ЕУ со поддршка за банкарството со храна: да се намали фрлањето храна – да се намали гладот

ЕУ поддржува иновативна активност во Северна Македонија: собирање вишоци храна од производители, дистрибутери, супермаркети и ресторани и доставување до социјално ранливи граѓани. ЕУ и’ помогна на Банката за храна МК, организација-носител на оваа хумана, но и еколошка акција (отпадот од храна во депониите ослободува големо количество метан), да ја прошири соработката со други граѓански организации и граѓани. И да ја подигне јавната свест за оваа иницијатива преку различни информациски кампањи, наменети вклучително и за оние кои креираат политики, и залагајќи се за измена на Законот за донирање на вишок храна.

Веќе 12 години Банката за храна МК промовира употреба на вишокот храна во борбата против сиромаштијата низ целата земја. Организацијата, членка на Европската федерација на банки за храна, досега собрала над 2.000 тони храна  и им ги доставила на оние на кои им е потребна.

Успехот – и видливоста – на Банката се зголемија забележително во последните години - благодарение на помошта од ЕУ. Како резултат на таа помош (од 2018 до 2021 година), фондот со храна на Банката порасна трипати – од 97 тони во 2017 година на 112 тони во 2018-та, 257 тони во 2019-та и 280 тони минатата година. Уште 18 граѓански организации се приклучија кон неформалната коалиција на банки за храна. Банката работеше и со илјадници граѓани, мотивирајќи ги да помогнат.

„Благодарение на помошта од ЕУ, поголеми и помали организации покажаа дека може да се здружат, учат, разменуваат знаење и инспирираат меѓусебно за иста цел – подобар систем за помош во храна. Особено општините покажаа отвореност да научат како да го подобрат тој систем. Младите се посебно заинтересирани да учат, дебатираат и волонтираат за каузата ‘помалку отпад од храна – помалку глад’“, вели Душко Христов, основач и менаџер на Банката за храна МК.

Банката за храна МК има седум поддржувачи кои редовно донираат прехранбени производи кои потоа им се доставуваат на лица на кои им се потребни. Но во пораст се и индивидуалните донации – само во август годинава, Банката добила 20 телефонски повици од граѓани кои одлучиле да донираат вишок храна од семејни собири.

Скопје не е единствениот центар на банкарството со храна. Благодарение на лобирањето на „Еко живот“ од Кавадарци, оваа општина во 2018 година основа локална подружница на Банката. Банката планира да ја прошири мрежата, па дури и да воспостави национална федерација на банки за храна.

Во моментов Банката има 47 волонтери кои несебично помагаат во складирањето, пакувањето и дистрибуцијата – без нив Банката не би можела да работи. „Отворени сме за соработка со сите кои имат желба и можност да ни помогнат со своите вештини. Младите волонтери може да понудат и свои проекти“, вели Христов.

Иако пандемијата со ковид-19 и' ги наруши првични планови, Банката ги прилагоди активностите на потребите во тој момент. Во мај 2021 година, под мотото #WeStandTogether, Банката достави над 35 тони храна и хигиенски производи за 1.620 семејства (со над 5.300 членови) во 20 општини ширум земјата.