Политички и економски односи

Во декември 2005 г., поранешна Југословенска Република Македонија доби статус на земја-кандидатка за членство во ЕУ. На 18 февруари 2008 г., Советот го усвои Партнерството за пристапување за земјата, а со тоа беше ажурирано претходното Европско партнерство од јануари 2006. Безвизниот режим за граѓаните на поранешна Југословенска Република Македонија во Шенген-зоната беше доделен на 19 декември 2009 г.

Поранешна Југословенска Република Македонија беше прва од земјите на Западен Балкан што потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација (SAA). Договорот беше потпишан на 9 април 2001 г., а стапи во сила на 1 април 2004 г.  Времената спогодба, која опфаќа аспекти од трговијата и аспекти кои се поврзани со трговијата, стапи во сила во јуни 2001 г.

ЕУ е најважниот трговски партнер на земјата и е застапена со 60% од извозот и 48% од увозот на земјата. Регионот на Западен Балкан (или новиот регион ЦЕФТА) е вториот по важност трговски партнер, со 35% од извозот и 11% од увозот на земјата. Структурата на извозот останува многу концентрирана на неколку производи, од кои најзначајни се фероникелот, железото и челикот, и текстилните производи. Главно се увезува сирова нафта, електрична енергија, челични производи и возила.

Во март 2000 г., Европскиот совет во Лисабон утврди дека на Договорите за стабилизација и асоцијација (ДСА) со земјите од Западен Балкан, кои вклучуваат воспоставување слободни трговски зони, треба да им претходи асиметрична трговска либерализација. Договорите за стабилизација и асоцијација целат кон подобрување на постојните трговски повластици и трговска либерализација од 95% на извозот од земјите со ДСА кон ЕУ. Оваа исклучителна мерка стапи во сила за сите земји што се опфатени со Процесот на стабилизација и асоцијација (ПСА) на 1 декември 2000 г., и е условена со обврската на опфатените земји да се вклучат во делотворни економски реформи и регионална трговска соработка.