Денеска во Брисел, високиот претставник/потпретседател Жозеп Борел имаше видео средба со премиерот на Северна Македонија Зоран Заев.
Високиот претставник Борел му честита на премиерот Заев за повторниот избор и ја охрабри Владата на Северна Македонија да продолжи да ја исполнува ЕУ-реформската агенда.
Тој повтори дека ЕУ останува посветена на тоа да ја поддржи Северна Македонија во нејзиниот одговор на пандемијата со коронавирусот и на последиците од неа. Европската комисија неодамна најави голем економско- инвестициски план за поддршка на долгорочното закрепнување на Западен Балкан и на приближувањето на регионот до ЕУ.
Високиот претставник Борел го поздрави фактот што нивото на усогласеност на Северна Македонија со надворешнополитичките ставови на ЕУ се зголеми во последните години и и’ се заблагодари на земјата за нејзиниот придонес во мисиите и операциите на заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ.
Високиот претставник и премиерот Заев разговараа и за регионални прашања.