Delegation of the European Union to Colombia

Досадата преточена во уметност: Изложба инспирирана од изолацијата во време на пандемија

22/03/2021 - 12:37
News stories

Скулптури, слики и инсталации од локални уметници се достапни за јавноста во дворот на резиденцијата на амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир. Изложбата насловена „Уметноста на досадата“, која ја организира Делегацијата на ЕУ под мотото „ЕУ за уметностите“, ги истражува креативните одговори на чувството на изолација - нешто што сите го искусивме во изминатата година, која ја одбележаа карантини, социјална дистанца и неизвесност. Целта е и да се сврти вниманието кон состојбата на уметниците и културните работници, кои беа особено погодени од губењето публика во живо и од затворањето на многу места за културни настани, и да им се даде поддршка.

 

Досадата се истражува како повод за размислување, интроспекција и преиспитување и како можност фрустрацијата да се надмине преку креативност.

Уметнички дела на Петар Хаџи Бошков, Маргарита Киселичка, Сашо Саздовски, Гоце Наневски, Моника Мотеска, Филип Велковски, Јасмина Главинче, Игор Таневски, Давид Атанасовски, Антонио Пиркоски и Александар Ефтимовски се дел од изложбата „Уметноста на досадата“, која на 19 март беше отворена во дворот на резиденцијата на ЕУ во Скопје.

Со помош на галеријата Акантус и студиото Витру, Делегацијата на ЕУ постави на едно место дела од локални автори од различни генерации – од доајени на современата уметност со докажано мајсторство, преку познати уметници од средната генерација, до млади уметници школувани низ призмата на актуелната уметност. Тие претставуваат различни одговори на темата на досадата, но и збирка од квалитетни уменички дела.

„Ова го замисливме како разиграно претставување на креативноста во време на пандемија. Воедно и како начин да се поддржат локалните уметници, нешто што за време на пандемијата стана поважно од кога било порано“, рече амбасадорот Гир, отворајќи ја изложбата во присуство на претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и на министерката за култура Ирена Стефоска.

 

 

Претседателот Пендаровски му се заблагодари на амбасадорот Гир за организацијата на изложбата, како оригинален начин на поддршка и промоција на македонските уметници.

 

 

Изложбата е отворена за јавноста до 31 мај 2021 година. Резервирајте термин за посета со бесплатен билет на оваа платформа: https://www.eventbrite.com/e/art-of-boredom-tickets-146369080861. За време на посетата ќе се почитуваат сите мерки за заштита на ковид-19. Сите изложени дела се на продажба.

 

Languages: