Delegation of the European Union to Jamaica, Belize, Turks and Caicos Islands, Bahamas and the Cayman Islands

„Конектинг јуроп експрес“ во Скопје: Поеколошки транспорт за уште поголемо приближување на луѓето и бизнисите

14/09/2021 - 20:00
News stories

Главниот град на Северна Македонија беше еден од 100-те места каде што застана овој единствен воз.

 

Од Лисабон до Париз, преку 26 земји, за 36 дена. „Конектинг јуроп експрес“ (Connecting Europe Express) пристигна на железничката станица во Скопје на 13 септември, промовирајќи ја железницата како најодржлив транспорт кој уште подобро ќе ги поврзе луѓето и бизнисите низ целиот континент.

„Конектинг јуроп експрес“ е една од клучните иницијативи на Европската година на железницата 2021. Како резултат на единствената соработка помеѓу Европската комисија и железничките компании од цела Европа, овој воз има за цел да ги посочи многуте придобивки од железницата и во патничкиот и во товарниот сектор. Исто така, ја поддржува сеопфатната цел на ЕУ утврдена со Европскиот зелен договор – да се поттикне „префрлање кон железницата“ со цел да се декарбонизира транспортот и да се зголеми одржливата мобилност.

„Овој настан ја симболизира суштината на поврзаноста – подобри врски и во рамките на Западен Балкан и помеѓу регионот и ЕУ. Транспортот е клучен елемент на Европскиот зелен договор. Нашата амбициозна цел е да ги намалиме емисиите на гасови од транспортот за 90% до 2050 година. А со нивниот потенцијал да ја намалат емисијата на СО2, возовите можат да станат енергетски најефикасен начин на транспорт“, рече амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ, кој присуствуваше на настанот заедно со амбасадори на земјите-членки и локални функционери.

 

 

Перонот каде што пристигна возот, заедно со остатокот од патничкиот простор на скопската железничка станица, е реновиран со помош на ЕУ. Тоа беше дел од проект вреден пет милиони евра, кој вклучуваше надградба на уште десет железнички станици во земјата, вклучувајќи ја и Гевгелија – втората станица на „Конектинг јуроп експрес“ во Северна Македонија, каде што возот стигна во утринските часови на 14 септември, на пат кон Атина. Од 2007 година, ЕУ инвестираше над 300 милиони евра во транспортниот сектор во земјата.

„Конектинг јуроп експрес“, кој служи и како конференција во движење, лабораторија и форум за јавна дебата за тоа како да се направи железничкиот сообраќај вистински избор и за патниците и за бизнисите, ќе го заврши своето патување од 20.000 километри во Париз на 7 октомври.

 

 

Languages: