Delegation of the European Union to Chile

Изјава на високата претставничка Федерика Могерини, во името на Европската Унија, по повод 3 мај, Светскиот ден на слободата на медиумите

Bruxelles, 02/05/2019 - 12:00, UNIQUE ID: 190426_5
Statements on behalf of the EU

Изјава на високата претставничка Федерика Могерини, во името на Европската Унија, по повод 3 мај, Светскиот ден на слободата на медиумите

На Светскиот ден на слободата на медиумите ја славиме суштинската улога на слободните медиуми не само како пренесувачи на веродостојни и точни вести, туку и како столб на демократијата. Квалитетот на демократските процеси е поврзан со состојбата на слободата на изразување, како  и со медиумската слобода и плурализам. Без вистински слободни медиуми нема демократија.

Освен што имаат голема одговорност да и’ гарантираат на јавноста проверени и точни вести, разновидните и независни медиуми претставуваат основа на секое плуралистичко и отворено општество. Истражувачкото новинарство има улога на неопходен контролор што и’ помага на јавноста да обезбеди отчетност на владите и институциите на сите нивоа за нивните активности и обврски. Меѓутоа, сведоци сме на се’ повеќе обиди за стеснување на просторот за слободни медиуми, меѓу другото и со систематско поткопување на нивниот кредибилитет, и премногу новинари ги изгубија животите или ги доведоа во опасност поради обелоденување непријатни вистини.

Годинешното, 26-то по ред, обележување на овој ден во целиот свет се однесува на актуелните предизвици со кои медиумите се соочуваат при избори во време на дезинформации, како и на потенцијалот на медиумите да ги поддржат демократијата, мирот и помирувањето. Дезинформациите имаат голем потенцијал да влијаат негативно врз демократските процеси и јавните дебати насекаде во светот, и Европската Унија не е исклучок во тој поглед.

Од овие причини го претставивме „Акцискиот план на ЕУ против дезинформациите“(*), кој го унапредува европскиот одговор на овој предизвик со цел да ја засили отпорноста на нашите општества во однос на дезинформациите. Планот се фокусира на тоа како подобро да се воочуват дезинформациите, како да се усогласуваат и здружуваат активностите на Унијата и на земјите-членки, како да се мобилизира приватниот сектор за да ги исполни своите обврски, како да се подигне јавната свесност и како да се оснажнат граѓаните. Здравата демократија се потпира на отворена, слободна и фер јавна дебата и наша должност е да го заштитиме овој простор и да не дозволиме никому да шири дезинформации кои поттикнуваат омраза, поделби и недоверба во демократијата.

ЕУ промовира слободни и фер медиуми не само дома, туку и глобално, во нашите односи со трети земји, вклучително и со обезбедување средства за конкретни проекти што ги зајакнуваат квалитетното новинарство, слободата на медиумите и пристапот до јавни информации. Со оглед на растечкиот притисок врз слободното новинарство, ЕУ ја потврдува уште еднаш својата решеност да ја брани слободата на печатот и медиумите во нејзините граници и во целиот свет.

(*) На 5 декември 2018 година, Европската Комисија и Високата претставничка усвоија заедничка изјава во која го претставија „Акцискиот план против дезинформациите“.

 

Уреднички написи: