Delegation of the European Union to Colombia

Успешни ЕИДХР приказни: Ученици и граѓански организации ја штитат животната средина – со конкретни дела

08/04/2021 - 15:52
News stories

Во време кога Зелената агенда е врвен приоритет за Европа, шест граѓански организации ги здружија силите со средношколци за да развијат практични решенија за локалните еколошки предизвици. Овој проект финансиран од ЕУ не само што ја нагласува итната потреба да се заштити животната средина – тој ја отсликува и клучната улога што младите може да ја одиграт за да стане нашето опкружување позелено и поздраво.

 

„Првиот чекор на секоја промена е најтежок. Но, ние имаме храброст да го направиме тој чекор’’, вели Адам Стојановски, средношколец од Битола. Адам, заедно со неговите соученици од вториот по големина град во Северна Македонија и со врсници од пет други градови, работи на промена на навиките на луѓето и на начинот на кој работат производителите. Целта е земјата да биде почиста а нејзината економија одржлива. 

 

Adam Stojanovski

 

Проект во рамките на Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР) ги поврза овие ученици со граѓанското општество – во идентификувањето еколошки проблеми и во напорите тие да се решат.

„Ќе следиме, ќе алармираме и ќе чистиме – со цел да ја направиме Битола подобро место за живеење’’, вели Адам, кој е вклучен во кампања за чистење отпадоци во Битола и во околните излетнички места. Овие активности произлегуваат од успешната кампања што Делегацијата на ЕУ ја спроведе во изминатите години под мотото „За чисто како дома исто’’.

Проектот го води Институтот за комуникациски студии (ИКС), во партнерство со Македонското еколошко друштво (МЕД). Минатата година, преку јавен повик, тие одбраа шест иницијативи на невладини организации и средни училишта од региони со големо природно богатство и од региони кои се соочуваат со големо загадување. Освен акции за чистење и кампањи против фрлање отпадоци, иницијативите опфаќаат мониторинг на квалитетот на водата во Преспанското Езеро, промовирање органско производство во Тиквеш и Струмица, еко-активизам во Струга, кој воедно со однесува и на малите диви депонии во близина на брегот на Охридското Езеро, и отстранување градежен отпад од Демиркаписката Клисура. Преку практични чекори.

 

 

„Се капеме во Преспанското Езеро цел живот. Но сега поретко, бидејќи велат дека е водата загадена. Сега имаме можност да дознаеме од прва рака дали е така’’, вели Наталија Војданоска, средношколка од Ресен. Таа учествува во мониторинг на езерската вода благодарение на иницијативата на невладината Еко Герила, која поврза еко-активисти, ученици и јавни институции (Станицата за мониторинг на квалитет на вода во Стење). Со оваа иницијатива, ученици учествуваат во истражувачки активности заедно со професионалци, но не само тоа. Активисти и ученици ќе употребат рециклиран органски отпад за да го разубават просторот околу зградата на Станицата.

 

 

Претворањето отпад во ѓубриво е главната активност на средношколците од Струмица кои се вклучени во иницијативата со која раководи невладината Хорти Еко. „Сакам да го совладам процесот на компостирање бидејќи со тоа можам да ја заштитам нашата животна средина. Земјоделците го фрлаат непотребниот материјал околу коритата на реките и со тоа ја загадуваат плодната почва. Со компостирањето може да направиме органски производ и повторно да го употребиме во почвата’’, вели Танкица Гонева, една од најактивните ученички во овој процес.

Се смета дека во струмичкиот регион, кој е еден од главните производители на храна во земјата, има околу 100 диви депонии. Хорти Еко и професори им помагаат на учениците да научат повеќе за одржливото земјоделство – земјоделство кое работи во хармонија со природата.

 

 

 

„Голем проблем е што дел од фармерите не го заоруваат тој градинарски отпад или не го компостираат, туку го палат и го загадуваат воздухот’’, вели Томе Тимов од Хорти Еко.

 

 

Итната потреба од промена на навиките најдобро ја опишува професорот Динчо Крстев: „Имаме енормно загадување на водите и околината поради неправилна и непотребна употреба на хемиски средства како хербициди (пестициди за уништување на штетни растенија). Со нив толку ги загадивме почвата и водата што имаме проблем при производството’’.

Меѓутоа, проектот не запира овде.

До февруари 2020 година, средношколците и граѓанските организации ќе ги развијат нивните лобирачки вештини за подобра заштита на животната средина – преку интерактивни работилници и со совладување на принципите на Архуската конвенција, клучен документ за правата поврзани со заштита на животната средина. Дополнително, Институтот за комуникациски студии и Македонското еколошко друштво ќе ги обучат граѓанските организации и средношколците како да планираат и спроведуваат кампањи за подигање на јавната свест. И на тој начин уште повеќе ќе го поттикнат остатокот од општеството да им се приклучи во промовирањето на „зелената’’ транзиција.

Languages: