Делегација на Европската Унија во Република
Северна Македонија

Блокирај ја омразата, сподели љубов!

16/12/2020 - 12:59
News

Европската Унија и Советот на Европа започнаа нова кампања против говорот на омраза во Западен Балкан.

 

Говорот на омраза е во подем низ Европа, загрозувајќи ги човековите права и општествената кохезија. Во Западен Балкан, говорот на омраза таргетира особено припадници на ранливи групи, кои веќе беа погодени од стигматизација и дискриминација за време на пандемијата на КОВИД-19. За да се спротистават на овој феномен, Европската Унија и Советот на Европа почнаа на 15 декември нова кампања за Западен Балкан: „Блокирај ја омразата. Сподели љубов.“

Имајќи ја предвид епидемиолошката ситуација, кампањата целосно ќе се одвива онлајн, преку страници на Фејсбук, Инстаграм и Твитер, специјално наменети за кампањата: „Блокирај ја омразата. Сподели љубов.“ и ќе бидат активни во текот на следните години. Граѓански активисти, новинари, студенти и сите оние кои веруваат дека преку љубовта може да се победи омразата, се поканети да бидат дел од оваа кампања преку следење и споделување на објавите, како и користење на нивните пораки за да одговорат на различни форми на омраза кои влијаат на нивниот приватен и општествен живот или на животот на членовите на нивното семејство, пријатели или други поединци.

„Не само институциите, туку и луѓето, секој поединец, треба да бидат подготвени да одговорат на говорот на омраза. Денеска, јас се приклучив на кампањата за да кажам „БЛОКИРАЈ ЈА ОМРАЗАТА, СПОДЕЛИ ЉУБОВ“ и ве поканувам и вие да го сторите истото. Придружете ни се и продолжете да ја следите кампањата во годините кои следуваат“, рече Меглена Кунева, шефицата на Делегацијата на Европската Унија во Совет на Европа.

Верена Тејлор, директорка на Канцеларијата на Генералниот директорат за програми на Совет на Европа, додаде: „Нашето тело за антидискриминација, Европската комисија против расизам и нетолеранција, создаде јасни водичи за државите и за граѓанскиот сектор, за тоа како да одговорат на говорот на омраза. Видлив и силен инструмент е кампањата против говор на омраза која почна во рамките на Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција. Ги покануваме сите да се приклучат на ова движење против говор на омраза кое се случува на европско ниво и да застанат на страната на различноста и еднаквоста.“

Во кампањата активно ќе учествуваат и амбасадорите против говор на омраза - еминентни јавни личности од Западен Балкан.

Кампањата се одвива во рамки на проектот „Промоција на различноста и еднаквоста во Западен Балкан“, кој е дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019 – 2022“ и го спроведува Одделот за анти-дискриминација на Совет на Европа.

Languages: