Говор на амбасадорот Дејвид Гир по повод Денот на Европа

Драги пријатели,

Добредојдовте на Денот на Европа во Лабораториум! Погледнете наоколу! Ова е прекрасен простор. Со едната нога во минатото – кога беше печатница на весникот Нова Македонија. А, со другата во иднината, како простор за креативност и иновации.

Затоа, Европската комисија му оддаде признание на годинашниот конкурс за Нов Баухаус, каде Лабораториум го освои второто место.

Но, Лабораториум е поврзан и со младите. Како што ми рече еден од сопствениците, „ако со активностите и можностите на овој простор - задржиме илјада млади луѓе во земјата, тогаш сме успеале“.

Ова е место кое ги спојува минатото и иднината, креативноста и иновациите, а најмногу - младите. Најдоброто што Европската Унија и Северна Македонија можат да го понудат. И, како што може да видите, во оваа пригода ги истакнуваме принципите на зелена, одржлива иднина – веројатно нашиот најголем заеднички предизвик.

Ја користам оваа прилика да и’ се заблагодарам на Европската инвестициска банка со која заеднички ја организираме оваа прослава денеска и на нашите вечерашни спонзори, Винаријата Лазар и Пивара Скопје. И, се разбира, на Лабораториум. Срдечна благодарност и до виолончелистката Маја Михајловска и диџејот Бојан Јанев, диџеј Соул Кејс.

Денеска сме собрани набргу по одржувањето на изборите во земјата. Би сакал да им честитам на сите за мирната и демократска атмосфера во која се одржаа. А за оние кои во моментов преговараат за формирање влада: ваша задача ќе биде да ја претворите реториката од изборната кампања во современа реалност, да ги залечите поделбите што беа очигледни, обединувајќи ги граѓаните од сите заедници со позитивна реформска агенда.

Практично сите партии изјавија дека се посветени на европскиот пат на Северна Македонија. Предизвикот ќе биде да се исполни ова ветување – напредок во фундаменталните реформи, усвојување на уставните измени, отворање на кластерите. Иако главната одговорност ќе ја има новата влада, вистински напредок ќе биде можен само ако сите политички партии и сите државни институции се дел од процесот.

Ако го направите ова, потенцијалот на оваа земја е огромен. Ќе ја зајакнете државата, ќе го подобрите животниот стандард, ќе ги зголемите инвестициите, ќе почнете да го намалувате одливот на мозоци. Ќе го зајакнете идентитетот, и, да, јазикот. Ќе ја вратите довербата во иднината.

Ќе им дадете надеж на младите од оваа земја.

Ние ќе бидеме со вас на секој чекор - политички, економски и финансиски, вклучително и преку Планот за раст за Западен Балкан. И ќе може да извлечете корист од извонредниот моментум во проширувањето на кој бевме сведоци во последниве години.

Драги пријатели,

Ова е последен Ден на Европа во мојот мандат како амбасадор. Би сакал да кажам неколку зборови за извонредното искуство што јас и Пол го имавме во оваа прекрасна земја. Ни го покажавте најдоброто што оваа земја може да го понуди - нејзиното прекрасно природно наследство – од Шара до Пелистер, од Преспа до Охрид, од Струга до Берово, од Тетово до Струмица - нејзината богата култура -  од Личеноски до Мазев, Нехат Беќири, од Стефановски до Шопов, Фејзи Бојку, Тоше Проески, Влатко Стефановски, Селами Колоња. Списокот е долг...пред сè, ни ја покажавте нејзината различност, дарежливоста и топлината на народот. Нè примивте Пол и мене во вашите домови и ни ги освоивте срцата. Ви благодарам.

Во наредните месеци ќе имаме време да се збогуваме вистински и да ви се заблагодарам на сите лично. Во меѓувреме, дозволете ми да завршам со зборовите на големиот Кочо Рацин. Тој, верувам, го има доловено најдоброто од македонскиот народ и визијата што ја споделува Европската Унија - која ја славиме денеска овде во Лабораториум и која ја изразуваме преку мото-то, „Обединети во различноста“.

Ако куќа не направив

со високи шимшир порти,

куќа цел свет братски ми е

братски срце што отвора,

срце – порта највисока,

срце – куќа најширока.