Delegation of the European Union to El Salvador and to the Central American Integration System (SICA)

Делегацијата на ЕУ светна во сино на Светскиот ден на детето, ЕУ ги засилува напорите за унапредување на детските права ширум светот

20/11/2020 - 16:44
News

Повторно обмислување на образованието и негово подобрување по пандемијата со ковид-19 беше тема на дебата меѓу ученици и претставници на владата, ЕУ и УНИЦЕФ во Скопје.

 

„Мора да работите вие, мора да работиме сите ние на тоа светот да стане достојно место за неговите деца“, им рече амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир на учениците од Северна Македонија, обраќајќи им се по повод Светскиот ден на детето.

Учениците и годинава симболично ја „презедоа“ владината зграда во Скопје за да побараат подобро и поинклузивно образование, да посочат на тешкотиите со кои се соочуваат за време на пандемијата и да изразат загриженост за климатските промени. Учениците беа на говорницата, додека официјалните претставници, вклучително и амбасадорот Гир, учествуваа преку конференциска врска.

Амбасадорот Гир рече дека образованието треба да им обезбеди на учениците неопходни вештини за учество во пазарот на труд, кој брзо се менува, а воедно и да ги унапредува креативноста и иновативноста и да им помага на учениците да се прилагодат на новата реалност  - нешто што е предизвик насекаде во Европа. „Но, за да се постигне ова, вие, младите, треба да сте дел од процесот од самиот почеток“, нагласи тој.

 

 

Во предвечерието на 20 ноември, датум кога во 1989 година Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето, зградата на Делегацијата светна во сино, како симболичен гест на посветеноста на ЕУ кон унапредувањето на детските права.

„Оваа година, како никогаш досега, покажа како кризите може да го нарушат животот на децата, без оглед на тоа во која земја живеат“, се вели во заедничката изјава на високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел и на Европската комисија по повод овој ден. „Пандемијата со корона вирусот и нејзините социоекономски последици имаат сериозно и потенцијално долгорочно влијание врз учењето на децата, нивната благосостојба, развој и заштита“, се вели во изјавата.

Како одговор на зголемениот број пријавени случаи на онлајн сексуално насилство врз деца за време на пандемијата, во јули ЕУ усвои „Стратегија за поефикасна борба против сексуалната злоупотреба на деца“. Дополнително, „Стратегијата на ЕУ за правата на детето“, која ќе биде усвоена наредната пролет, „ќе одговори на предизвиците што произлегоа од пандемијата и ќе предложи чекори за зајакнување на учеството на децата, како и за заштита и унапредување на правата на детето на сите нивоа во овој свет кој се менува“. Освен тоа, во рамките на неодамна усвоениот „Акциски план на ЕУ за човекови права и демократија 2020-2024“, ЕУ финансира бројни активности и иницијативи за унапредување, заштита и остварување на правата на децата ширум светот.

 

Languages: