„Промени го крајот на нечија приказна“: ЕУ помага да се подобри системот за трансплантација на органи и се подигне јавната свест за неговата важност

„Промени го крајот на нечија приказна“ беше премиерно прикажан во Скопје на 25 март – и доби многу позитивни реакции. Во продукција на „Види вака“, во соработка со Министерството за здравство, документарниот филм пластично ги опишува болката за загубата на член на семејство, но и доблеста да се донесе одлука нивните органи да спасат друг живот. Оваа приказна за човечноста и храброста допрва ќе се прикажува на локалните телевизии и ќе им се понуди на филмски фестивали, вклучително и во странство.

Tomislav Georgiev
Документарниот филм е само еден од резултатите на проектот финансиран од ЕУ со цел да се зајакне медицинската експертиза за трансплантација на органи во земјата – и системот за трансплантација воопшто.
Околу 300 медицински лица вклучени во процесите на трансплантација (вклучително и психолози и психијатри за поддршка за семејствата на дарителите) поминаа сеопфатни тренинзи, засновани на ЕУ-стандарди. Се изработи и стратегија за лицата кои чекаат трансплантација и/или живеат со трансплантирани органи, а се одржаа и специјализирани тренинзи за новинари, како и едукативни работилници за средношколци ширум земјата. Дел од проектот беа и активности за подобро управување со трансплантацијата во националниот електронски здравствен систем (Мој термин) и за усогласување на националното законодавство со соодветните ЕУ-регулативи.
Покрај документарниот филм, проектот вклучи и други активности за подигнување на јавната свест. Беше организиран конкурс за постери на тема донирање органи, со учество на над 80 средношколци и речиси 40 професионални дизајнери. Наградените постери беа дел од патувачка изложба во Скопје и други градови. Беа креирани и тематска веб-страница и платформи на социјалните медиуми за да ја информираат јавноста за донирањето и трансплантирањето органи, вклучително и за заблудите поврзани со нив.

Tomislav Georgiev
„Подигнувањето на јавната свест за значењето на органодонорството е клучно – трансплантацијата не е возможна без органодонорство. Затоа велиме дека трансплатацијата не е само медицинска процедура. Тоа е општествена свест која ја градиме со емпатија, со љубов кон блиските, но и со љубов кон животот воопшто. Да се одлучи да се дарува орган од блискиот во моменти кога засекогаш го губите за да спасите живот некому кого и не го познавате е тешко. Потребно е многу храброст, емпатија, сочувство, љубов и - пред се’ - човечност. Затоа и приказната на Личе Дидејска и нејзините сестри е толку посебна и допира до секој. Тоа е приказна за храброста на три жени кои успеаја да го променат нашиот свет и да не’ натераат да застанеме и да се замислиме. Нивната одлука спаси неколку животи и ни даде уште посилен мотив да продолжиме да ја развиваме приказната за трансплантацијата. Овој проект ја издигна трансплантацијата во земјава како од аспект на стручност и професионалнот, така и од аспект на хуманост и човечност“, вели Адријана Георгиев, раководителка на проектот и координаторка за трансплантација во Министерството за здравство.
Во изминатите четири години, 21 семејство дало согласност за дарување органи. На тој начин, 38 лица добиле бубрег, 4 црн дроб, 11 срце и 32 коскено ткиво.
Во моментов 216 пациенти во земјава чекаат трансплантација на органи. Тимот на овој проект се надева дека резултатите од нивниот труд ќе им го намалат времето на чекање до нова шанса – за живот.