Втора фаза од процесот на консолидација на земјиштето, поддржан од ЕУ: Окрупнети парцели носат поголеми приноси – и придонесуваат кон одржлива употреба на обработливото земјиште

По успехот на претходната фаза од програмата за консолидација на земјиштето, ЕУ, заедно со Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), продолжува да го поддржува овој процес во Северна Македонија. Спојувањето расцепкани земјоделски парцели, заедно со подобрувањето на земјоделската инфраструктура и развивањето квалитетни политики и законодавство, нуди непосредни придобивки за фармерите. Но - не помалку важно - тоа и’ помага на земјата да воспостави одржлива употреба на земјиштето и одржливи системи за храна, кои се меѓу целите на Европскиот зелен договор и Агендата 2030 на ОН.

 

Радица Груевска и Мартин Савевски наследиле околу 280 хектари земјоделско земјиште во Дабјани. Но земјиштето било расцепкано на 139 помали парцели, секоја по околу еден хектар, поради што одгледувањето култури било неефикасно. Со поддршка од ЕУ и ФАО, нивното земјиште сега е окрупнето во 24 поголеми парцели, со просечна големина од околу шест хектари. Тие очекуваат дека ова, заедно со неодамна изградените пристапни патишта, значително ќе ги подобри нивната продуктивност и пристап до неопходните ресурси. „Ова не’ охрабрува да ја продолжиме семејната земјоделска традиција“, велат тие.

Северна Македонија се соочуваше долго време со предизвици поврзани со расцепкани обработливи површини, мали фарми и застарена земјоделска инфраструктура, а сето тоа резултираше со ниска продуктивност, напуштање на земјиштето и иселување на младите од руралните области.

Затоа ЕУ и ФАО ги поддржуваат националните власти во спроведувањето на структурните земјишни реформи. Од 2017 до 2022 година, партнерите соработуваа во рамки на проектот МАИНЛАНД (воведување национална програма за консолидација на земјиште). ЕУ и ФАО го поддржаа Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во операционализирањето на Националната програма за консолидација на земјиште и во спроведувањето на првиот круг проекти за окрупнување на земјиште – со следниве резултати:

Infographic 1

 

Надоврзувајќи се на овие резултати, ЕУ во 2022 година го започна проектот „Зајакнување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија“. Кофинансиран и имплементиран од ФАО, проектот го поддржува Министерството за земјоделство во напорите да ги подобри политиките и законодавната рамка за управување со консолидација на земјиштето и да ги заврши проектите за окрупнување на земјиштето во селата Дабјани и Чифлик – паралелно со градење земјоделска инфраструктура.

Селото Дабјани во Пелагонискиот Регион е најголемиот реон опфатен со проектот за консолидација на земјиште досега, со површина од 742 хектари. Сопствениците на земјиште кои учествуваа во проектот го одобрија планот за консолидација во јануари 2022 година. Пред консолидацијата, во реонот на Дабјани имаше 602 мали парцели со неправилна форма. Со проектот МАИНЛАНД, нивниот број се намали на 127 поголеми парцели со правилна форма, со просечна површина од 5,84 хектари – од претходните 1,23. Тековниот проект обнови постоечки и изгради нови пристапни патишта, со што на сите 85 сопственици на земјиште им го олесни транспортот и пристапот до парцелите.

Infographic 2

 

Сатки Мифтароски, раководител на Инспекторатот во Општина Долнени, на која Дабјани и’ припаѓа, очекува овие подобрувања да ја зајакнат продуктивноста на фармите и нивниот капацитет да применат модерни земјоделски практики, што е клучно за нивната конкурентност на пазарот на ЕУ.  „Овој проект е пример за тоа како подобрената земјишната структура на семејните земјоделци и пристапот до инфраструктура може да придонесат да се реши проблемот со напуштањето на земјиштето. Ова ги охрабрува младите генерации да останат во руралните области, да се занимаваат со земјоделство и да го засилат локалниот развој’, вели Мифтароски.

Во селото Чифлик, во Општина Чешиново-Облешево, се постигна значителен напредок во подготовката на план за прегрупирање на земјиште на вкупна површина од 156 хектари во сопственост на 404 земјоделци. Во текот на процесот се одржаа директни состаноци со сите сопственици со цел да се осигура дека планот е добар за секого од нив. Откако и формално ќе се одобри планот, овој проект финансиран од ЕУ ќе продолжи со надградба на постојни и изградба на нови пристапни патишта, како и со зајакнување на мрежата за наводнување и на одводните канали во селото.

Уште едно достигнување на проектот беше комплетирањето на нацрт-националната стратегија за консолидација на земјоделско земјиште за периодот 2024-2034 година. Оваа стратегија се разви преку инклузивен процес, кој ги опфати клучните институции, локалните заедници и земјоделците, притоа земајќи ги предвид лекциите научени при спроведувањето на претходната Стратегија (2012-2020). Документот, кој е доставен до Министерството, има за цел дополнително да ја унапреди консолидацијата на земјиштето и таа да стане одржлива, долгорочна политика за развој на земјоделството – која ќе ги има предвид и целите како прилагодување кон климатските промени и нивно ублажување, обнова на природата и заштита на животната средина.