Делегација на Европската Унија во Република
Северна Македонија

Могерини за Северна Македонија: Отворањето пристапни преговори е заедничка цел

19/03/2019 - 18:21
News

На 19 март се одржа 15-тиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација, на кој беа детално разгледани односите меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, со посебен акцент на политичките и економските критериуми, како и на финансиската соработка

Отворањето пристапни преговори годинава е и останува стратешка цел не само на владата, туку и на целата држава“, изјави високата претставничка Федерика Могерини по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација со Северна Македонија. Во име на ЕУ, таа ја потврди решеноста да се поддржат сите политички сили во Северна Македонија во постигнувањето на оваа цел, која е заедничка – и на национално и на европско ниво.

На состанокот се разговараше за бројни прашања, од политички критериуми и владеење на правото до регионална соработка. Советот за стабилизација и асоцијација ги поздрави значајните чекори кои владата ги направи за унапредување на реформите поврзани со ЕУ, на транспарентен и инклузивен начин. Признавајќи ги досегашните достигнувања, Советот ја охрабри Северна Македонија да продолжи со напорите во следните месеци за да го зајакне спроведувањето на реформите. Ова е посебно важно во областите како што се судството и борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и за реформите на разузнавачките служби и во јавната администрација.

Коментирајќи ги добрососедските односи, високата претставничка рече дека Договорот од Преспа и договорот со Бугарија отворија нови перспективи за Северна Македонија и пратија моќна порака до целиот регион и пошироко. „Вие не’ потсетивте дека е можно да се постигнат историски резултати во односите со вашите соседи и да се задржи фокусот на евроинтеграциската и на реформската агенда“, нагласи таа.


На заедничката прес-конференција со премиерот на Северна Македонија Зоран Заев и комесарот Јоханес Хан, високата претставничка ја поздрави реформската динимика во земјата, посочувајќи дека промената не била само во усвојувањето закони. „Пред се’ станува збор за институционален пристап кој го применува владата“, рече таа.

„Ќе бидеме со вас во одржувањето силно темпо со цел сработеното да може да донесе натамошни резултати во следните месеци. Со континуиран напредок во реформите, Северна Македонија и нејзините граѓани ќе се движат напред по патот до пристапување во ЕУ“, заклучи таа.

Languages: