Со стапувањето во сила на Лисабонскиот договор на 1 декември 2009 година, ЕУ е претставувана во Република Северна Македонија преку Делегацијата на Европската Унија. Според новиот Договор "Делегациите на Унијата ќе бидат ставени под надлежност на Високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика. Тие ќе дејствуваат во тесна соработка со дипломатските и конзуларните мисии на земјите членки". Делегациите ја претставуваат Европската Унија и служат на интересите на Европската Унија ширум светот. Постојат повеќе од 130 делегации ширум светот.
Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија беше официјално отворена во март 2000 година. Делегацијата на Европската Унија претставува врска помеѓу националните власти и институциите на ЕУ. Од донесувањето на одлуката од страна на Европскиот совет земјата да се признае како земја кандидатка за членство во ЕУ (Заклучоци на претседателството 15914/05 од 16 декември 2005 година), работата на Делегацијата на Европската Унија значително се фокусираше на мониторинг и известување за постапувањето согласно на политичките и економските критериуми за членство во ЕУ, како и усогласување на законодавството со законите на ЕУ и капацитетите за негова примена и спроведување.
Една од клучните задачи на Делегацијата е да ги информира властите, институциите, медиумите, и граѓаните на Република Северна Македонија за претпристапниот процес и за институциите и политиките на ЕУ. Исто така, одржува редовни контакти со академските институции, бизнис заедницата, и претставниците на граѓанското општество.
На патот кон нејзиното членство, Европската Унија обезбедува континуирана поддршка и финансиска помош за да ѝ помогне на земјата во неопходните реформи. Делегацијата на Европската Унија е договорен орган за повеќе од 250 завршени и тековни проекти. Исто така, таа дава поддршка за воспоставување и развивање на целосен оперативен капацитет на структурите кои се неопходни за раководење со претпристапните програми финансирани од ЕУ, ги поддржува и следи националните институции кои се одговорни да ги применуваат децентрализираните процедури.