Delegation of the European Union to Algeria

#ЗаЧистоКакоДомаИсто поттикна иницијатива за чистење на Охридското Езеро

01/10/2019 - 12:30
News

Важноста на оваа акција е уште поголема ако се имаат предвид препораките на УНЕСКО за зачувување на Охридскиот регион на листата на места од светско наследство.

Амбасадорот Самуел Жбогар, неговиот заменик Џулиан Васало и други вработени во Делегацијата на Европската Унија и’ се придружија на акцијата што ја организираше Македонската асоцијација за управување со цврст отпад  (MaSWA) за чистење на Охридското Езеро, со поддршка од локални нуркачи и едриличари.  Акцијата следуваше неколку месеци откако Делегацијата ја почна кампањата #ZaCistoKakoDomaIsto со цел да го поддржи еко-активизмот низ земјава и да ги охрабри граѓаните да се грижат за јавните површини и да го чистат ѓубрето од нив со истата грижа и ревност со која се грижат и за нивните домови.

Важноста на оваа акција е уште поголема ако се има предвид фактот дека УНЕСКО неодамна препорача заштитената зона на Охрид да се стави на листата на загрозени места од светското наследство, главно поради прекумерно и несоодветно градење, но и поради зголемено загадување и фрагментација на природни живеалишта. До февруари, властите треба да спроведат поправни мерки и да го зачуваат статусот на УНЕСКО.  
 
’Ме охрабрува тоа што граѓанските иницијативи за чиста животна средина брзо се шират низ целата земја’, изјави амбасадорот Жбогар додека ги гледаше нуркачите како отстрануваат ѓубре од езерото, во еден од десетте бродови кои учествуваа во акцијата под знаме ’ЕУ за ТЕБЕ’.   

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини исто така учествуваше во настанот.  На екипата нуркачи кои го чистеа езерото им се придружи охридскиот градоначалник Константин Георгиески и заменик шефот на Делегацијата на ЕУ Џулиан Васало, кој изјави: ’Нам нуркачите секогаш ни велат дека не смееме да земеме ништо освен да фотографираме и дека не смееме да оставиме ништо зад себе освен меурчиња. Но ова чистење од страна на посветената нуркачка заедница на Охрид е корисен исклучок од тоа правило, на кое со задоволство се приклучив, и тоа не за последен пат.’
 
Охридското Езеро е едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, со единствен екосистем од светско значење и со повеќе од 200 ендемски видови. Брегот на Охридското Езеро кој и’ припаѓа на Северна Македонија беше прогласен од УНЕСКО за место на светско наследство во 1979 година, а следната година тоа ги опфати и културната и историската зона на Охрид.
 
Водени од мотото ’Го применуваме она што го зборуваме’, вработени во Делегацијата на ЕУ, предводени од амбасадорот Жбогар и во соработка со активисти, претходно учествуваа во акција за чистење на стариот дел на Охрид, а потоа, заедно со вработени во јавниот радиодифузен сервис МРТВ и телевизиски актери, во акција за чистење на кејот на реката Вардар во центарот на Скопје.   

 

Languages: