Делегација на Европската Унија во Република
Северна Македонија

Изјава на високата претставничка Федерика Могерини, во името на Европската Унија, по повод Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата, 17 мај 2019

Bruxelles, 17/05/2019 - 13:08, UNIQUE ID: 190517_11
Statements by the HR/VP

По повод Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата, Европската Унија ја повторува својата непоколеблива определба да ги унапредува и заштитува правата на лезбејките, геј мажите, бисексуалните, трансродните и интерсексуалните (ЛГТБИ) лица.

Ширум светот и натаму се користат културни, традиционални или верски вредности за да се оправда прогонување, дискриминација, заплашување и грубо малтретирање на ЛГБТИ-лицата, често вклучувајќи злосторства од омраза и екстремни облици на насилство, дури и тортура и убиство.

Во 72 земји, законите за сексуална ориентација и натаму ги криминализираат истополовите односи, а во други држави законите не обезбедуваат неопходно ниво на заштита, дозволувајќи ЛГБТИ-лицата да се соочуваат со различни форми на дискриминација секојдневно и во сите сфери од нивниот живот. ЕУ енергично нагласува уште еднаш дека дискриминацијата на ЛГБТИ-лицата ги поткопува најосновните принципи на човекови права содржани во Универзалната декларација на човекови права.

ЕУ ја продолжува борбата против неказнивоста на случаите на дискриминација и насилство против ЛГБТИ-лицата и на нејзина територија и надвор од неа. Во овој контекст, Европската Комисија објави „Листа на активности за унапредување на рамноправноста на ЛГБТИ-лицата“, кои Комисијата ги спроведува во периодот 2016-2019 година и кои вклучуваат активности во различни важни области, почнувајќи од недискриминацијата, образованието, вработувањето, здравството, слободата на движење, азилот, говорот/злосторствата од омраза, па се’ до проширувањето и надворешната политика.

Преку нејзината надворешна служба, ЕУ одржува редовен политички дијалог со трети земји и поддржува невладини организации со целна финансиска помош. Од 2016 година наваму, ЕУ поддржа 16 проекти спроведени од граѓански организации во Азија, Африка, Латинска Америка и Источна Европа во вкупна вредност од 5,2 милиони евра. Во 2018 година, ЕУ објави конкретен повик за предлози, вреден 10 милиони евра, за поддршка на ЛГБТИ-организации ширум светот. Освен тоа, неодамнешното усвојување на Насоките за човекови права на ЕУ за недискриминација дополнително ги зајакнува постојните Насоки на ЕУ за унапредување и заштита на уживањето на сите човекови права од страна на ЛГБТИ-лицата.

Огромен број бранители на ЛГБТИ-правата кои ја оспоруваат неправдата и ги застапуваат оние кои се предмет на насилство и дискриминација, често се соочуваат со напади во Европа и во многу други делови од светот. Затоа од ноември 2018 година, ЕУ, преку својот Инструмент за демократија и човекови права, ги поддржува бранителите на човековите права на ЛГБТИ-лицата и нивните организации кои се активни во областите каде ЛГБТИ-лицата се најизложени на ризик од дискриминација.
 
ЕУ, заедно со нејзините земји-членки, ќе продолжи да ја поддржува суштинската работа на овие адвокати и нема да запре се’ додека сите ЛГБТИ-лица не бидат во можност да живеат слободно и безбедно.
 

 

Languages: