Delegation of the European Union to Belarus

ЕУ проекти пренаменија над 330.000 евра за да и’ помогнат на Северна Македонија да одговори подобро на корона-предизвикот

03/06/2020 - 13:49
News

Од производство и доставување маски, визири и средства за дезинфекција на оние на кои најмногу им се потребни до обезбедување правна и психолошка поддршка за ранливите групи и помагање на онлајн наставата. Ова се отприлика активностите кои повеќе од 20 проекти финансирани од ЕУ ги поддржуваат, прилагодувајќи ги нивните буџети на новата реалност наметната од пандемијата на ковид-19. Оваа ад хок помош – од околу 330.000 евра – доаѓа покрај помошта за земјата од 66 милиони евра од ЕУ за ублажување на вкупните последици од корона кризата и дополнителите 160 милиони евра кои ЕУ ќе ги обезбеди во вид на заеми за справување со фискалните предизвици.

 

Подавање рака во време на корона

 

„Тоде Мендол“ е најголемата населба во Куманово со над 30.000 жители, но воедно и најсиромашната, со повеќе од 12.000 корисници на социјална помош. Епидемијата на корона само ја влоши ситуацијата. Хуманитарната организација Мајка Тереза работи напорно да им помогне на ранливите групи во овие околности. Беким Салиу, претседател на организацијата, вели дека меѓу нивните корисници се и семејство со седум деца кое нема средства да купи моливи за четирите од нив кои треба да најдат начин да го продолжат образованието од дома, како и самохрани мајки со бебиња на кои не можат да им купат пелени. Мајка Тереза е еден од седумте субгрантисти на Граѓанскиот ресурсен центар, проект на ЕУ, избрани во рамките на вонредниот повик за доделување грантови за итни интервенции во ситуацијата предизвикана од ковид-19. Организацијата доставува пакети со производи за хигиена, училишен прибор и логички игри на социјално загрозени домаќинства, како и брошури со информации како да се заштитат од вирусот. Во периодот од 1 мај до крајот на јули, субгрантистите ќе достават хуманитарна помош до 550 семејства во социјален ризик или други ранливи групи како ромско население, членови на ЛГБТИ заедницата, бегалци, земјоделци и жртви на семејно насилство, појава која е во пораст глобално во услови на карантин. Националниот совет за родова еднаквост, исто така субгрантист, има СОС-телефонска линија наменета за помош на жртвите на домашно насилство. Една од целите на субгрантот е да се промовира и зголеми пристапот до СОС-линијата за да може жртвите или потенцијалните жртви на домашно насилство лесно да стапат во контакт и притоа да знаат дека овие СОС-линии се бесплатни, со целосно почитување на приватноста, и оти вклучуваат бесплатно советување од психолог. 

 

 

Организацијата Хуманост од Скопје, чија главна дејност е да им помага на луѓе во социјален ризик, како субгрантист на организацијата Хера, воспостави волонтерски тимови кои, во соработка со Општина Центар и со локални фирми, организираа достава на храна и лекови на постари лица, така помагајќи им да останат дома и да не се изложуваат непотребно на ризик од зараза. „Во текот на април остваривме 40 посети на постари лица во нашата заедница и дистрибуиравме 1 тон млеко и над 3 тона прехранбени производи“, вели Сашко Јованов, извршен директор на Хуманост. В.П., корисничка на услугите на Хуманост, е благодарна за оваа помош. „Корона вирусот не’ принуди да бидеме во изолација. Имам 75 години и живеам со ќерка ми, која е неподвижна. И двете спаѓаме во ризична група“, вели таа. Хера имаат уште два субгрантисти. Рома прогрес организира шиење и достава на заштитни маски за најранливите граѓани во општината Шуто Оризари и ги учи како да ги користат. Организацијата Черења понуди бесплатно перење алишта за социјално загрозени семејства во Штип.

 

Асоцијацијата за еманципација, солидарност и еднаквост на жените дистрибуира едукативни материјали, особено меѓу Ромите, за тоа како да се води грижа за бремени жени и деца во време на корона, како да се ублажи стигмата на заразените лица и како да се спречи семејно насилство во услови на карантин. Со субгрантови од проект за локална демократија што го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), невладини организации од Куманово, Струмица и Кавадарци доставија 146 хуманитарни пакети до социјално загрозени семејства и други ранливи групи во овие градови. Асоцијацијата за домување ХАБИТАТ набави 500 пакети со производи за хигиена за најранливите семејства во општината Шуто Оризари. Организацијата Чентро лаичи италиани пер ле мисиони асошиата достави до 100 ромски семејства во Виница храна и производи за хигиена. Невладината Еко-свест дистрибуира 1.000 маски до граѓаните. Организацијата ЦеПроСАРД набави лична заштитна опрема за институтот во Демир Капија за лица со ментална попреченост. Бизнис и стратегии во Европа С.А. обезбеди маски и средства за дезинфекција за над 30 општини. Проект кој работи на подобрување на управувањето со границите и миграцијата обезбеди за граничната полиција 3.000 парчиња маски/ракавици и средства за дезинфекција, а набави и хигиенски пакети за транзитните центри за мигранти.

 

Прекугранична солидарност

 

Откако избувна пандемијата и се зголеми побарувачката за маски и дезинфициенти на пазарот, жени-претприемачи од Северна Македонија и Албанија вклучени во проект за прекугранична соработка решија да пренаменат дел од буџетот (12.500 евра) за солидарни активности кои сепак се во доменот на приоритетите на проектот. „Произведовме 9.600 заштитни маски, 1.250 визири и 1.100 парчиња органски антибактериски сапуни и сите ги дониравме. Сапуните се особено корисни за кожата на лица чија работа бара носење заштитни ракавици осум часа на ден“, вели Јасна Пајковска, координатор на проектот, кој вклучува жени кои се занимаваат со ракотворби и од угостителскиот и производствениот сектор, и кој го спроведува Центарот за управување со промени, во партнерство со Институтот за човекови права, Фондацијата ЕГАЛИТЕ и Центарот за компаративни и меѓународни студии. „Придобивката е двојна – ние сме дел од борбата против ковид-19, но истовремено продолжуваме со економска и едукативна поддршка за жените-претприемачи. Со оваа акција, жените во проектот научија како да го прилагодат производството кон потребите на пазарот“, додава таа.

 

 

Друг прекуграничен проект (кој го спроведува Министерството за локална самоуправа, во соработка со Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија) обезбеди 2.500 маски за повеќекратна употреба, 38.000 ракавици за една употреба и дезинфициенти за раце за полициските станици во Охрид, Струга и Дебар, како и 150 пакети со храна за ранливи групи во две општини во Албанија.

 

Помош за онлајн образованието

 

Младинскиот образовен форум (МОФ), невладина организација која се фокусира на младите, организира серија онлајн часови наречена „(Из)вонредни предавања“. МОФ ја иницира програмата со објавување повик до студенти и млади професионалци кои би биле заинтересирани да ги споделат нивните истражувања и љубов кон науката. Досега се организираа пет (из)вонредни предавања со учество на 170 млади луѓе кои, со претходно регистрирање, активно се вклучија во дебатите. Отворен дијалог, интеракција и конструктивна дебата меѓу предавачите и учесниците беа главни одлики на секое предавање.

 

 

Центарот за управување со промени ја анализира издржливоста на образовниот систем во време на социјална дистанца и модерни технологии, како и неговиот капацитет да одговори на слични предизвици во иднина.

 

Поддршка за граѓанското општество

 

Проектот за техничка помош на граѓанското општество во Западен Балкан и Турција (ТАКСО 3) пренамени 25.000 евра за да им помогне на невладините организации, преку онлајн тренинзи за реагирање во вонредни и кризни ситуации, да придонесат во справувањето со кризата.

Проект кој обезбедува техничка помош за подобрување на амбиентот за работа на граѓанските организации во земјава пренамени 150.000 евра за директна помош на невладините во одговарањето на потребите на локалните заедници, како и 70.000 евра како помош за Владиниот совет за соработка со граѓанското општество, со цел таа соработка да се подобри во време на корона.

Правна/експертска помош

Проект за владеење на правото што го спроведува Хелсиншкиот комитет за човекови права подготви информации за правата и обврските во услови на ковид-19 и ја набљудува заштитата на човековите права за време на вонредната состојба. Македонската асоцијација на млади правници при Хелсиншкиот комитет отпечати летоци за правата и обврските на лицата во државен карантин. Проектот Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција подготви мултимедијален производ за тоа како треба да се спроведуваат јавните набавки во вонредна состојба. Фондацијата Отворено општество, преку проект за правда за маргинализирани групи и со помош на онлајн платформа, им обезбеди на многу граѓани правни совети за социјална заштита, права од работни односи, здравствено осигурување и мерки за помош од владата. Проектот Дијалог со граѓанските организации – платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите, меѓу другото, подготвува извештаи за владините мерки донесени во текот на пандемијата и за нивните ефекти во клучните области, како и преглед на мерките кои ЕУ ги спроведува во земјата во контекст на пандемијата. Македонското здружение за заштита при работа подготви иницијативи за спроведување на Законот за заштита при работа во услови на социјална дистанца, како и флаери со совети како подобро да се заштитат здравствените работници и другите категории кои се најизложени на ковид-19, како вработените во супермаркети, банки и во транспортната, градежната и прехранбената индустрија.

Борба против дезинформации

Како дел од нивните вообичаени портфолија, проектите Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк и Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести продолжија да работат на пресретнување дезинформации на социјалните медиуми и непрофесионално известување, овојпат поврзано со корона кризата. Тие воедно им даваат совети на новинарите како да известуваат и како да им помогнат на читателите брзо да ги проверат информациите. КриТинк продолжува да промовира едукативнии содржини од Светската здравствена организација за разбивање на митовите околу вирусот. Проблемот со дезинформациите, вклучително и во контекст на ковид-19, се третира и во проект што го спроведува Програмата за градење отпорност на заедницата кон насилен екстремизам и радикализација што води до тероризам.

Languages: