена и работа, Делегацијата на ЕУ отвори слични центри за млади во уште два града. На отварањата, покрај градоначалниците, на амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир му се придружија и претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски (во Крива Паланка) и премиерот Зоран Заев (во Струмица). Нивната порака до младите беше да ги користат овие места за да се среќаваат, да споделуваат идеи и да придонесуваат за европската перспектива на земјата.

 

Претставување на таленти на младите, ентузијазам и високи очекувања ги одбележаа настаните во Крива Паланка на 18 февруари и во Струмица два дена подоцна.

Отворањето на Јуроп Хаус во двата града не можеше да посака подобар почеток.

Изложба на кејот на реката во Крива Паланка во која беа поместени фото-приказни на десет локални младинци, и ѕид со идеи поставен пред општинската зграда ги сумираа потребите и аспирациите на младите жители на градот, како и нивните очекувања од Јуроп Хаус. Културните настани (вклучително и филмски проекции и основање книжевен клуб) и дебати/работилници (на теми од заштита на уличните животни и органска храна, преку ментално здравје, до фотографија, дизајн и почнување бизнис) котираа високо на листата од желби.

Во Струмица, слични пораки беа испратени преку перформанс и презентации кои младите ги одржаа во паркот спроти Јуроп Хаус: да играме, да создаваме, да дебатираме, да бидеме активни и да се забавуваме. Во духот на последново, имаше џез, рок и концерти на класична музика. Дел од седумдневната програма по повод отворањето беа и светлосни инсталации, сликање на самото место и вебинари за дигитални вештини, дебатирање и фотографија.

 

 

Крива Паланка и Струмица се првите места надвор од главниот град кои добија Јуроп Хаус како „места за новата генерација’’. Тоа се случи благодарение на општините, кои понудија соодветни објекти. Планот на Делегацијата на ЕУ е да продолжи да го шири брендот „Јуроп Хаус’’ низ земјата.

 

 

Делегацијата ја основа првата Јуроп Хаус во Скопје во ноември 2019 година, како одговор на барањата што средношколците од 25 различни градови ги претставија во текот на серијата дебати со Делегацијата. Јуроп Хаус Скопје го замени дотогашниот ЕУ Инфо Центар со простор каде младите може да се среќаваат, да дебатираат, да организираат настани, да учествуваат во културни настани и – да се забавуваат.

„Кога претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, ја отвори Јуроп Хаус во Скопје, ја упати следнава порака до младите: ,Ова е место за вас да се среќавате, да разменувате идеи и да се поврзувате со другите, создавајќи нови можности за себе и за вашата земја’. Ви ја упатувам истата порака во оваа пригода. И ве поканувам да дадете идеи за тоа како најдобро да се користи Јуроп Хаус – надоградувајќи го вашето разбирање за ЕУ и притоа напредувајќи во однос на вашите приоритети’’, рече амбасадорот Гир на отворањето во двата града. Освен градоначалниците-домаќини Борјанчо Мицевски (Крива Паланка) и Коста Јаневски (Струмица), на настаните присуствуваа и претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски (во Крива Паланка) и премиерот Зоран Заев (во Струмица).

 

 

Марија Габриел, комесар на ЕУ за иновации, истражување, култура, образование и млади, го поздрави отворањето на Јуроп Хаус во двата града преку видео порака, изразувајќи увереност дека младите се најголем ресурс на Северна Македонија. „Горда сум на сè што постигнавте во оваа област. Од личните контакти меѓу луѓето во областа на културата и образованието до вашето учество во Еразмус+, програма што стана синоним за Европа. Од изразената солидарност преку Европскиот солидарен корпус до вашиот придонес кон поинвентивна Европа, преку нашата програма Хоризонт 2020. Двата центри Јуроп Хаус ќе служат како зборно место за поттикнување дебати, инспирирање соработка и поврзување меѓу младите иноватори, претприемачи, креативци, воедно промовирајќи ги вредностите на ЕУ’’, изјави комесарката Габриел.

 

 

Во Крива Паланка, амбасадорот Гир им го предаде клучот од Јуроп Хаус на младите. Во Струмица, позната по вековната карневалска традиција (градскиот татко им го предава клучот од градот на учесниците во карневалот како симболичен гест дека тие владејат со него за време на фестивалот), тоа го стори градоначалникот. Со порака од амбасадорот Гир: „Додека градот им припаѓа на учесниците во карневалот само една недела, Јуроп Хаус им припаѓа на младите во текот на целата година. Ве поканувам тоа да го искористите најдобро што можете’’.

 

Languages: