Delegation of the European Union to Gabon, Sao Tomé-et-Principe and CEEAC

Кампањата „ЕУ штити“ се осврнува на дилемите околу вакцинирањето преку приказни на обични луѓе

12/11/2019 - 10:45
News stories

Во Европа, вакцините не’ штитат од заразни болести како сипаници, заушки или магарешка кашлица речиси еден век. Ако најголем дел од луѓето се вакцинирани, тогаш и остатокот од населението е заштитено од зараза, особено најмладите или оние кои страдаат од сериозно намален имунитет. Меѓутоа лажните вести и дезинформациите создаваат дилема кај родителите дали да ги вакцинираат децата. Во пролетта 2019 година, Светската здравствена организација ја смести Северна Македонија меѓу деветте земји во поширокиот европски регион во кои бројот на случаи на сипаници бара подобар одговор

Во 2012 година, Европа беше погодена од епидемија на магарешка кашлица. Мари-Пјер гледаше како здравјето на нејзиниот новороден син нагло се влошува откако се зарази од оваа ужасна болест. Тој почина пред да стане доволно возрасен за да прими вакцина. Во кампања на ЕУ, Мари-Пјер и други родители зборуваат за ризиците од невакцинирање. Овие родители не се единствените.

Во видеото, запознајте ги и институциите за јавно здравје, експертите и лекарите ширум Европа кои заедно работат на спасување животи преку промовирање на вакцинацијата.

https://www.youtube.com/watch?v=CNRuMwgGmA8

Мари-Пјер Лемпир, активистка, Белгија

„Нашиот син Рафаел се роди здрав. Но по неколку недели, почна да кашла и да дише тешко. Лекарите ни рекоа дека Рафаел има магарешка кашлица и дека најверојатно нема да преживее. По две ужасни ноќи поминати на интензивна нега, ни’ почина на раце“.
„Се разболи само неколку дена пред датумот на кој требаше да ја прими првата вакцина. Вакцината ќе го заштитеше“.

Др. Брижит Отран, Медицински факултет на Универзитетот во Сорбона, Франција

„Вакцините не’ штитат од сериозни болести веќе речиси сто години. Исто толку време експертите како мене ги оценуваат овие вакцини без притоа да посведочат сериозни несакани ефекти“.
„Според безбедносните стандарди на ЕУ, развивањето нова вакцина може да трае околу 12 години. Во Франција, како и во секоја друга земја-членка  на ЕУ, развивањето и тестирањето вакцини го следи истиот процес. Во текот на процесот на оценување, бараме од медицинските агенции на ЕУ и од експертите за јавно здравје да проверат дали несакани реакции биле регистрирани каде било во Европа, па и пошироко“.

Андреа Вурц, Германка, Европски центар за спречување и контрола на болести, Шведска

„Онлајн-дезинформациите се шират брзо. Затоа им помагаме на земјите од ЕУ да одговорат на дилемите околу вакцинирањето и на потребите на нивните граѓани. Нашите месечни извештаи од набљудувањето на ситуацијата со сипаници и рубеола, како и други публикации, им помагаат на професионалците во јавното здравство, вклучувајќи ги и лекарите, во секоја земја од ЕУ да ги зајакнат нивните програми за имунизација и да спречат идни епидемии на овие болести. Благодарение на нашите извештаи и експертски мислења, специјалистите за јавно здравје ги имаат најновите информации за вакцините и лекарите може подобро да комуницираат со пациентите“.

Др. Гиндровел Думитра, Европски сојуз на општи лекари, Романија

„Мојата ординација е секогаш отворена за родители и нивните деца. Во моето село сум се сретнал со толку многу луѓе кои стравувале од можни несакани дејства на вакцините. Моја одговорност е да ги убедам да ги вакцинираат децата против високо заразни болести“.
„Преку експертските групи на ЕУ, имав можност да ја споделам мојата работа поврзана со имунизацијата со колеги од Франција, Полска, Италија и други европски земји кои се соочуваат со слична ситуација“.

Маринела Диакону, жителка на Крајова, Романија

„Во весниците, на Фејсбук, на телевизија – многумина изразуваа загриженост поради вакцините. Затоа и јас се плашев да ги вакцинирам моите деца“.
„Го посетив мојот лекар за да добијам повеќе информации. Др. Думитра ми ги објасни придобивките од вакцинирањето, како што е развивањето антитела. Ме информира за ризиците кои постојат доколку моите деца не се вакцинираат: дека може да добијат заразна болест и да им ја пренесат на други деца“.
„Не сакав да донесам одлука без да бидам добро информирана. Сега би и’ препорачала на секоја мајка да го вакцинира своето бебе“.


Дали знаете?

42.000 е бројот на случаи на магарешка кашлица (пертусис) пријавени во ЕУ/Европската економска зона во 2017 година. Вообичаениот број е многу понизок – околу 20.000. Најранлива група се бебињата кои се премногу млади за да примаат вакцина.

35 е бројот на смртни случаи од сипаници во ЕУ во 2018 година. Истата година повеќе од 12.000 луѓе во ЕУ се заразиле од сипаници, и покрај тоа што ефикасна вакцина против оваа болест постои уште од шеесеттите години на минатиот век.

21,2 милиони е бројот на смртни случаи спречени во светот благодарение на вакцините против сипаници, во периодот 2000 – 2017 година.

95% е статистичкиот процент на населението кое мора да биде вакцинирано против сипаници за да се заштити целата заедница, вклучително и оние кои се премлади или со пречувствително здравје за да бидат вакцинирани. Кога доволен дел од населението е вакцинирано, болеста тешко се шири. Овој феномен се нарекува „колективен имунитет“.

48% е процентот на жители на ЕУ кои, погрешно, веруваат дека вакцините често предизвикуваат сериозни несакани дејства. Проверете ги вашите извори и добијте одговори на сите ваши прашања поврзани со вакцините овде https://ecdc.europa.eu/en/immunisation-vaccines/childhood-vaccination/faq

 

Languages: