Делегација на Европската Унија во Република
Северна Македонија

Во време на пандемија, ЕУ помага фирмите во Северна Македонија да станат поконкурентни, а домовите поеколошки

13/01/2021 - 21:42
News stories

Со заеми кои се доделуваат преку комерцијалните банки, Европската Унија, ЕБОР и други донатори им помагаат на малите и средни претпријатија да ги достигнат ЕУ-стандардите, а во истовреме да водат повеќе сметка за животната средина. Помош им се доделува и на сопствениците на домови за да ги направат објектите енергетски поефикасни.

 

Во време кога приватните компании и граѓаните во Северна Македонија ги чувствуваат економските последици од пандемијата со коронавирусот, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и’ обезбеди на Прокредит банка од Скопје заеми во вкупна вредност од 3,5 милиони евра за поддршка на конкуретноста на мали и средни претпријатија и за градба според еколошки стандарди.

Првиот дел од овој финаниски пакет се состои од заем вреден 2,5 милиони евра за зголемување на конкурентноста на локалните мали и средни претпријатија. Овие средства ќе им помогнат на компаниите да ги надградат производствените процеси и опрема во согласност со стандардите на ЕУ, особено во однос на квалитетот и безбедноста на производите, здравствените и безбедносни мерки и заштитата на животната средина. Овие инвестиции ги покрива Програмата за поддршка на конкурентноста на мали и средни претпријатија во Западен Балкан, во која ЕБОР обезбедува заеми, а ЕУ финансиски олеснувања (во основа, ЕУ покрива 15% од вредноста на заемите и корисниците ќе треба да вратат 85% од нивниот кредит).

Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, вели: „Со оглед на економските последици од пандемијата, обезбедувањето поповолен пристап до средства за малите и средни претпријатија е од огромна важност. Оваа заедничка програма на ЕУ и ЕБОР е дополнување на други краткорочни мерки на владата - кои ЕУ исто така ги поддржува -  чија цел е работните места да се задржат и компаниите да опстанат. Таа го прави тоа обезбедувајќи средства за ‘зелени’ капитални инвестиции. Комбинацијата од заем и грант, карактеристична за оваа програма, се потврди како успешен начин за охрабрување на компаниите да гледааат подалеку од актуелната криза и да планираат и вложуваат во иднината“.

Вториот дел е заем во висина од 1 милион евра за поддршка на индивидуални инвестиции во еколошки материјали, опрема и технологии за приватни станбени објекти. Тој е дел од Финансискиот инструмент за зелена економија (ГЕФФ), кој нуди енергетски и ресурсно ефикасни решенија за градење позелена и поодржлива економија. Програмата е поддржана од ЕУ, Инвестициската рамка за Западен Балкан и од австриското Федерално министерство за финансии. Во рамките на истата програма, зелените инвестиции во секторот домување во земјава се поддржани со уште еден заем од 1 милион евра што ЕБОР и’ го обезбеди на Комерцијална банка. ЕУ покрива дел и од овие заеми, претворајќи од 15% до 35% од инвестициите во грантови. Слични заеми, наменети и за општини и за компании, се обезбедуваат преку уште три локални банки (Шпаркасе, Охридска банка и НЛБ).

 

 

Анди Аранитаси, шеф на ЕБОР во Северна Македонија, вели: „Среќни сме што ги прошируваме нашите ‘зелени’ активности во Северна Македонија […]. Поддршката за зелените инвестиции е меѓу нашите клучни приоритети […]. Во врска со ова, надминувањето на пандемијата со коронавирусот и обновата на економијата се исто така во нашиот фокус. Зелената обнова е еден од начините за закрепнување на економијата и овој заем е чекор во таа насока“.

До крајот на декември 2020 година, ГЕФФ во Северна Македонија обезбеди заеми во висина од над 12 милиони евра за повеќе од 1.600 индивидуални проекти кои придонесуваат за заштеда на над 8 милиони киловат-часови енергија и за намалување на емисијата на јаглерод диоксид за над 3.000 тони на годишно ниво. Најчесто финансирани технологии се еколошки прозорци и врати, изолација и топлински пумпи.

 

Languages: