Delegation of the European Union for the Pacific
Responsible for Cook Islands, Federated States of Micronesia, Fiji, Kiribati, Nauru, Niue, Palau, Republic of Marshall Islands, Samoa, Solomon Islands, Tonga, Tuvalu, Vanuatu as well as the four Overseas Countries and Territories in the Pacific

Жозеп Борел ја презема функцијата висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија

01/12/2019 - 09:10
News

На 1 декември, Жозеп Борел стапи на позицијата висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија

 

По гласањето во Европскиот Парламент на 27 ноември и по назначувањето од страна на Европскиот совет, новиот состав на Европската комисија почна со работа на 1 декември 2019 година.

Жозеп Борел, поранешен министер за надворешни работи на Шпанија, ја презеде функцијата висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, предводена од претседателката Урсула фон дер Лејен.

Во следните пет години, високиот претставник/потпретседател Борел ќе биде на чело на надворешната политика на ЕУ. Потребата од европско водство во светот е понагласена од кога било порано и Европа мора да ја користи својата дипломатска и економска сила за поддршка на глобалната стабилност и просперитет, наведе по изборот претседателката на Комисијата во писмото за целите на новиот состав.

Во неговата лична порака испратена по преземањето на функцијата, високиот претставник/потпретседател Борел рече дека ќе се раководи од принципите на реалност, заедништво и партнерство во градењето на ЕУ како уште посилен глобално-ориентиран фактор. Тој потсети дека ЕУ располага со се’ што и’ треба за да постигне резултати во оваа клучна мисија. „Ги имаме в раце сите инструменти и ресурси – од дипломатија до трговија, развојна соработка и управување со кризи. Ние ги утврдуваме глобалните правила и стандарди и дејствуваме како посветен бранител на мултилатерализмот и демократските вредности. Комбинацијата од овие предности не’ прави лидер во одговарањето на глобалните предизвици и во покажувањето на патот на напредокот“, напиша тој.

За време на сослушувањето во Европскиот Парламент, Борел ја нагласи неговата намера да се ангажира во реформите во Западен Балкан, да ги поддржи демократијата и интегритетот на Украина, да се занимава со предизвиците во Јужното соседство, да развие нова стратегија во врска со Африка, да работи на политичките односи со Азија, да ја унапреди соработката со Латинска Америка, и да ги зајакне трансатлантските односи.

„Ние претставуваме најдобра можна комбинација на политичка слобода, економски просперитет и социјална кохезија. Имаме ресурси, поддршка од нашите жители и силни институции. Oва треба да продолжиме да го развиваме“, рече Борел.

Бидејќи негова задача е да работи на создавање посилна Европа во светот, Борел посочи дел од постулатите на улогата на Европа. „Ние сме главна нормативна сила во дефинирањето на светските правила и стандарди. Имаме моќна заедничка трговска политика. Моќна, бидејќи е заедничка. Ние сме вистински лидер во утврдувањето на Агендата 2030, која претставува нов глобален консензус за градење одржливост. Нашиот буџет, заедно со оние на земјите-членки, не’ прави финансиска суперсила, а нашиот дипломатски капацитет е меѓу најсилните во светот“.

Борел вети дека ќе работи со сите земји-членки на ЕУ на постигнување поголемо единство кое и’ треба на Европа за да биде геополитички релевантна.

Осврнувајќи се на партнерствата и мултилатерализмот како дел од „колективната ДНК“ на Европа, тој нагласи дека Европа треба да се позиционира себеси во растечката конфронтација меѓу САД и Кина. „Треба да го поддржиме мултилатерализмот заснован на правила и да промовираме сопствен пристап, одбегнувајќи да бидеме притиснати меѓу двете“. Системот заснован на правила може и треба да се реформира, но не да се напушти, рече Борел.

Како шеф на надворешната политика, високиот претставник/потпретседател Борел е одговорен и за заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ и е шеф на Европската агенција за одбрана. „Одбраната е дел од нашата безбедност и понекогаш заканите почнуваат далеку од нашите граници“, рече тој. „Презедовме повеќе иницијативи во оваа област и ќе продолжиме да придонесуваме во развивањето покорисни одбранбени способности“.

Во стремежот за постигнување постратешка, поодлучна и пообединета Европа во светот, високиот претставник/потпретседател Борел смета на Европската служба за надворешна акција, цивилните и воените мисии и операции на ЕУ, како и на над 140-те делегации на ЕУ ширум светот.

Тој дојде на местото на Федерика Могерини, која ја извршуваше функцијата Висок претставник/потпретседател од 2014 до 2019 година.

Уреднички написи: