Солидарноста со Кочани во фокусот на Месецот на Европа 2025

25 мај беше невообичаено свеж и дождлив ден за овој период од годината. Сепак, на падините на Водно над Скопје имаше невообичаена раздвиженост. Стотици луѓе – од сите возрасти – се појавија на стартот за трките од пет и десет километри, водени од желба да покажат солидарност и да помогнат да се соберат средства за погодените од пожарот што се случи во ноќен клуб во Кочани на 16 март. Во истовреме, во слични временски услови, но со истиот ентузијазам, хуманитарни трки се одржаа во уште шест градови – Битола, Велес, Крива Паланка, Струга, Струмица и Тетово. Заедно со граѓаните трчаа и амбасадори и вработени во Делегацијата и во амбасадите на земји-членки на ЕУ. Бројот на регистрирани учесници беше над 3.300.
„Сите за Кочани. Трчаме заедно“ беше главниот од серијата настани кои Делегацијата на ЕУ и мрежата на Јуроп Хаус, заедно со амбасадите на земјите-членки, ги организираа во текот на мај за да го одбележат Денот на Европа на начин кој ги истакна суштинските вредности на ЕУ – заедништвото и солидарноста.
Помошта од ЕУ за Кочани почна непосредно по трагедијата, во која загинаа 62, главно, млади луѓе, а речиси 200 беа повредени. Со активирањето на Механизмот на ЕУ за цивилна заштита, 115 пациенти со сериозни изгореници беа брзо префрлени на лекување во земји-членки на ЕУ и во земји-партнери. За многумина од нив, брзиот одговор беше од животна важност.
Покрај хуманитарните трки, на приемот што Делегацијата на ЕУ го организираше по повод Денот на Европа во Музејот на современа уметност во Скопје – симбол на отпорност и солидарност, беше отворена изложба во соработка со националната асоцијација на ликовни уметници - ДЛУМ. Локални уметници несебично донираа свои дела кои беа ставени на продажба со цел собирање средства за помош на погодените од трагедијата.
Речиси 1,5 милиони денари (или над 24.000 евра) беа собрани од котизациите на учесниците во трките и од продажбата на донираните дела. Овие средства беа директно уплатени на сметката на Црвениот крст на Севрна Македонија, кој ќе им ги додели на оние на кои им се потребни.
Освен непосредната помош, Делегацијата на ЕУ обезбеди и долгорочна психоцијална поддршка за граѓаните на Кочани, преку Центарот за психосоцијална и кризна акција. Различни форми на поддршка обезбедуваат и земјите-членки на ЕУ преку нивни национални механизми. На пример, Амбасадата на Шведска организира посета на делегација од Гетеборг, град кој доживеа слична трагедија во 1998 година, и која со граѓаните на Кочани ќе сподели искуства за справување со колективна траума.