Делегација на Европската Унија во Република
Северна Македонија

ЕУ повторно не’ обединува со нашите училишта

13/05/2019 - 17:30
News stories

Делегацијата на ЕУ ја почна кампањата „Враќање во школските клупи“. Емилија Белогаска, во придружба на амбасадорот Самуел Жбогар, го посети нејзиното поранешно училиште за да го сподели личното искуство со ЕУ. Сепак, приоритет имаа мислењата, грижите и очекувањата на сегашните ученици – идни граѓани на ЕУ.

Емилија влегува во зградата на нејзиното средно училиште првпат по матурирањето пред 30 години.

Се чини дека таму ништо повеќе не е исто – бојата на ходниците, цртежите кои ги украсуваат ѕидовите, лицата на професорите и учениците.

Ниту пак Емилија е истата. Таа постигнала многу по матурирањето – од стекнување диплома по економија и титула магистер по маркетинг на Скопскиот универзитет, проследено со уште една магистратура по меѓународен маркетинг од Универзитетот Стратклајд во Глазгов, до работење во домашни институции пред да и’ се приклучи на Делегацијата на ЕУ како програмски менаџер задолжен за надворешна трговија и царина.

Причината поради која Емилија повторно доаѓа во училиштето Арсени Јовков во скопската населба Бутел е кампања на Делегацијата на ЕУ. „Враќање во школските клупи“ се состои од посети на вработени во Делегацијата, придружувани од амбасадорот Жбогар, на нивните некогашни средни училишта со цел да го споделат со сегашните ученици личното искуство со ЕУ и да разменат мислења на теми од нивни интерес.

Прикажлива по природа, Емилија лесно воспоставува разговор со групата од над 30 ученици кои се собрани во една од училниците заради дебата со неа и амбасадорот Жбогар. Се запознава со промените во наставната програма и ги дознава новостите за нејзините професори кои се’ уште работат овде. Учениците се смеат со неверување кога им раскажува дека пред 30 години во училиштето имало само една училница со компјутери и дека најголем дел од тогашните ученици не знаеле ни да ги вклучат. Ова е добро загревање на атмосферата за претстојната дебата со амбасадорот.

Жбогар ја забележува позитивната енергија веднаш штом влегува во просторијата. Објаснува дека „Враќање во школските клупи“ е уште еден повод за него да биде на терен наместо во канцеларија и да ги слушне мислењата на граѓаните. „Вие сте идни граѓани на ЕУ. Вие сте млади, размислувате креативно и отворено ги претставувате вашите гледишта. Добро искористете го овој период бидејќи кога ќе остарите секако ќе станете конвенционални“, вели дипломатот низ насмевка.

Неколку дена претходно, Жбогар го посетил Креативниот центар во Скопје, кој Форбс го смести меѓу најперспективните компании во светот водени од лица помлади од 30 години. Во контекст на загриженоста околу одливот на образовани луѓе од Северна Македонија, Жбогар ги посочува двајцата сопственици како добар пример за тоа дека може да се остане во земјава и да се биде успешен.

Сега студентите земаат збор, кажувајќи со што ја поврзуваат ЕУ: добра економија, да се биде дел од ист систем со економските суперсили (како Германија), повеќе инвестиции, повеќе можности за образование и дообразба, подобра иднина, мултикултурализам... Јасно е дека ова е економско училиште!

Жбогар е среќен што учениците ја поврзуваат ЕУ со вистинските вредности што таа ги застапува. „ЕУ беше создадена од визионери пред се’ како мировен проект – да спречува војни, а потоа дојдоа големиот пазар, полесните комуникации, подобриот живот. Унијата ги негува демократијата, човековите права и владеењето на правото. ЕУ се бори против климатските промени и смртната казна и се залага за мирно решавање на конфликти. Но се чини дека ние сето ова го земаме здраво за готово. Се случи економската а потоа и мигрантската криза и се појавија идеи за враќање назад кон националните држави. Економијата и отворањето нови работни места повеќе не се најголемите грижи на граѓаните на ЕУ; нив ги заменија безбедноста и миграцијата. Националистичките движења се во подем. Поради сето ова, претстојните избори за Европскиот Парламент ќе бидат најинтересните во историјата. Борбата ќе се води меѓу оние кои сакаат да ја зајакнат Унијата и оние кои сакаат се вратат назад кон националните држави“, вели Жбогар.

Еден ученик прашува дали ЕУ претставува чекор кон глобализирање на светот. Амбасадорот одговара дека ЕУ може да биде пример за други региони во светот, како Латинска Америка и Африка. Сепак, додава, Унијата мора прво да ја надмине сегашната внатрешна состојба, посебно Брегзит-от и различните мислења во врска со иднината, и да го реформира процесот на носење одлуки. „Штом ќе го решиме ова, ЕУ ќе може повторно да биде пример“, заклучува тој.

Економијата, заедно со климатските промени и образованието, е меѓу темите кои најмногу ги засегаат учениците во врска со нивната земја.

Амбасадорот се согласува дека недоволно се прави за заштита на животната средина. „ЕУ прави многу, во смисла и на проекти и на подигање на јавната светот, но се’ уште насекаде има многу пластични шишиња. Размислуваме да ги промовираме оние кои даваат добар пример за тоа како се води сметка за животната средина“, вели тој.

Што се однесува до образованието, Жбогар ги посочува слабите резултати кои учениците во Северна Македонија ги забележале во меѓународните истражувања, како ПИСА. „Следната година, ЕУ ќе издвои околу 15 милиони евра за унапредување на стручното образование. Се надеваме дека тоа ќе ја поттикне Владата да направи повеќе во оваа сфера“, вели амбасадорот. Тој ја посочува програмата Еразмус како можност за секој студент да запознае други земји, култури и универзитети со помош на стипендии. По влезот во ЕУ, студентите од земјава ќе може да студираат секаде под исти услови. Тоа го засилува обединувањето на различностите, како една од големите придобивки на ЕУ, бидејќи различноста ги збогатува луѓето, вели Жбогар. Арсени Јовков е училиште кое обединува ученици од речиси сите етнички заедници кои живеат во земјата. Амбасадорот го поздравува фактот што тие посетуваат настава интегрирано, без одвоени згради.

Дискусијата природно се задржува на економијата. Амбасадорот потсетува на истражувањата кои велат дека порастот на бруто домашниот производ (БДП) во целиот регион треба да се забрза бидејќи со сегашното темпо, на Западен Балкан ќе му требаат 50 години за да го достигне сегашното ниво на БДП на Германија. Меѓутоа, нагласува Жбогар, интеграцијата во ЕУ носи видливи економски придобивки. По пристапувањето, БДП, на пример, на Полска и Словачка пораснал трипати. Неговата земја, Словенија, досега добила од буџетот на ЕУ околу 3,5 милијарди евра. Финансиските рејтинзи на земјите се подобруваат, нивната бизнис клима се смета за постабилна и сето тоа привлекува странски инвестиции. Во моментов, 80% од трговијата на Северна Македонија е со ЕУ и 70% од инвестициите доаѓаат од Унијата. Ова само може да се зголеми откако ќе станете членка, вели амбасадорот. Емилија се вклучува со интересен податок: за првпат, земјата постигнала трговски баланс со ЕУ – извозот од и увозот во ЕУ биле еднакви. Уште повеќе, земјата забележала значаен суфицит во билатералната трговија со Германија минатата година – извезла производи во вредност од 1,8 милијарди евра додека вредноста на увезените добра била околу 900 милиони евра.

Одговарајќи на други прашања во врска со придобивките од членството во ЕУ, амбасадорот потврдува дека по пристапувањето македонскиот јазик ќе стане официјален во Унијата. Исто така, односите со другите земји дополнително ќе се подобрат бидејќи тие сите ќе бидат дел од Унијата а третите земји ќе бидат позаинтересирани за Северна Македонија бидејќи таа ќе биде дел од важен систем. Тоа што земјата ќе биде дел од систем ќе и’ ја зголеми не само самодовербата, туку и безбедноста, и тоа, вели Жбогар, е уште еден аргумент во корист на проширувањето на ЕУ: ако регионот е стабилен, ЕУ не ќе мора да вложува енергија и ресурси за да ја одржи неговата стабилност.

Во врска со преминувањето кон следната фаза од ЕУ-интеграцијата, амбасадорот ја нагласува потребата од натамошни реформи, особено во сферата на борбата против корупцијата и владеењето на правото. Одреден напредок е постигнат, вели тој, но претстои уште многу работа, вклучително и во текот на преговорите за членство, за кои се надева дека ќе почнат наскоро. „Промените подразбираат и промена на менталитетот, не само на законите“, вели Жбогар.

Се поставуваат прашања и за недоволната искористеност на помошта од ЕУ. Амбасадорот информира дека Делегацијата на ЕУ организира работилници ширум земјата за тоа како да се пристапи до ЕУ-помошта. Делегацијата исто така побарала, преку писмо, од сите општини да назначат лица кои ќе бидат обучени да им помагаат на локалните компании, организации и физички лица да аплицираат за ЕУ-фондови.

Дебатата се затвора со групна фотографија, но и со заклучната порака на Емилија до нејзините млади соговорници: „Сфатете го сериозно вашето образование, вложувајте во него и учете јазици“. Луѓето од нејзината генерација, откако матурирале, заклучува таа, не размислувале како да најдат сигурна работа во јавната администрација, туку како да стекнат широко искуство во приватниот сектор пред да се профилираат како професионалци во конкретна област.

Учениците климаат со одобрување. По оваа дебата, можеби и тие веќе не се целосно исти. Освен со нивниот совршен англиски, бистар поглед и трендовски изглед, сега се чини дека сјаат и со дополнителна инспирираност и ентузијазам.

Languages: