Делегација на Европската Унија во Република
Северна Македонија

Уметност ги краси ѕидовите на пречистителна станица за вода

22/05/2019 - 13:37
News

Во оригинален обид да ги поврзе уметноста, грижата за животната средина и младите, проект финансиран од ЕУ ангажираше пет уметници да ги разубават ѕидовите на фабрика што преработува отпадни води

Пречистителната станица за вода во Струмица не е само прв објект од ваков вид изграден во Северна Македонија со ИПА фондови, кој носи големи придобивки за локалното население и животната средина. Оваа фабрика е пионер и во начинот на кој ја промовира својата намена и ја подигнува, преку уметност, јавната свест за потребата да се заштити природата.

Шарени мурали, кои пет уметници ги насликаа на ѕидовите од објектот, објаснуваат што прави станицата и колку е важно да се одржува животната средина чиста. Муралите ја разубавуваат вообичаено неинтересната архитектура на индустриските капацитети. Тие го прават зданието попривлечно, особено за деца, и ги повикуваат да научат повеќе за значењето на водата.

Неслучајно децата беа главната публика на отворањето на муралите, кои се дел од проект финансиран од ЕУ, насловен „Уметност и вода – магијата на животот“

„Ова што го гледате зад мене е прекрасна приказна. Таа ни кажува колку е важна животната средина за нас. Оваа приказна не’ учи дека водата треба да ја користиме внимателно во време кога ја има се’ помалку во светот. Ова приказна ни кажува и што прави ЕУ за да и’ помогне на вашата земја да ја заштити животната средина“, им порача амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар на децата, чиишто цртежи на тема екологија беа изложени заедно со муралите.

Тој им изрази благодарност на петтемина уметници кои помогнаа да се раскаже оваа приказна: Ване Костуранов, Драган Китановски-Драш, Блаже Атанасков, Филип Конески и Марјан Димиќ.

Во рамките на ИПА програмата, ЕУ досега вложила околу 90 милиони евра во сферата на екологијата во земјата и издвоила дополнителни 110 милиони кои треба да се искористат до 2025 година. Голем дел од нив се наменети за секторот води и за менаџирање на отпад.

Меѓутоа има нешто што ниедна помош од ЕУ не може да го замени, а тоа е индивидуалната одговорност на секој граѓанин во заштитата на животната средина. Токму тоа е тема на следната кампања на Делегацијата, насловена „За чисто како дома исто“, која почнува кон крајот на мај. 

Languages: