Делегација на Европската Унија во Република
Северна Македонија

Одиме во училиште заедно

17/04/2019 - 16:44
News

Учениците од Северна Македонија се сега подобро подготвени и поврзани бидејќи имаат подобар пристап до модерни дигитални образовни средства благодарение на поддршката од Инвестициската рамка за Западен Балкан (ИРЗБ).

Училиштето „25 Мај“, со 1.500 ученици и сместено во општина Газа Баба, Скопје, е само почетна точка во поголем проект за реновирање што го иницира Министерството за образование и наука на Северна Македонија. Иницијативата беше поддржана со грант од три милиони евра обезбедни од билатерални донатори во ИРЗБ и со два заеми од Банката за развој на Советот на Европа во вкупна вредност од 42,5 милиони евра. Конкретно, овој проект се однесува на изградба на 70 објекти за физичко воспитување и на реновирање на над 60 основни и средни училишта ширум земјата. Со проектот ќе се подобрат условите за настава за повеќе од 11.000 ученици и 700 наставници.

Грантовската поддршка од билатералните донатори во ИРЗБ овозможи реновирање на 10 основни и 6 средни училишта. „25 Мај“ е едно од тие десет основни училишта. Изградено во 1967 година, денес има околу 1.500 ученици на возраст од 6 до 14 години. Пред да ја добие поддршката од ИРЗБ, во училиштето намало позначајни реновациски активности.

„25 Мај“ доби средства за обнова на кровот и фасадата на школската зграда, за замена на прозорците, како и за обнова на подот, системот за греење и електричната инсталација. Реновацискиот зафат особено ја подобри енергетската ефикасност на училиштето, овозможувајќи заштеда на енергија заедно со подобрување на условите за  настава. Заштедата на енергија, поголема од 100% годишно, овозможи повеќе финансиски средства да се прераспределат за набавка на нова образовна опрема.

Наставниците од „25 Мај“ сега имаат нов мебел и наставна опрема, како интерактивни табли и видео проектори во секоја училница, што им ги подобрува дигиталните вештини на учениците. Ова училиште претставува успешен пример за други образовни институции во Северна Македонија и тие го посочуваат „25 Мај“ како стандард за еднаков пристап до добра образовна инфраструктура. Подобрувањата остварени со проектот на ИРЗБ му овозможија на училиштето меѓународна размена преку потпишување протоколи за соработка со други центри од земјата, но и од Албанија, Косово, Србија и Турција. Учениците ќе може да другаруваат со нивните врсници, да одат на училиште заедно и, уште поважно, да почувствуваат културна размена.

Постигнатите европски стадарди во училиштето „25 Мај“ доведоа до поголем интерес и упис на нови ученици. Стапката на запишани ученици во „25 Мај“ значително се зголеми по реновирањето бидејќи се пријавуваат и ученици кои живеат надвор од општина Газа Баба. Оваа акција почна како иницијатива на родителите: со преземање помали реновациски зафати, бојадисување на училишната ограда и уредување на дворот. Ваквиот ентузијазам на локалното население го привлече вниманието на Министерството за образование и наука, кое набргу потоа го одобри барањето за реновирање и реконструкција на училиштето со средства од ИРЗБ.

Полесен пристап на ученици со попреченост е една од главните придобивки на програмата за реновирање на изградба на школски простории (која е целосно во согласност со европските стандарди, кои обезбедуваат пристап за лица со попреченост). Овие инвестиции го поддржуваат спроведувањето на Националната стратегија за развој на образованието 2018 – 2025 година. Стратегијата се фокусира на неколку приоритети поврзани со инклузивноста, со мерки кои им овозможуваат на наставниците и педагозите да ги препознаат учениците со специјални потреби во рана фаза. Друг клучен приоритет е најмалку 30% од учениците со специјални потреби да се вклучат во редовните школски активности.

ИРЗБ беше заеднички основана во 2009 година од Европската Комисија, меѓународните финансиски институции и билатерални донатори заради подобра усогласеност и сооработка во инвестирањето во социоекономскиот развој на Западен Балкан. Заедно со корисниците на проектите во Западен Балкан, ИРЗБ заснова единствено партнерство, кое ги дефинира приоритетите и пакетите за помош за стратешки инвестиции и институционални реформи.  Во изминатите десет години, грантови од над милијарда евра беа издвоени за подготовка и спроведување на инфраструктурни проекти.

 

Languages: