Делегација на Европската Унија во Република
Северна Македонија

Европска недела на мобилност: Батали кола, седни на точак; не загадувај, биди фит!

08/10/2019 - 12:02
News stories

Скопје и уште 12 градови ширум земјата и годинава беа дел од настанот што секој септември промовира чиста мобилност и одржлив урбан транспорт. Вработените во Делегацијата не само што учествуваа во настанот, туку и дадоа сугестии за тоа како Скопје да стане подобро место за велосипедистите

„Пешачи со нас!“ беше мотото на годинашната Европска недела на мобилност, која го стави акцентот на безбедното пешачење и возење велосипед и на придобивките од нив за нашето здравје, животна средина и финансии.

Скопје и 12 други општини во земјата беа дел од настанот. За тоа, очигледно, имаа добра причина ако се има предвид дека лошиот квалитет на воздухот за нив е предизвик во текот на целата година. Настанот истовремено се одржа во речиси 3.000 градови во 48 земји во Европа и пошироко.

Европската недела на мобилност се одржува од 2002 година со цел да го подобри јавното здравје и квалитетот на животот преку промовирање активни начини на транспорт како пешачење и возење велосипед, кои не испуштаат штетни гасови во воздухот, а ни помагаат да ги одржуваме здрави нашите срца и тела.

Неделата се заокружи со традиционалната велосипедска парада во Скопје, во која учествуваа вработените во Делегацијата, предводени од заменик-шефот на мисија Џулијан Васало, амбасадори од земјите-членки на ЕУ, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Ружица Андроникова и Вирве Вимпари, кои се меѓу најактивните велосипедисти во Делегацијата, ја искористија оваа пригода да посочат на безбедносните предизвици со кои велосипедистите во Скопје се соочуваат секојдневно и за кои властите треба да побараат решение.

„Многу семафори имаат дополнително зелено светло за вртење десно. Возачите, брзајќи да свртат десно, често забораваат дека за нив главно светло е црвено и не се грижат за пешаците и за велосипедистите кои преминуваат на зелено. Ова ја загрозува безбедноста и на пешаците и на велосипедистите, кои се уште поранливи во случајов бидејќи се движат со поголема брзина. Самата многупати сум се нашла во ваква ситуација“, вели Ружица.

Вирве е загрижена за истите работи. „Јас доаѓав на работа со велосипед. Но откако неодамна за влакно избегнав неколку инциденти, се откажав. Треба да размислиме како да се подобри безбедноста за велосипедистите, како и општата безбедност во сообраќајот“, вели таа.

Амбасадорот Самуел Жбогар верува дека почестото организирање настани кои промовираат движење без возила ќе охрабри се’ повеќе луѓе да и’ се приклучат на иницијативата, уште повеќе ќе ја зголеми јавната свест за придобивките и властите ќе обезбедат подобри инфраструктурни и безбедносни услови за велосипедистите. „Се работи за инвестирање во почист воздух и во здравјето на сите нас и на идните генерации“, вели Жбогар. 

Languages: