Шеснаесетти состанок на Поткомитетот за правда, слобода и безбедност од Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Европската комисија и Северна Македонија
Шеснаесеттиот состанок на Поткомитетот за правда, слобода и безбедност од Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Европската комисија и Северна Македонија, кој требаше да се одржи во Скопје, се одржа онлајн на 17-18 ноември 2021 година. Со состанокот ко-претседаваа г-а Светлана Влаховиќ-Димановска, шеф на Секторот за преговори и ЕУ-интеграција во Одделот за ЕУ и меѓународна соработка на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија и г. Алберто Камарата, заменик-шеф на Одделот за Северна Македонија и Албанија во Генералниот директорат за европска соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија.
Поткомитетот ги разгледа настаните поврзани со реформите во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, фундаменталните права, како и состојбата со реформите во областите на полицијата, борба против организираниот криминал, трговија со оружје и дрога, трговија со луѓе и шверц на мигранти, финансиски истраги и финансиски криминал, конфискација на имот, спречувањето насилен екстремизам и борба против тероризам, гранично управување, миграција и азил. Во согласност со годинешниот Извештај за Северна Македонија, Европската комисија го оцени напредокот постигнат во усогласувањето со законодавството на ЕУ во областите покриени со поглавјата 23 и 24, како и во спроведувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација во овие области.
Националните власти нагласија дека судските реформи остануваат клучен приоритет за Северна Македонија. Тие информираа за состојбата со спроведувањето на реформите во оваа област и за преземените активности. Европската комисија го потврди постигнатиот напредок и ја истакна потребата од натамошно спроведување на Законот за обвинителство, судската стратегија и на стратегиите за човечки ресурси во судството и обвинителството. Воедно потсети на важноста судските институции постојано да ги применуваат правилата за назначување, унапредување, дисциплина и разрешување судии и обвинители. Европската комисија нагласи и дека секој нов закон за Академијата за судии и обвинители треба да ја одржи Академијата како единствена влезна точка во судството и обвинителството и да обезбеди фер и транспарентен пристап до овие професии.
Во однос на борбата против корупцијата, Европската комисија го поздрави усвојувањето на Националната стратегија за спречување корупција и конфликт на интереси (2021-2025) и соодветниот акциски план. Беше постигната согласност дека Државната комисија за спречување на корупцијата и Обвинителот за борба против организиран криминал и корупција треба да добијат соодветни финансиски и човечки ресурси. Европската комисија ја нагласи важноста да продолжат да се консолидираат постигнувањата во спречувањето и борбата со корупцијата, вклучително и на високо ниво. Освен тоа, властите предложија да работат заедно со Комисијата на унапредување на начинот на собирање податоци.
Што се однесува на фундаменталните права, Европската комисија ги поздрави усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација и воспоставувањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Беше поздравено и донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и беше истакната потребата да се обезбеди негово спроведување. Властите треба да го зајакнат спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето и да подготват Национален акциски план за деца. Европската комисија ја нагласи потребата да се зголемат напорите за подобрување на состојбата со здравствената заштита во затворите и да се работи на препораките на Европскиот комитет за спречување тортура. Властите беа охрабрени да одвојат доволно ресурси за канцеларијата на Народниот правобранител со цел таа да ги врши новите надлежности, како и да го завршат назначувањето членови на испразнетите места во независните регулаторни тела, особено во Советот на регулаторот на медиумите и во јавниот радиодифузен сервис. Се разговараше и за слободата на медиумите, безбедноста на новинарите и за реформата во јавниот радиодифузен сервис.
Во однос на внатрешните работи, Поткомитетот го забележа напредокот постигнат во развивањето на стратешката и правна рамка во областа на спречувањето перење пари, финансиските истраги и конфискување имот, како и во борбата против трговија со луѓе, која треба да се спроведе. Ја забележа потребата од натамошен напредок во реформите во полицијата, во согласност со преостанатите препораки на ГРЕКО. Европската комисија охрабри натамошни напори во водењето финансиски истраги, паралелно со криминални истраги, кои би резултирале со запленување и конфискација на криминално стекнат имот. Се разговараше и за приоритетите во областите како што се трговија со оружје и дрога, шверц на мигранти и киберкриминал. Постојаната добра соработка со агенциите на ЕУ придонесува во борбата со организираниот криминал.
Поткомитетот го поздрави напредокот постигнат во однос на документот за спроведување на „Заедничкиот акциски план против тероризам во Западен Балкан“. Во однос на миграцијата и граничното управување, Поткомитетот се согласи околу потребата мешаните напливи од мигранти да се менаџираат имајќи ги предвид безбедносните и хуманитарните аспекти. Натамошни напори се потребни во градењето капацитет за спроведување на процедурите за азил кои се во согласност со Заедничкиот европски систем за азил. Поткомитетот ја нагласи и важноста од потпишување статусен договор со ЕУ, кој би и’ овозможил на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) да распореди тимови на Европската сили за гранична и крајбрежна стража во земјата.