Прв состанок на Комитетот за следење на Инструментот за реформи и раст, меѓу ЕУ и Северна Македонија

Првиот состанок на Комитетот за следење на спроведувањето на Инструментот за реформи и раст се одржа на 2 јули 2025 година во Скопје. Ова беше прв ваков состанок во регионот.

Состанокот го копретседаваше, за Европската комисија, г-дин Џулио Венери, заменик-раководител на одделот за Албанија и Северна Македонија, Генерален директорат за проширување и источно соседство, а за Северна Македонија, г-дин Орхан Муртезани, министер за европски прашања и национален координатор за Инструментот за реформи и раст (ИРР). 

По усвојувањето на Планот за раст и реформската агенда во 2024 година,  чија имплементација е во тек, двете страни разговараа за постигнатиот напредок и предизвиците поврзани со реформските чекори. Националните власти се согласија за важноста да се следат со уште поголема решителност сите преостанати реформски цели, како и да се обезбеди соодветно следење на процесот на буџетирање и известување, а воедно да се гарантира транспарентност во текот на целиот процес. Потребата од силно политичко водство и зголемена национална сопственост останува од витално значење за да се обезбедат видливи и навремени резултати.

Притоа беше истакната клучната важност на засилено граѓанско општество за значаен придонес во следењето на спроведувањето на Реформската агенда.  Инклузивноста е од суштинско значење за забрзување на понатамошното постигнување на реформите поврзани со ЕУ, социо-економската стабилизација и целокупната транспарентност, што може да го засили гласот на граѓаните и да обезбеди континуиран експертски придонес.

До крајот на јули 2025 година, Комисијата ќе ја издаде формалната проценка на реформите што требаше да се спроведат до декември 2024 година. По ова, Комисијата ќе продолжи со ослободување на средства врз основа на реализација на чекорите. Ова ќе биде дополнување на 24,4 милиони евра што веќе се исплатени во државната каса како претфинансирање на заем во март 2025 година од вкупно 52,5 милиони, додека преостанатите 28,1 милиони (грант и заем) се доделени во Инвестициската Рамка за Западен Балкан. Правилникот за работа на Комитетот за следење на ИРР и заедничките заклучоци од денешниот прв состанок ќе бидат објавени во наредните денови.

Дополнителни информации

Планот за раст за Западен Балкан беше усвоен од Комисијата на 8 ноември 2023 година. Планот има за цел да ги интегрира партнерите од Западен Балкан во Единствениот пазар на ЕУ, да ја унапреди регионалната економска соработка, да ги продлабочи реформите поврзани со ЕУ и да го зголеми претпристапното финансирање за да се забрза социо-економската конвергенција на Западен Балкан со ЕУ.

Планот за раст ги стимулира подготовките на земјите кандидати за проширување за членство во ЕУ, со тоа што ќе ги истакне некои од придобивките пред целосната интеграција во ЕУ. Ова, пак, треба значително да го забрза процесот на проширување и растот на нивните економии.

Планот за раст има потенцијал да ја удвои големината на економиите на Западен Балкан во следната деценија. За поддршка на овој процес, беше усвоен нов инструмент за финансирање од 6 милијарди евра, Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, за периодот 2024-2027 година. Планот се заснова на четири столба, насочени кон: 1. подобрување на економската интеграција со Единствениот пазар на Европската Унија; 2. зголемување на економската интеграција во рамките на Западен Балкан преку Заедничкиот регионален пазар, врз основа на правилата и стандардите на ЕУ; 3. забрзување на фундаменталните реформи, вклучително и во кластерот Основни вредности,  за поддршка на патот на Западен Балкан кон членство во ЕУ, подобрување на одржливиот економски раст, вклучително и преку привлекување странски инвестиции и зајакнување на регионалната стабилност; и 4. поддршка на конвергенцијата со ЕУ преку зголемена финансиска помош.

Повеќе информации 

Growth Plan for the Western Balkans - European Commission

First Investments under the Growth Plan through the Western Balkans Investment Framework

European Union and the Western Balkans

Green_Lanes_Comprehensive_Roadmap

Home | European Digital Innovation Hubs Network