Delegation of the European Union to Jamaica, Belize, Turks and Caicos Islands, Bahamas and the Cayman Islands

Успешни ЕИДХР приказни: Како да станеме послични на ЕУ? Да ги погледнеме најдобрите практики за човекови права кај нејзините членки!

01/06/2021 - 17:16
News stories

Како земјите-членки на ЕУ се справуваат или се справиле со предизвиците со кои се соочуваат граѓаните на Северна Македонија при остварување на своите права: како работници, како потрошувачи, како луѓе со попреченост, како членови на ЛГБТИ-заедницата... или едноставно како поединци кои имаат право на целосна правна и здравствена заштита, вклучително и на чист воздух. Документарците направени со помош на ЕУ се обидуваат да најдат одговори на самото место и да инспирираат активности дома – имајќи предвид дека почитувањето на човековите права е од фундаментално значење. Почнувајќи од 1 јуни, можете да ги гледате на ТВ Алсат-М секој вторник и петок.

 

Серија од десет документарни филмови со наслов „Дали личиме на ЕУ“ одблизу разгледува како е да се живее во ЕУ. И што е уште поважно, посочува како земјите во ЕУ ги надминале или се справуваат со некои од предизвиците со кои се соочуваат граѓаните на Северна Македонија во различни области од животот.

Оваа ТВ програма подготвена од невладината организација „Конфиденс“ од Скопје и нејзината продукција „Балкон3“, со помош на Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), се обидува да ги открие оние делови од сложувалката што ѝ недостасуваат на земјата со цел да се намали јазот со ЕУ кога станува збор за почитување на човековите права.

Продукцискиот тим се обиде да го стори тоа преку интервјуа со релевантни соговорници во Северна Македонија и во различни земји-членки на ЕУ. И дојде до следниот заклучок: понекогаш се потребни неколку чекори, а понекогаш сериозни и долги реформи. Заедно со промена во менталитетот и на воспоставените практики.

Менаџерот на проектот, Катерина Димовска, вели дека документарците се изработени заедно со граѓански организации, институции, новинари и други засегнати страни.

„Ја споредивме ситуацијата во Северна Македонија со најдобрите практики во земјите-членки на ЕУ и откривме што треба да направат институциите за да се постигнат стандардите на ЕУ. Секој документарец опфаќа различна тема и прави паралела со земја-членка на ЕУ. Снимањето на нашите документарци во време на пандемија не беше лесна задача – границите беа затворени и луѓето беа под притисок да избегнуваат контакти. Сепак, успеавме да направиме низа интервјуа со експерти, претставници на институции и бранители на човековите права“, вели Димовска.

Шефкије Аласани Дика, новинарка која беше дел од тимот, го опишува овој проект како прекрасно искуство, и покрај предизвиците што ги наметна пандемијата.

„За само неколку месеци интервјуирав околу 100 луѓе од различни професии и одблизу ги видов проблемите со кои се занимаваат. На овој начин научив многу повеќе за проблемите со кои се соочува нашето општество. Едно од интервјуата ми помогна не само да научам многу нови работи, туку и да ја засилам мојата мотивација. Професорот Кари Гинтер од Естонија ни даде јасна порака за тоа што треба да научиме од неговата земја: ништо добро не се случува со чудо, туку со напорна работа“, вели Аласани Дика.

Но, проектот оди еден чекор подалеку од едноставно прикажување на најдобрите практики во ЕУ.

„Тимот на проектот работи и на понатамошно зајакнување на бранителите на човековите права на локално ниво. Планираме да организираме курсеви за обука за 45 претставници од локални невладини организации и медиуми за паметна употреба на паметните технологии при отворање на прашањата за човековите права. На овој начин ќе осигуриме дека на локално ниво, бранителите на човековите права ќе знаат како да им пристапат на проблемите и каде да бараат одговори и одговорност“, вели Никола Илиевски, претседател на „Конфиденс“.

Проектниот тим верува дека да се стане членка на ЕУ е многу повеќе од тоа да станете дел од единствениот пазар. Тоа значи да станете дел од област каде што се почитуваат и активно се поддржуваат човековите права – преку комбинација на домашни и заеднички политики на ЕУ.

Гледајте ги документарците на ТВ Алсат-М секој вторник и петок, почнувајќи од 1 јуни.

 

 

Languages: