Делегација на Европската Унија во Република
Северна Македонија

„ЕУ за тебе“ повторно на пат: Разговори за ЕУ со учениците од Демир Хисар

14/03/2019 - 14:30
News stories

Слобода, стабилност и подобар животен стандард – ова се вредностите и очекувањата кои средношколците најчесто ги поврзуваат со ЕУ. Актерот Дритон Вејсели, кој беше дел од дебатата на учениците од Демир Хисар со амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар, вели дека популарната ТВ серија во која игра покажува дека разноликоста е предност која, во комбинација со хумор, може да биде силен обединувачки фактор. Во текот на дискусијата се поставија прашања и за придобивките од членството во ЕУ, Договорот од Преспа и реформите, но и за Брегзит и – првпат во оваа серија дебати – за правата на ЛГТБИ-заедницата во земјата.

Сончев, ранопролетен ден во Демир Хисар.

Ретки возила и пешаци може да се забележат на улиците околу единственото средно училиште во ова гратче со околу 2.000 жители. Оваа зграда имала многу повеќе ученици пред затворањето на малкуте индустриски капацитети да натера голем број жители да побараат подобар живот на друго место. Сепак, атмосферата во училиштето денеска е пораздвижена од вообичаено.

Триесетина ученици се собрани во една училница, возбудени, на помалку воздржан начин, за да разговараат за ЕУ со нејзиниот највисок претставник во земјата. Овде е Петар Барлаковски, модератор од невладината организација Младински образовен форум, која е дел од серијата дебати со млади луѓе. Форумот раководи со 14 младински клубови ширум земјата во рамките на проект за младинско изразување, финансиран од ЕУ.

Тивката возбуда кај присутните ученици е уште поголема бидејќи меѓу нив се наоѓа и многу познато ТВ лице. Дритон Вејсели толкува еден од најомилените ликови во ТВ серијата „Преспав“, која ги освои симпатиите на публиката од сите генерации. Вејсели алијас Талат ја опишува „Преспав“ како серија која на хумористичен начин ги обработува темите на менталитетот и разноликоста. Хуморот, според него, е алатка за подобрување на работите – тој ги обединува граѓаните и му овозможува на секој етникум да придонесе за подобро општество. ЕУ го поддржа финансиски „Преспав“ во првата сезона за ширење на вредностите на ЕУ. Вејсели вели дека серијата е пример за тоа како разноликоста навистина може да обедини, како што гласи и едно од најпознатите слогани на ЕУ.

Влегувањето на амбасадорот Самуел Жбогар во училницата го означува почетокот на дебатата. Тој го зазема своето место, ги поздравува учениците и ги прашува на што ги асоцира ЕУ.

„Слобода, поврзаност, пари“, гласи првиот бран одговори, искажани помалку срамежливо. „Стабилност, општо подобрување, подобра економија“, поуверливо одговараат други ученици на прашањето зошто нивната земја треба да стане дел од Унијата. Мразот е скршен.

Амбасадорот ги образложува вредностите што ги застапува ЕУ како главен мотив за други земји да станат дел од системот. Приоритетот на граѓаните на ЕУ, вели тој, во последниве години се префрли од економија и повеќе работни места на одржување на безбедноста по напливот на мигранти, како грижа која им овозможува на популистичките и националистички движења да добијат на сила. „Денес е важно да се биде дел од поголемо семејство. Тоа е како да се биде на голем крстосувач наместо во мал чамец. Водата и натаму може да се бранува, но вие сте постабилни“, вели Жбогар.

Учениците зборуваат за нивните лични грижи. Велат дека во Демир Хисар најмногу им недостигаат културни и спортски настани, социјален живот, професионални можности и инфраструктура. Сите се заинтересирани да одат на факултет, но не и потоа да се вратат во градот ако условите останат исти. Амбасадорот вели дека ЕУ издвојува 100 милиони евра годишно за подобрување на животот на луѓето ширум земјата. Додава дека процесот на миграција од Северна Македонија, проблем со кој се соочуваат и други земји, вклучително и во ЕУ, е нешто на кое треба да работи владата.

Прашањето на Брегзит и размислувањата за реформи во ЕУ исто така се наметнуваат како тема. Жбогар ја појаснува важноста да се постигне договор за Брегзит, но посочува и дека во Унијата се размислува консензуалното гласање да се замени со мнозинско за одредени прашања, со цел да се олесни процесот на одлучување. Амбасадорот зборува и за идеите да постојат „две Европски унии“ – една која би била внатрешен круг од земји-членки кои сакаат уште повеќе да сраснат меѓусебно, и втора составена од останатите држави. Други членки не размислуваат да ја напуштат Унијата, што значи дека 27-те држави се пообединети од кога било порано во намерата да ја задржат ЕУ.

Дебатата неминовно води до Договорот од Преспа и промената на името наспроти конкретните придобивки кои земјата ги добива напредувајќи по патот кон ЕУ благодарение на тој договор.

Со напомена дека не сака да прави споредба меѓу ова чувствително прашање за локалното население и отстапките што ги направиле други земји-членки во нивниот процес на пристапување, амбасадорот ги објаснува промените кои неговата земја, Словенија, морала да ги направи за да стане дел од поголемото европско семејство. Тоа вклучило уставни промени поврзани со извесни прашања со Италија и со правото на странци да купуваат имот. Но, пристапувањето и’ овозможило на неговата мала земја да стекне поголема важност на меѓународната сцена, а тоа и’ ја зголемило самодовербата. Нејзиниот јазик станал еден од официјалните јазици на ЕУ. Во Словенија економијата е во добра состојба по кризата од пред неколку години, човековите права се почитуваат, а напливот на туристи е зголемен до таа мера што жителите на Љубљана почнуваат да се жалат, Жбогар вели низ смеа. Додава дека застојот на Северна Македонија на европскиот пат во последните години доведе до општо уназадување, но идните позитивни промени ќе и’ дадат смисла на промената која не беше лесна за граѓаните. Амбасадорот ги наведува реформите што мора да се спроведат, главно поврзани со владеењето на правото, судството, безбедносните служби, борбата против корупцијата...

Пред крајот на дебатата, за првпат во оваа серија разговори со средношколците (оваа беше трета дебата по ред), девојка со флуоросцентно сина боја на косата прашува за правата на ЛГБТИ-заедницата. ЕУ целосно ги поддржува правото на избор, чувствата на секој граѓанин и правата кои произлегуваат од етничка припадност, политичка или сексуална ориентација, вели Жбогар. Тој се надева дека новото антидискриминациско законодавство ќе го направи секој граѓанин „уште поеднаков“.

Дебатата завршува и учесниците се упатуваат кон вратите на училиштето. Школскиот двор сега е полн со деца. Возбудени и насмеани, го чекаат нивниот омилен ТВ лик Талат да им ги потпише листовите хартија искинати од тетратки. Редицата е долга.

Ова беше убав, ранопролетен ден во Демир Хисар.

Languages: